Теона Манго за животот во Лондон: „Кириите се многу високи, лондончаните имаат ексцентричен моден стил“
- Детали
- вторник, 17 август 2021
„Омилен дел од Лондон ми е тешко да изберам, но онака најмногу при срце ми е Нотинг Хил. Инаку имав можност да прошетам низ различни делови на Велика Британија, најголем впечаток и место на кое се навратив е Шкотска. Предел со прекрасна природа, архитектура и пејзажи...“, раскажува Теона Манго (23) за животот во Велика Британија.
Теона Манго има живеено 4 години во Лондон, но моментално е во Македонија поради пандемијата. Има 23 години, по потекло e од Битола и таму живеела до нејзина 18-годишна возраст.
Во Лондон студирала на Квин Мери Универзитетот, а моментално работи како инфлуенсер и content creator, а и сум основач на нејзин еко-френдли и одржлив бренд Beyond Green.
За животот во Лондон таа споделува за CRNOBELO.com:
Кога ќе се спомене Лондон, на ум ни паѓа прекрасен град со врнежливо време и превисоки цени, дали е токму така?
Статистички гледано Париз има повеќе врнежливи денови од Лондон, така што врнежливото време и Лондон е само стереотип. Знае често да биде променливо времето и многу често знае во еден ден да се променат неколку годишни времиња.
Кога станува збор за повисоките цени, Лондон е еден од најскапите градови за живот во поглед на кирија, даноци, ресторани, јавен превоз итн., што не е случај за другите градови во Велика Британија.
Како се одлучи да се преселиш во Лондон? Зошто токму Лондон?
Причината поради која се преселив во Лондон беа додипломските студии кои ги запишав на Квин Мери Универзитетот на факултетот за политика и меѓународни односи. Таму живеев скоро 4 години, но поради пандемијата се вратив во Македонија.
Во кој миг се вљуби во овој град?
Уште кога го посетив Лондон туристички со моите родители додека бев во средно училиште се вљубив во градот, а кога подоцна се преселив во Лондон ми стана омилено место на светот.
Омилен дел од градот ти е...
Тешко е да се избере само еден дел, но онака најмногу при срце ми е Нотинг Хил.
Кои се позитивните страни на живеењето во Велика Британија?
Блискоста до Европа и одличните авио конекции до цел свет, често се наоѓаат авио карти по одлични цени. Туристичките атракции, природата и преубави градови.
Одличната гастрономска и стрит фуд сцена. Фактот што секогаш се случува нешто од концерти, театри, филмски премиери...
Кои се негативните страни на живеењето во Велика Британија?
Моментално би рекла целата ситуација со Брегзит ги отежна работите, а и самото тоа што сè уште не е регулирано каква ќе биде миграцијата во иднина.
За не ЕУ државјани како нас најголема негативна страна е потребата на виза и макотрпниот процес да се добие истата.