Филип Димовски: „Работам 7 години како стјуард, посетив 102 држави - Иран ме маѓепса, а во Нигерија е опасно“
- Детали
- вторник, 25 јануари 2022
„Катар се смета за една од најбогатите држави во светот, а со тоа доаѓаат и едни од највисоките цени на светот, каде што на пример средна цена на кафе е 500 денари и најобичен оброк во ресторан почнува од 2.300 денари. И да, да не заборавиме, во лето е топло, многу топло …“, раскажува Филип Димовски (30) од Скопје, кој работи како стјуард во Qatar Airways со седиште во Доха, Катар.
Филип Димовски (30) во последните 7 години работи како стјуард за авиокомпанијата - Qatar Airways, за која вели дека е најдобрата авиокомпанија во светот
Благодарение на работата го живее својот сон да го истражи светот и досега има посетено 102 земји, а авантурите ги споделува на Инстаграм.
Филип за CRNOBELO.com споделува како изгледа неговата работа и кои земји му оставиле најсилен впечаток:
Како се одлучи за оваа професија?
Да бидам искрен, и самиот сè уште се прашувам, но приказната почна со мал банер на Фејсбук. Годината е 2015-та, реклама за отворен ден во Скопје.
Видов, игнорирав и продолжив со вообичаеното скролање како и секогаш. Комплетно и да заборавив на тоа, сè додека не договорив кафе со другарка која ми направи муабет за нејзин другар, стјуард, кој го живее животот патувајќи низ светот секојдневно.
Дојдов дома, аплицирав и сè останато е историја. Седум години подоцна, по посетени 102 држави, еве ме, правам планови за следната.
Која е најдобрата и најлошата страна да се биде стјуард?
Како и секоја останата работа, така и оваа има добри и лоши страни. Не би можел да кажам дека е најдобрата работа на светот и дека само влегувам во авион во Доха, јадам кавијар и се симнувам во Париз каде што директно излегувам пред Ајфеловата кула и објавувам фотографија на Инстаграм.
Секако, дел од претходната реченица е точен, меѓутоа во реалноста има некои работи за кои никој не зборува. Џет лег, временски и климатски разлики, напорни летови, тешки патници, специфични колеги се само некои од проблемите со кои редовно се соочуваме.
Меѓутоа кога ќе заврши летот, почнува забавата. Имав можност да посетам специфични дестинации за кои претпоставувам дека никогаш не би имал можност да ги посетам во нормални услови.
Како изгледаше твоето интервју за работа? Какви критериуми беше потребно да исполниш?
Интервјуто е многу едноставно. Сè што треба да се понесе е самоувереност и добар вајб. Има неколку кругови, но доколку зборувате добро англиски јазик, имате одреден шарм и сте спремни за работа во тим и мулти-национална компанија, ви гарантирам дека сè ќе биде во ред.
Критериумите се менуваат скоро секоја година, но секако истите ќе бидат објавени кога се аплицира за отворен ден.
Работиш за авиокомпанија со седиште во Доха, Катар, колку животот таму е поразличен од животот во Македонија?
Авиокомпанијата е со седиште во Доха, Катар и мора да кажам дека животот таму е многу поразличен од Македонија.
Не знам ни од каде да почнам… како и сè останато, и тоа има добри и лоши страни.
Катар се смета за една од најбогатите држави во светот, а со тоа доаѓаат и едни од највисоките цени на светот, каде што на пример средна цена на кафе е 500 денари и најобичен оброк во ресторан почнува од 2.300 денари.
И да, да не заборавиме, во лето е топло, многу топло. Сите активности во тој период се во климатизирани средини. Од пред неколку години отворени се и климатизирани паркови и климатизирани улици полни со кафулиња на отворено.
Незаборавен момент кој ти се случил за време на некое патување е…
Би можел да издвојам дел од последното патување во Гватемала каде што поминав два дена качувајќи се на активен вулкан. Два дена, 8 km и температура од-10 степени на врвот. Меѓутоа вреди.
Да стоите само неколку метри од кратерот на активен вулкан кој фрла лава и има константни ерупции и да ги чувствувате потресите под вашите нозе е нешто различно.
Држава во која со задоволство се враќаш одново и одново е…
Тоа дефинитивно мислам дека е Иран. Прекрасни луѓе, неверојатна храна и места кои мора да се видат и посетат. Ни на сон не очекував дека Иран така ќе ме маѓепса.
Доколку сакате место кое можете лесно да го посетите, тогаш ова не е дестинација за вас. Планирањето е кошмар! Поради економски рестрикции од Европа и Америка заборавете на резервирање хотели онлајн, плаќање со платежни картички или купување на авионски карти преку интернет.
Сè мора да оди со посредници, лични контакти и препораки. Меѓутоа ако успеете, верувајте ми, секој напор вреди за тоа што тука би го доживеале.