Симона Живковска, актерка: „Глумев со Скарлет Јохансон, работев во машки затвор, а во детството берев цреши во село Бразда“
Какво беше твоето детство во Македонија? На што се сеќаваш најмногу?
Моето детство во Македонија денес ми изгледа како сон.
Во тоа време не бев изложена на она на што се изложени децата сега.
Пораснав во селото Бразда. Се качував на црешите, берев разни овошја и зеленчуци од нивите, готвев со баба ми.
Тоа беше еден од најдобрите периоди во мојот живот.
Потекнуваш од мешано семејство, мајка од Македонија, татко ти од Сент Мартин… Колку тоа ти беше проблем додека растеше во Скопје? Те гледаа ли децата поинаку или никогаш си немала проблеми?
Бев многу мала кога одев на училиште во Скопје, па и не се сеќавам на многу работи, да бидам искрена.
Се сеќавам дека сите зјапаа во мене, но мајка ми секогаш ми велеше дека тоа е затоа што сум многу убава.
Ако некогаш имало некакви проблеми, јас не сум била свесна за нив и веројатно сум била заштитена со позитивните афирмации што ги добивав од мајка ми и од семејството.
Тука имаш голема фамилија. Колку си блиска со нив?
Многу сме блиски. Се слушаме и разговараме постојано. Особено сум блиска со моите братучеди Мила, Јордан и Стефанија.
Кое ти е омилено место за излегување кога ќе дојдеш во Скопје?
Ова навистина зависи од плановите што ги правиме со пријателите и семејството. Но, најчесто одиме во кафулиња или во ресторани.
Ти се случува ли да те препознае некој во Скопје?
Мислам дека понекогаш ме препознаваат. Но никогаш сум немала проблем да се шетам сама наоколу.
А како реагираат во кафуле или во продавница, кога ќе им се обратиш на чист македонски?
Претпоставувам дека повеќето луѓе се пријатно изненадени, а потоа им треба малку време да сфатат што се случило и дека им зборувам на македонски.
Кој ти е омилениот македонски специјалитет? Што сакаш да ти готви најмногу баба ти кога си тука?
Мислам дека сите знаат дека сум апсолутно опседната со бурек и симит-погача. Ја сакам македонската храна.
Пораснав јадејќи македонски специјалитети во Англија, бидејќи мајка ми ми ги готвеше.
Сакам полнети пиперки, гравче тавче и убава скара.
За што најмногу разговарате со баба ти додека пиете кафе? Знаеш ли да свртиш филџан за да ти гледа?
Со баба ми зборуваме апсолутно за сè. Можеби најмногу за храната ха, ха, ха!
Кога бев помлада, знаев да го свртам филџанот и се обидував да ги прочитам фигурите за забава. Сега скоро и да не го правам тоа.
Како ти оди готвењето? Знаеш ли да направиш некое традиционално македонско јадење?
Обожавам да готвам. Од 8-годишна возраст подготвував вечери за семејството.
Можам да направам неколку различни македонски, но и карипски јадења.
Кога бев во Скопје минатиот месец купив готвач со македонски рецепти. Значи, моите вештини значајно ќе се подобрат.
Ги каниш ли пријателите од Англија на гозба со македонски јадења? Им се допаѓаат ли?
Кога пријателите ми доаѓаат на гости, секогаш им подготвувам македонска храна.
Повеќето од нив обожаваат ајвар. Не разбираат што е, ама се опседнати со него.
Ако се сеќавам убаво, вие во Лондон славите и слава… Ти доаѓаат ли тогаш најблиските на гости или ја правите славата само со пријатели од Балканот?
Моите најблиски и најдраги пријатели се секогаш поканети во мојот дом, без оглед која е причината за прослава или нивното потекло.
Живееш во Лондон, таму се брат ти и мајка ти… Каков ви е животот во Англија? Знаеше ли англиски кога се преселивте?
Животот во Британија е одличен. Јас сум многу среќна и благословена што живеам на место што нуди бескрајни можности.
Инаку, не знаев ни збор англиски пред да се преселам тука, но бидејќи бев многу мала, многу лесно го научив јазикот.
Порано работеше и во машки затвор, со осудени затвореници. Какво искуство беше тоа, што работеше?
Ова беше одлично искуство. Работев со млади луѓе на кои им помагав да пишуваат текстови, приказни и сценарија за драми и да ги раскажат своите приказни на терапевтски начин.
На овој начин тие полесно проаѓаа низ траумите што ги доживеале.
Сметам дека ова е вистински благослов.
Сигурна сум дека Бог ме ставил на Земјата за да им помагам на луѓето.
Сè додека ја работам неговата работа, чувствувам дека ја исполнувам мојата цел во животот.
Но ти беше вклучена и во активности што им помагаат на девојките што се жртви на семејно и сексуално насилство… Каква помош им нудеше?
Со девојките имавме терапевтски сесии за пишување. Ова вклучуваше поезија и раскази.
Сигурна сум дека ова им помагаше да си ја намалат траумата низ која поминале, а во исто време да ја преземат моќта над својот живот во свои раце.
Што е следно? Какви ти се професионалните планови за оваа година?
Неодамна го завршив снимањето на последниот проект, па сега се надевам дека ќе можам да работам нешто во Македонија или на Балканот.
Би сакала да запознаам и да работам со професионалци кои размислуваат исто како мене, па заедно да раскажуваме важни приказни.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело