Мартин Трајановски: „Ја сликав Туна додека се породуваше, фотосесијата со Васил Гарванлиев за Евровизија ми ги отвори вратите кон ѕвездите“
Стекна ли пријателства преку работата, некој што ти бил клиент сега да сте блиски?
Да. И многу сум среќен што можам тоа да го кажам. Особено што тоа можам да го кажам за ѕвезди кои навистина биле мои идоли и луѓе на кои сум се угледувал целиот мој живот.
Фотографираш и провокативни фотки, разголени, по долна облека… Се срамат ли Македонките да се соблечат за фотосесија или се слободни пред тебе?
Во принцип, да. За жал терминот „провокативни фотографии“ во Македонија според мене се толкува многу погрешно и многу често се поврзува со нешто што е промискуитетно или истото изгледа евтино.
Таканаречените разголени фотографии се начин на изразување. Никогаш не сфатив што е тука лошо. Не гледам никаква разлика помеѓу т.н. културно стилизирана девојка и провокативно стилизиран аутфит.
Сè е до нашите ставови и гледишта. И двете имаат некаква цел што сакаат да ја постигнат и двете допираат до некаква таргетирана публика. Да расчистиме една работа – тоа што на некој нешто не му се допаѓа, не го прави нештото лошо.
Првиот момент кога ќе почувствуваш дека некоја девојка не ти се допаѓа како е стилизирана или испрезентирана, тоа е првиот момент кога треба да сфатиш дека таквото презентирање не е твое поле на интерес и треба да се повлечеш од каква било комуникација со неа.
За жал, најчесто следниот чекор е класичен булинг врз личноста, бидејќи не се разбира нејзиното јавно претставување.
Која е најчудната, најневообичаена фотосесија што си ја направил? Раскажи ни што се случуваше, со кого сликаше?
Голем дел од оние кои ја следат мојата работа или работата на мојата пријателка и соработничка, албанската поп-ѕвезда Туна, знаат дека јас ги направив првите фотографии од нејзиното породување со вториот син Зен.
Верувајте ми дека до ден-денес се случува некој да ми пријде и да ми каже: „Добро бе, како не се онесвести таму во тоа оперативната сала?“
Имало ли ситуации кога ти било мака од сликање, не ти одговара енергијата на тој што го фотографираш, кога само сакаш сè да заврши? Дали си и тогаш професионалец до крај или може да се забележи дека нешто не ти е по мерак?
Хммм, ќе треба да ги прашаш клиентите за тоа.
Да не се лажеме, секој од нас има лош ден и на секој од нас му се случило да треба да работи во момент кога не му е до ништо на светот.
Секако дека ми се случило и искрено немам никаков проблем со тоа.
Некогаш е до мене, некогаш е до денот, некогаш е до клиентот, но што и да се случува, секогаш и засекогаш ќе биде до енергијата.
Си одбил ли некогаш некого за фотографирање? Не поради немање време, туку затоа што не сакаш?
Да, ми се случило и искрено мислам дека е многу здрав начин на размислување и функционирање, неважно во која професија делувате.
Има ли некој што ти доаѓа со нереални барања? Кое е најчудното барање што си го добил?
Па да, се случува да добијам барања што се сметале за нереални. Ми се случувало да добивам насоки за видно намалување на телесната тежина која немала никаква врска со реалноста, па поради тоа и не сум ги прифатил тие соработки.
Те бараат ли да им сликаш свадби или свадбени фотосесии, крштевки, настани? Си прифатил ли некогаш?
На почетоците, да, се случуваше да ме контактираат за фотографирање настани, но во старт си поставив некои правила што сакам да ги почитувам во име на квалитетната работа.
Јас сум првиот што ќе ти предложи колега кој лично знам дека е специјализиран за таа област и кој совршено ќе одговори на зададениот ангажман.
Тотално сум за заедничко поддржување и колегијалност. За жал, во мојава професија тоа е сведено на минимум, а на моменти скоро и да ја нема. Мојот успех некогаш нема да биде твој неуспех. Кратко и јасно.
Кои се триковите што им ги откриваш на твоите модели кога позираат? Што е потребно да направат додека позираат за да направите заедно добра фотка (ова нека биде совет и за оние што се сликаат за на Инстаграм и бараат другарките да ги сликаат)?
Да се прифатат самите себе такви какви што се! Сè друго се средува во Фотошоп. Секако дека се шегувам.
Но, сериозно, човекот што се има прифатено таков каков што е, нема никогаш да има проблем пред камера, нема никогаш да слушне „ајде опушти се малку, здрвен си ми“ или што било слично. Нивната прифатеност се рефлектира на моите фотографии.
А кои се најголемите грешки што ги прави некој кога позира? Што мора да избегнува?
Според мене, најголемите грешки се случуваат кога човекот што се фотографира не е запознат со сопственото лице и тело.
Следствено на тоа, не е задоволен од изразот што го добива на фотографија. Позирањето е нешто што може да биде коригирано и унапредено.
Практика, практика и само практика!
Колку сакаш да се сликаш ти? Ти се случува ли да застанеш да позираш пред апарат (мобилен не се важи)?
Многу често ми се случува да добивам коментари од типот: „Не познавам друг фотограф што нема никаков проблем пред камера како тебе“ и за волја на вистината тоа е така. Едноставно претпоставувам дека таков сум роден.
Како мал, бев дел од детското драмско студио што го водеше актерката Магдалена Ризова Черних и тоа беше навистина еден прекрасен период од моето детство каде што сценското претставување беше правило број еден за нас како идни глумци во тоа време.
Потоа, на некои 10, 11 години ме запиша мајка ми на игроорна во КУД „Кочо Рацин“ и тука искусив сосема различен тип на настап и победување на тремата.
Технички гледано, јас сум бил пред камера далеку повеќе од тоа што сум зад камера.
Ти бараат ли пријателите да ги сликаш додека сте излезени, за ете, да имаат фотки за на Инстаграм?
Секако дека да! И јас би барал да сум на нивно место. Тоа е веќе секојдневие коешто секогаш го правам со задоволство. Што мислите, кои беа моите први модели кога почнував да го опипувам теренот за фотографија и полека да сфаќам дека тоа е тоа?
Не гледам зошто би ги одбивал. Не се сеќавам дали имам пријател/познаник што барем еднаш ме нема замолено да му изработам една, како што тие велат, филмска фотографија. Поздрав до моите најблиски пријатели, ве сакам најмногу!