Благојче Атанасоски: „Најдов евтин лет и ја посетив островската земја Кабо Верде - совршени плажи и релаксиран народ“
Дали има експлозија од бои? Како живеат локалците?
И тоа каква. Шареноликоста е присутна насекаде.
Скоро секој нивни дом, колку и да е скромен е обоен во различни колоритни бои, и се чувствувате како да сте во разгледница. Тоа му дава специфичен, карактеристичен, особен дух на самото место и го прави многу убаво, и покрај сиромаштијата, карактеристична за Африка.
Локалците живеат скромно, во мали еднокатни куќи, но морам да нагласам, дека за разлика од екстремната африканска сиромаштија, за која сме гледале, читале и слушале, тука не е така: многу млади работат во многубројните кафулиња и ресторани, кои се на секој чекор, и се модерно облечени.
Најнепријатен настан оттаму…
Немав искрено. Единствено може да имате, мал „проблем“ со слаб доток на вода, но тоа се решава во истиот ден, бидејќи има задолжена фирма која го средува тоа.
Сепак е Африка, и мораме да бидеме спремни на сè, односно на ситуации кои се незамисливи за нас Европејците. Се разбира, немав, никакви замерки.
Колку се внимава на хигиената по улиците?
Можам да кажам прилично многу. Дури, беше почисто од кај нас, односно од нашите улици. Барем во тие улички низ кои се движев.
За главната туристичка улица и не станува збор, мислите дека се наоѓате во средоземна Шпанија.
Дали е тоа наследен дел од нивната европска култура, дали е добро организирана нивната комунална служба, или внимаваат бидејќи се свесни дека имаат многу туристи, не знам, но дефинитивно треба да учиме од локалците таму, за чистотата по улиците.
Имаше ли многу туристи?
Да. Најчесто од Северна Европа (Скандинавците), бидејќи имаат директен лет, и „бегаат“ од своите ладни земји во овој период од годината, на оваа егзотична дестинација.
Имаше од сите возрасти: млади, млади брачни парови со деца и пензионери. Секој, кој сака да одмори и да ужива во благодатите на оваа земја.
Интересно, рестораните и локалите ги држеа Европејци и Американци, а во нив работеа локалните жители.
Сопственици на мини маркетите беа пак од азиско потекло. Сè на сè, интересен микс на одлична човечка кохабитација од сите континенти.
Каква е храната?
Класичната африканска храна е многу слична на нашата, но зачинета (не колку азиската). Односно, готвеното пилешко, свинско, зачинетиот ориз, салати, тестенини се слични како нашата кујна.
Се разбира, морската храна е, нешто, што морате да го пробате, и имаат ресторани во кои со отворена карта, можете да се најадете и да пробате разни морски деликатеси.
Каква е водата за капење во овој период од годината?
Прилично ладна, но одлична за освежување, од сонцето кое и покрај тоа што е 25 степени, ве пече.
Бидејќи е отворен океан, и има постојано ветер, има многу бранови и е одлично за почетници сурфери, кои ги имаше многу.
За пливање на далечина, не е препорачливо, бидејќи брановите се големи, и може да ве повлечат.