Марина од Скопје, 12 години живее во Тајланд: „Се вљубив во Тајланѓанец, сега работам како учителка и имаме 2 деца“
Како е да се биде учителка во приватно училиште? Какви се условите?
Во ова приватно училиште работам скоро 7 години, има повеќе од 1.000 ученици и 300 вработени и сè функционираа одлично, односно сè е организирано.
Секој знае кои му се должностите кога ќе дојде на работа и секој си ги исполнува своите задолженија.
Работата започнува од 7:30 до 16:00, секој има активности наутро - дали е поздравување на ученици и родители или утрински активности, односно анимирање на учениците кои се порано дојдени.
Училишниот ден започнува со состанување на сите надвор, се пее химната, оддава почит кон знамето кое се крева, се споделува некоја добра мисла, корисна навика и секоја недела се делат награди за ученици кои биле на натпреварувања и постигнале некој успех.
Часовите траат 50 минути, во оваа група каде предавам градинка – КГ 1 тие се на 4-годишна возраст, и моментално им предавам три предмети како математика, општо познавање на животот и фонетика.
По секој предмет имаат книги (боиме, читаме, пишуваме), кои ние ги прегледуваме со печат, дата име презиме, а потоа книгите ги проверуваат нашите координатори пред да им бидат вратени на учениците на крајот од годината.
Сите сме со униформи, ученици и вработени во зависност од денот, и искрено тоа е нешто што најмногу ми се допаѓа, нема поделби кај децата и кај нас вработените, а и убаво изгледа кога сите се исто облечени, посебно на церемонии и групни активности, кои ги има преку цела година.
Во ова училиште почнав со работа по препорака на еден пријател на сопругот и моментално сум задоволна и исполнета со мојата работа како учителка и сите среќни деца околу мене.
Морам да напоменам ова училиште на чело со директорката ми помогнаа да аплицирам за лиценца за наставници од Советот на наставници во Тајланд, и од февруари 2022 година официјално го запишавме Факултетот за физичка култура и спорт од Скопје, Р. Македонија во оваа важна институција во Тајланд.
Тешко ли го научи јазикот? Што сè имаш работено досега? Како успеа да се вработиш во градинка?
Тајландскиот јазик е тонски јазик со пет тона и потребно е доста време да го слушаш, да ти влезе во глава, различен е од останатите.
Доколку не го изговориш правилно тонот, зборот може да има друго значење, па едноставно се внимава како се изговара секој тон и збор.
Јас најдобро се снаоѓам и практикувам да зборувам со моите ученици. Тие се 4-6 годишна возраст и да погрешам нешто знам дека нема да ми замерат.
Имам уште доста да учам, тука се моите деца кои ќе ми помогнат, тие мене тајландски, јас нив англиски и македонски.
Освен како наставник и сега учителка, сум работела првите 3 години на островот Кох Панган во ресорт на плажа за време на забавите на полна месечина по кои е познато местото и каде го запознав мојот сопруг.
Што те иритира најмногу во стилот на живот таму?
Искрено ништо не ме иритира кај нив, тие се секогаш услужливи, фини, насмеани и тешко да дојде до тоа.
Што те воодушевува најмногу секојдневно?
Ме воодушевува нивната смиреност, почит кон сè, насмеано лице, иако се кријат безброј маки, проблеми, тешкотии и секој ден сè повеќе им се восхитувам.
На пример неодамна го заборавив клучот на мотоциклот кога се паркирав на работа и после 8 часа си беше на место. Ако оставите кеси од маркет, торба со лични работи, велосипеди незаклучени, никој нема да се осмели да земе, едноставно не крадат.
Какво темпо на живот водат локалците? Имаат ли локалците интересни навики во секојдневието?
Можам да забележам дека Tајланѓаните водат здрав начин на живот, спортуваат уште рано наутро, па и попладне.
Во повеќето паркови има аеробик за симболична сума, кој колку има пари остава. Активни се од рано наутро и како што спомнав погоре, ретко да се види некој маркет, ресторан, бизнис, затворен повеќе од 3-4 дена за одмор на поголеми празници, па така имаат повеќе кратки одмори во текот на годината.
Најинтересно кај нив е потребата, навиката да се игра лото, наоѓаат бројчиња во сè, секој број што ќе ти дојде на ум или ќе го видиш во која било форма, и навистина функционира можеби не често, но знае да се погоди среќата понекогаш.
Каков е стандардот на живот?
Животниот стандард во Тајланд е достапен за сите, во зависност од градот и местото, дали има иселеници и туристи зависи и такви ќе бидат цените.
На пример оброк во нормален таи-ресторан за двајца е 150 денари, а во поскап ресторан 1.000 денари. Кафе е околу 100 денари, пиво таи 90 денари, леб 30-50 денари, ориз 1kg 60 денари, поскапи се чоколадите, на пример Милка 170-200 денари, кашкавал 300g e 700 денари, сирење, кое тешко се наоѓа, околу 500 денари итн.
Сите производи кои не се нивно производство се двојно или тројно поскапи, за разлика од тајландските производи кои се евтини и достапни за сите.
Кое е најубавото место таму?
Има прекрасни острови и градови во Тајланд, јас ќе го издвојам островот Кох Панган. Tоа е место каде сум поминала 3 години и сум го запознала сопругот, мал рај плажи со бел ситен песок и тиркизно море.
Морам да ги спомнам тука и Пи Пи, Краби, Пукет, Кох Липе и сите помали и поголеми острови кои се наоѓаат околу Андаман Морето, кое излегува на Индискиот Океан.
Шеташ ли низ Тајланд, си посетила ли околни земји? Каде одат локалците на одмор?
Патуваме кога имаме слободно време околу Тајланд, најчесто со автомобил затоа што може да застанеме и преспиеме каде сакаме.
Исто така патуваме и надвор од Тајланд, најчесто во соседните земји како Лаос, Виетнам, Малезија, Камбоџа, затоа што се блиску и лесно може да се посетат.
Тајланѓаните сакаат да патуваат во својата земја и доста често ќе видите помали и поголеми групи како патуваат, не се сончаат затоа што брзо потемнуваат, обожаваат да се фотографираат и да јадат.
Можам да забележам дека патуваат и надвор од Тајланд и тоа најчесто се азиските земји Јужна Кореја, Јапонија, Сингапур, Кина, кои се доста блиску и со пристапни авионски билети.