Сандра Малетски за животот на Филипини: „Ме плашеа тајфуните и вулканските ерупции, но Филипинците постојано си пеат“
Имаше ли некој непријатен миг таму?
Имаше, моментот кога на пешачки премин ми го украдоа паричникот што за местото во коешто живеевме е екстремно ретко нешто да се случи. За среќа, благодарение на мојот сопруг и полицијата ми беше вратен по само еден час.
Кое е најубавото место таму?
За мене најубавото место кое некогаш сум го посетила е ресортот Amanpulo. Местото изгледа како фотографија од каталог во туристичка агенција.
Целиот остров е само ресортот, оставена е природата онаква каква што е и личеше на мини џунгла. Слободно си шетаа наоколу гуштери долги и до еден метар.
Какви се локалците кога станува збор за љубовните врски? Какви ставови имаат во поглед на бракот?
Филипини е многу религиозна католичка земја. Таму разводот е забранет, а за да се стапи во брак треба да се помине курс од неколку дена со свештено лице, кое доколку смета дека сте подготвени за брак треба да ви даде дозвола за истиот.
Какви се локалците кога станува збор за пријателствата?
Многу пријателски настроени, топли и љубезни. Дури и на улица може непознати луѓе да ти се насмевнат и да те поздрават особено ако си странец.
Пред да одиме во Филипини што треба да знаеме?
Во Филипини има многу комарци кои предизвикуваат вирус Денге (Dengue fever), опасен е особено за мали деца. Затоа секогаш, без исклучок, не треба да излегувате од дома без средство против комарци. Иако во модерните градови и туристичките дестинации постојано се прска против овој тип на комарци, сепак има случаи.
Исто така, сонцето е многу силно, па крема со заштитен фактор е нешто без кое исто така не треба да го напуштате домот.
Би се вратила ли некогаш да живееш таму?
Повторно да живеам, не знам искрено. Не е баш едноставно да се спакуваш со мало дете и да отидеш на другата страна од светот и на друг континент. Иако морам да признаам Миа многу лесно се адаптираше таму и кога се вративме првите неколку месеци бараше да се вратиме таму.
Но, како турист би се вратила со сигурност, има многу места кои иако ни беа испланирани не успеавме да ги посетиме заради ограничувањата поради вирусот. Кога повторно би се отворила земјата за туристи, би сакала да се врата и да посетам уште неколку места.