Симонида Насковска: „Истражувањето на Хрватска е магично искуство, но една позната плажа ме разочара во реалноста“
Дубровник мора да се посети бидејќи...
Е најмонденскиот град во Хрватска, кој маѓепсува со својата неверојатна убавина. Поврзувањето на историјата, архитектурата и модерниот стил на градот, кај туристите поттикнува длабоки и незаборавни импресии.
Страдун, познат по својата белина, ги спојува луѓето од целиот свет, кои имаат иста желба, а тоа е да уживаат во убавините на овој град. Импресивна е прошетката низ тврдината, која може да се помине во целост за околу 3 часа.
Позади импозантните ѕидови на Дубровник, се лоцирани луксузни ресторани, кои нудат прекрасна храна и поглед кон морето. Исто така низ уличките кои се поврзуваат со Страдун, лоцирани се бројни мали ресторанчиња кои во секое време нудат свежа риба и морски специјалитети, како и традиционалниот далматински десерт Рожата. Во Дубровник се вика розата, а на некои места рожата, но овој десерт е познат како гордост на далматинското слаткарство.
Шетајќи покрај ѕидините низ градот, пријатно ќе бидете изненадени од прикриени места, кои нудат одмор од прошетката и пристап за брзо освежување во морето.
Не ја пропуштајте и жичарата Срѓ, која за само 4 минути ќе ве однесе на врвот и ќе ви овозможи незаборавно доживување и глетка кон Дубровник и синилото на Јадранското море.
Целокупно одморот во Хрватска е уникатно доживување затоа што...
Хрватска изобилува со природни убавини, атрактивни туристички локации, уникатни сместувања, пријатна медитеранска клима, прекрасна храна.
Но, Јадранот е познат и како една од најубавите морски површини во светот. Покрај летното уживање во морската вода, Јадранот носи значаен бенефит за нашето здравје поради високиот степен на јод по кој е препознатливо. Специфичната архитектура и потсетување на еден историски период се одличен спој кој нема да остави никого рамнодушен.
Заминуваш од Хрватска со чувство дека треба задолжително да се вратиш и да истражуваш места кои одново импресионираат.
Најубав миг таму?
Незаборавен беше мигот кога од нашата тераса го видовме Дубровник на дланка. Посебно уживаме во зајдисонцето.
Какви беа плажите? Која ти остави најсилен впечаток?
Посетивме повеќе плажи. Би ги издвоила „Златен рат” на Бол (Брач) „Робинсон“ и „Јагодна“ ( Хвар).
„Златни рат” е позната пространа плажа, посетена од бројни туристи која е карактеристична по нејзиниот облик и специфичноста на разбранетата морска вода. Плажата нуди се што е потребно за целодневен престој во однос на хранливи намирници, овошје, зеленчук и разни видови угостителски услуги.
„Робинсон“ се наоѓа во непосредна близина на градот Хвар, се стигнува сo пешaчење или по воден пат. Заради тоа што не е толку лесно пристапна, е и поинтимна и со помалку гужва, така и повеќе простор за уживање во природните убавини. Изобилува со прекрасна шума и сина чиста вода, бели камења и карпи. Над самата плажа, има симпатично мало барче каде може да се напиете и некоја пијачка.
„Јагодна“ – се наоѓа на јужната страна на островот Хвар. Исто така изобилува со шума, самата плажа е со ситни каменчиња-речиси песочна плажа, со кристално чиста вода која го одзема здивот и е главна атракција. Ни беше омилена.