Симонида Насковска: „Истражувањето на Хрватска е магично искуство, но една позната плажа ме разочара во реалноста“
- Детали
- вторник, 28 септември 2021
„Предвидовме нашето патување да трае 14 дена и тоа започна од Дубровник, понатаму кон Брач, Сплит, Хвар, Слано. И покрај тоа што Дубровник е мојот фаворит, на ова патување ме освои Хвар.“, раскажува 32-годишната Симонида од Скопје.
Симонида Насковска, 32, маркетинг медиа специјалист и судски преведувач неодамна ја посети Хрватска и со својот партнер истражи дел од најубавите места на оваа атрактивна летна дестинација.
За CRNOBELO.com таа ги споделува искуствата оттаму:
Кои места ги посети во Хрватска и зошто токму тие?
Често слушав прекрасни зборови за оваа земја, луѓето се полни со импресии и позитивни впечатоци од убавините на Јадранот и Хрватска во целост. Освен за убавините на хрватската ривиера, разбрав и за гостопримството на Хрватите, нивниот позитивен пристап кон туристите и почитување на гостите од Македонија. И веќе подолго време ми беше желба да ја посетам оваа земја.
Со особено внимание ја подготвувавме агендата, изборот на препорачани дестинации беше богат, а ние имавме желба да видиме многу од нив, и престојот да го искористиме во целост.
Предвидовме нашето патување да трае 14 дена и тоа да започне од Дубровник, понатаму кон Брач, Сплит, Хвар, Слано.
Која е магијата на островот Хвар?
Хвар со своите убавини , топло ве пречекува уште на самото пристаниште, каде веднаш ќе ја почувствувате морската свежина и пријатната медитеранска клима.
Глетката на бројните големи луксузни јахти покажува дека Хвар е полн со гости од разни места на светот, и ја засилува возбудата која се чувствува уште на самиот почеток.
Чувството на задоволство го дополни гостопримството на домаќинот кој изрази срдечност и подготвеност да ни ги пренесе сите важни информации за Хвар. По средбата со него, беше многу поедноставно брзо да се ориентираме и да ги посетиме најважните места во овој дел.
Хвар плени со мали уредени улички, по кои прошетките претставуваат вистинско задоволство. Ги вкусивме и специјалитетите од хрватската кујна, свежа риба, морски специјалитети и локално вино, кои во пријатниот амбиент со убава музика и квалитетна угостителска услуга, ни оставија силен впечаток.
Хвар нуди забава за посетителите и во подоцнежните часови во убаво уредени летни бавчи, ресторани и бројни кафулиња. Впечатокот за Хвар е комплетен и со посетата на Стариот град, кој нуди уживање во живи свирки кои споени со архитектурата на градот даваат посебна магија.
Престојот на Хвар го заокруживме со посета на Калето Фортица – познато и како Шпанско Кале, кое нуди фасцинантен поглед на пристаништето и „Паклени острови“ како најголема атракција во овој дел од Хрватска.
Патеката до Калето поминува низ богата и мирна природа, и за љубителите на пешачење е одличен избор за прошетка.
За оние кои немаат таква можност, а сакаат да го посетат Калето, асфалтираниот пат може да се помине и со автомобил за неколку минути.
Сплит е уникатна прикaзна затоа што...
Во Сплит, Јадранот се гледа во целата своја убавина. Улицата на палмите, ја дава можноста секој турист да ужива во погледот на морето и да ја почувствува морската клима.
Сплит со својата атрактивност го привлекува вниманието на туристите, кои со задоволство го разгледуваат овој град, и заминуваат со сувенири и чувство дека со себе, земаат и дел од градот.
Една од атракциите на Сплит која побудува голем интерес кај туристите е Диоклецијановата палата која импресионира со својата специфична градба, создадена во III век и заштитена како дел од светското културно наследство на УНЕСКО.
Импровизираните претстави со римските војници, кои се практикуваат за забава на туристите, на интересен и духовит начин нè враќаат во едно далечно време на императорот Диоклецијан.
Предизвик во Диоклецијановата палата, е искачувањето низ катедралата. За разлика од другите делови на катедралата кои се просторно пошироки за движење, првите два дела, се екстремно тесни и можат да придонесат туристот да се предомисли и да се откаже од искачувањето.
Но, вистинско задоволство е катедралата да се искачи до самиот врв и од таа перспектива да се види Сплит во целата своја убавина.