Сања Коцева: „Во Валенсија после работа се оди на плажа, никој никогаш не брза никаде“
- Детали
- вторник, 10 август 2021
Сања Коцева е докторка од Штип која имала среќа 2 месеца да живее во Валенсија и да почувствува каков животен стил водат локалците. За овој шпански град, од каде носи само најубави спомени, таа раскажува за CRNOBELO.com…
Сања Коцева (28) од Штип, по професија докторка, е вљубеничка во патувањата, а меѓу дестинациите кои ѝ оставиле најсилен впечаток е и градот Валенсија во Шпанија.
Во Валенсија таa престојувала 2 месеци.
За впечатоците оттаму Сања открива за CRNOBELO.com:
Зошто токму Валенсија? Зошто овој град има посебна магија?
Најчесто кога луѓето размислуваат да ја посетат Шпанија прво ги одбираат местата како Барселона, Мадрид, Лорет де Mар. Барајќи нешто поразлично, понепознато, изборот падна токму на Валенсија. Град коj ги надмина моите очекувања во секој поглед, град во коj најмногу се пронајдов.
Уште на прв поглед градот ве маѓепсува со уникатната архитектура - спој на старото и модерното, многубројните палми насекаде, позитивниот дух кој може да го забележите кога шетате низ тесните улички на стариот град, како и прекрасните мали, традиционални ресторанчиња, кои се наоѓаат на секој агол од улиците.
Колку имаше можност да се спријателиш со локалците? Какви се по природа тие, во што се разликуваат од нас?
Поради медитеранската клима, убавата местоположба и големиот број на сончеви денови во годината, луѓето овде важат за едни од најпозитивните и најдружељубивите. По менталитет многу се блиску до нашиот.
Имав можност дел од мојата летна пракса по медицина да ја поминам таму и поради долгиот период што го поминавме таму се запознавме со доста локалци, почнувајќи од мои колеги од болницата, соседи, маалски продавачи. Секогаш спремни да помогнат, спремни за забава и пред сè ми даваа голема мотивација да зборувам шпански и да си го извежбам мојот омилен јазик.
Најомилен дел од Валенсија ти е...
Дефинитивно, стариот дел од градот.
Каков е јавниот превоз?
Јавниот превоз е доста добро организиран и се состои од автобуси, метро и трамваи. Бидејќи градот не е многу голем, брзо се стигнува од една локација до друга, а притоа едно возење да ве чини од 1 до 1.5 евра.
Имаат ли високо ново на култура во сообраќајот, во поглед на чистотата и општо?
Иако спомнав дека по менталитет се многу блиску до нашиот, тоа не важи и за чистотата и сообраќајната култура.
Во споредба со другите европски метрополи, овде владее малку понизок стандард, но за разлика од стресниот живот во западните земји овде е „stress free“. Во Валенсија не можеш да видиш сцена како некој брза на работа и е под стрес дека некаде ќе задоцни, па затоа и не владее голем сообраќаен метеж.
Сите се секогаш насмеани, релаксирани што верувам дека се должи на убавата клима и пристапот до море.