Дена Кузмановска: „Бев во Доминиканската Република 5 пати, има рајски плажи и топло Карипско Море, но и огромна сиромаштија“
- Детали
- вторник, 14 февруари 2023
„Ме воодушевија бесконечните, бели прекрасни плажи и небесно синиот океан, кој прави да се чувствувате како да сте биле на Малдиви, но за многу попристапни цени за нас. Но, вработените во ресортите се навистина слабо платени, а и нè советуваа да не шетаме без придружба надвор од комплексот...“, вели Дена Кузмановска (32) од Скопје, која 9 години живее во САД, а обожава на одмор да оди во Доминиканската Република.
Дена Кузмановска (32) од Скопје живее во САД и работи за мала компанија која се занимава со рачна изработка на накит, направен од кристали и бисери. Покрај тоа што е дел од процесот на изработка, таа е и лице на компанијата, кое го претставува брендот за накит на разни саеми или уметнички шоуа.
Од Чикаго до Мичиген, Дена вели дека постојано има ваков тип на шоуа на разни места, за кои мора однапред да конкурирате и судии да проценат дали сте доволно добри за да учествувате.
Во САД Дена живее веќе 9 години, а оттаму посетува многу рајски дестинации, меѓу кои најсилен впечаток ѝ оставила Доминиканската Република, па затоа досега ја има посетено дури 5 пати.
За CRNOBELO.com, таа ги споделува своите впечатоци оттаму:
Зошто токму Доминиканската Република како дестинација за одмор?
Доминиканска Република стана мој избор, најмногу затоа што мене ми е на само 3 часа авионски лет од Њујорк и заради прекрасните карипски, долги, бескрајни плажи.
Со сè комплет вклучено, повратен билет од САД чини околу 300 долари.
Но, и карактерот на луѓето во Доминиканската Република има големо влијание во мојот избор. Тие се навистина топли и многу весели души. Прават да се чувствуваш како да си дома, во мигот штом стапнеш на нивно тло.
Зошто ти се допадна Доминиканската Република уште на првото стапнување таму?
Како што напоменав, едноставно не можев да одолеам на синилото кое ме обзеде при самото стапнување таму, а и самите луѓе одиграа голема улога со нивниот гостопримлив начин на однесување и со нивната топлина со која зрачат, поинаку од сите други народи кои сум имала можност да ги запознаам.
Во што е магијата на оваа земја?
Дефинитивно, бесконечните, бели прекрасни плажи и небесно син океан, кој прави да се чувствувате како да сте биле на Малдиви, но за многу попристапни цени за нас.
И, секако, нивната специфична храна која е многу вкусна, во комбинација со шармот на домаќините, кои сакаат да се почувствувате навистина како да сте дома.
Топлината на тие луѓе е нешто незаборавно, за кое вреди да се одбере да поминете некое време под карипските палми во Доминиканската Република.
Долови ни ја атмосферата...
За атмосферата ќе кажам само многу танцување и музика, проследено со нежните звуци на палмите и океанските бранови.
Што те воодушеви најмногу таму?
Никогаш нема да го заборавам патувањето со брод до островот Саона и поминувањето со истиот покрај местата, каде што е снимен филмот „The Blue Lagoon“ (Плава Лагуна) со Брук Шилдс, каде што имавме можност да видиме каде точно биле снимени дел од сцените на филмот.
А прекрасните домаќини навистина направија да се почувствуваме како да сме дел од самиот филм со нивното однесување.
Имаше ли многу туристи? Од кои земји? Сретна ли Македонци?
Во сите 5 мои досегашни посети на Доминиканска Република секогаш имало многу туристи, од различни страни на светот. Наидов на многу луѓе од Чешка, Германија, Канада, Русија, Мексико, а имаше и доста посетители и од самата Доминиканска Република, само од друг крај на државата.
Македонци немав можност да сретнам, но затоа се најдовме со една фина група на белграѓани, млади Срби кои во парови одлучиле да го прослават својот меден месец под карипското сонце.
Какво темпо на живот водат локалците? Имаат ли локалците интересни навики во секојдневието?
Животот на локалците се одвива во едно многу побавно темпо отколку што сме ние научени на пример во Скопје или Њујорк.
Луѓето навистина немаат многу, но затоа пак од тоа што сум успеала да забележам е дека се многу порасположени и понасмеани од луѓето во Њујорк.
За интересни навики во самото секојдневие не би можела да кажам многу со оглед на тоа што кога и да сум била во Доминиканска Република, поголемиот дел од времето сме го поминувале во самиот ресорт и со други туристи во истиот.
Единствените излегувања биле само со организирани екскурзии, како на пример возење со АТВ, парасејлинг, возење со ЗИП линија или екскурзија до островот Саона.
Има и низа други активности кои нè извадија од самиот ресорт, но кои сепак не се доволни за да се доловат некои интересни навики на локалците, од мој аспект како посетител.