Пар споделува камперско искуство од Козјак: „Печевме колбаси на стапчиња, уживавме во розовото небо“
- Детали
- понеделник, 22 ноември 2021
Ирина и Никола запалиле огинче, врзале хамок, наздравиле со чаша вино на зајдисонце и велат дека на Козјак го имале највкусниот оброк во животот. За CRNOBELO.com тие го раскажуваат своето камперско искуство…
Ирина Алексовска (26) од Скопје, по професија финансиски администратор, заедно со својот партнер за авантури Никола Крстев беше на кампување на Козјак.
Нивните фотографии оттаму зрачат со есенска идила.
Ирина го доловува своето камперско искуство за CRNOBELO.com:
„Загушени од модерниот свет, корона состојбата и канцелариските ѕидови, јас, заедно со мојот партнер за авантури Никола во изминатава година решивме да уживаме во што е можно повеќе природни убавини на свеж воздух, далеку од метежот, гужвата и ковид 19 заштитната опрема, со цел креирање позитивна приказна од животот во пандемија, која ќе биде одлична за раскажување за добар сон во иднина.
Па, така патувањата низ Македонија на места кои не сме ги посетиле досега ни стана позитивна опсесија. Од авантурите од оваа година како фаворит го издвојуваме нашето кампување, кое ќе го наречам Чекор 1 за впуштање во камперските води.
Следејќи ја временската прогноза која ветуваше последен најтопол викенд за оваа година, се решивме за бегство од секојдневната рутина и се пуштивме во акција.
Обезбедивме намирници за викенд во природа под ведро небо. Потоа следуваше пакување на ранци, шатор, хамок, вкусна храна, мноогу чај за добро утро, винце за добро попладне и вечер, телефон/фотоапарат за правење спомени, плејлиста со омилените песни и секако сродна душа со која ќе ги делиме спомените! Тоа се оние топ 10 работи кои ги понесовме заедно со нашиот авантуристички дух.
Утро, 05 часот, дестинација Езеро Козјак, заедно со Јасен Планина. Веќе добро позната локација на сите љубители на планинска убавина, а воедно и наша омилена локација за уживање во природа. Тоа беше нашиот прв избор за поставување на шатор и уживање во есенско сонце и 22 степени целзиусови.
Појадок на планински воздух и уживање под ведро небо го зацртува фактот дека нашата одлука за камперски ден ни малку не беше покајувачка.
Најомилениот дел и на двајцата ни беше подготовката на ручек во планина. „Изѕидавме“ огниште и запаливме оган со што приготвивме добар жар за подготовка на ручекот.
На менито имавме печени колбаси на стапчиња, компири во фолија во топол жар, „жежано сирење со буковец“ исто така на жар и македонска салата. Подлизнувате прсти додека читате знам.
Секој залак беше повкусен од кој било залак што сме го вкусиле претходно и ниту една ресторанска чинија не може да му се спротивстави на овој едноставен, но превкусен камперски ручек (барем за нас).
Сето ова пропратно со бело винце беше експлозија од убавини.