Сандра Малетски за животот на Филипини: „Ме плашеа тајфуните и вулканските ерупции, но Филипинците постојано си пеат“
Какво темпо на живот водат локалците?
Многу бавен, сè се одвива полека, без брзање. Ние сме многу понервозен народ за разлика од нив.
Пример во банка сите тивко си седат и си чекаат со часови, во супермаркет нема турканици и нервозно тупкање во место, а доколку повикаш тим за проблем со телевизија или интернет може да си почекаш и до две седмици, што за нив е сосема нормално нешто.
Имаат ли интересни навики во секојдневието?
Сите пеат! Многу сакаат да пеат, може да си влезеш во продавница и вработените да си пеат додека редат по полиците. Во петок вечер секогаш се слушаше караоке од малите куќарки наспроти нашата зграда.
Многу се религиозни, во недела одат во црква на миса. Кога почна целата ситуација со вирусот мисите се одржуваа на отворено, а пак кога беше забрането групирање се слушаше звукот на мисата од блиската католичка црква во цел град. Цркви има дури и во трговските центри.
Што те нервираше најмногу таму?
Не можам да кажам дека нешто посебно ме нервираше, повеќе знаеше да ме исплаши. Живеевме на 22-ри кат од 60-катница и кога се случуваше да има земјотрес во 3 часот по полноќ беше доста страшно искуство.
Тајфуните исто така не беа баш пријатни, а вулканот беше капак на сè.
Каков е јавниот превоз?
Најраспространет и најевтин јавен превоз е Џипни (Jeepny), тие се нешто како минибус кој е отворен и без прозорци, препознатливи се по нивниот кич дизајн. Сите се шарени, позитивни и интересни и секое возило е уникатно само по себе.
Џипни е еден вид национален симбол на Филипини.
Висок ли е стандардот на живот? Некоја цена оттаму кафе/пиво…
Стандардот во BGC е многу висок и животот таму е исклучително скап во споредба со другите гратчиња. На пример кирија за еднособен стан почнува од 1.000 евра. Продуктите во супермаркетите се 3 пати поскапи од други места во Филипини, како и рестораните.
Старбакс има буквално на секој чекор, цената на кафето таму започнува од 200 денари, па нагоре.
Доколку купувате продукти од филипинско производство тие се далеку поевтини од увозните продукти од Европа и Австралија. Тоа што за нас е секојдневно овошје таму е егзотично, така што 6 мали јаболка беа со цена од 600 денари, а една папаја беше 60 денари за килограм. Грозјето чинеше 900 денари за килограм, додека килограм манго во сезона чини 180 денари.
Би ја препорачала ли оваа земја како туристичка дестинација?
Да! Дефинитивно би ја препорачала како туристичка дестинација. Ова е една прекрасна земја која со сигурност нема да ве остави рамнодушни. Само избегнувајте ја дождовната сезона и задолжително носете си спреј против комарци.