Никола од Скопје за животот во Мексико: „Тука фотографирам свадби, локалците се друштвени, но тешко се наоѓа мајстор“
- Детали
- понеделник, 31 мај 2021
Никола од Скопје пред 6 години љубовта го однесе во Мексико, каде работи фотографија на свадби и за CRNOBELO.com открива дека бил сведок на многу скандали, кажува дека се живее пристојно и со минимални примања, вели дека плажите се прекрасни, но патиштата лоши.
Поминуваме многу време на социјалните мрежи, но на Никола Божиновски од Скопје, буквално му го променија животот, и од родниот крај го однесе во Мексико, домот на неговата сопруга Тамара.
Веќе шест години овој македонски фотограф успешно ја гради својота кариера во троппскиот мексикански рај, и за CRNOBELO.com открива малку за неговата рутина, свадбите кои ги фотогрфира, како и мексиканското секојдневние. Вели локалците се друштвени и опуштени, но лоши мајстори и бавни административци.
Колку долго си во Мексико и што те однесе на другиот крај од светот?
Во август 2021 ќе направам шест години откако сум во Мексико. Сè започна кога преку интернет ја запознав сопругата Тамара. Разговарајќи така со денови, меѓу другото видовме дека нашите планови се совпаѓаат. Двајцата мислевме дека Плаја Дел Кармен како туристичко место би било погодно за работа и живот.
Дали лесно се навикна на животот во Мексико?
На почетокот беше тешко, различна кујна, далеку од фамилија и пријатели, тропска клима, дури и водата ми беше чудна. Но, како што поминуваше времето сè повеќе се навикнував, и еве веќе 3-4 години водам нормален живот овде.
Што најмногу ти се допаѓа, а што најмногу те нервира од локалната култура и стил на живот?
Ми се допаѓа што овде се живее поедноставно, се работи по цел ден и пак луѓето се поопуштени, не се жалат толку и не им е многу важно како изгледаат или кој како се облекува или живее.
А не ми се допаѓа што многу тешко се наоѓаат добри и квалитетни мајстори за било што и дека секогаш доцнат, имаат бавна администрација, инфраструктурата во регионот е многу лоша, поготово патиштата.
Што најмногу ти недостасува од Македонија?
Фамилијата и пријателите, слободно време за седенки и кафиња, храната сега не до толку бидејќи со текот на годините успеав да најдам замена скоро за сè. Но, најискрено квалитетот на некои македонски зеленчуци и овошје, зимници, вино, ракија и месо се незаменливи.
На професионално ниво, како течеше градењето на твојата фотографска кариера во Мексико?
На почетокот беше тешко, странец, плус нов во регионот, никој не ме знаеше и не беше лесно да се пробијам. Мексиканците и други странци многу тешко ги изговараат нашите имиња и презимиња, тоа беше една причина студиото да го именувам „Новски фотографија“ наместо да го користам целото презиме мислејќи така ќе се пробијам полесно, но не беше баш најуспешно.
Пред три години се решив да ја вклучам и мојата сопруга во фотографијата, која инаку по професија е планер на свадби.
Заедно со сопругата таа со искуство како планер и маркетинг, и јас како фотограф/видеограф, работите многу брзо тргнаа на подобро.
Денес ми е огромна чест и задоволство да кажам дека „Новски“ е еднa од најпознатите фото и видео компании во регионот.
Какви се мексиканските свадби и дали се многу поразлични од нашите?
Искрено не сум многу запознаен со мексикански свадби затоа што повеќето од нашите клиенти се од САД и Канада. Но, од тоа што може да видам и чујам, мексиканските свадби се слични како тие во Македонија. Во некои области од Мексико се прават многу големи свадби кои траат по неколку дена и имаат од 200 до 500 поканети гости.
Како локалците те прифатија, и на професионално и на друштвено, социјално ниво?
Мексиканците се многу опуштени и друштвени, на социјално ниво јас сум многу добро прифатен, можеби поради тоа што овде живеат и работат илјадници странци од целиот свет.
За жал на професионално ниво поради големата конкуренција овде владее голема љубомора помеѓу колегите.
Дали Мексиканците се баш како што ние ги знаеме од ТВ сапуниците, весели, дружељубиви, страствени и религиозни?
Најискрено никогаш немам гледано сапуници, но може да кажам дека Мексико е многу религиозна земја. Повеќето од луѓето во недела се во црква, дури и дома имаат олтари, слики од светци и се молат редовно. И како што спомнав предходно луѓето овде се ведри, опуштени и дружељубиви.
Каков е животниот стандард во твојот град?
Плаја Дел Кармен и околината се едни од најпознатите туристички локации во светот, поради тоа животот овде е скап во споредба со други региони во Мексико. Но и покрај тоа, овде можеш да водиш еден нормален живот со минимални месечни примања.
Што најмногу ти се допаѓа од нивната кујна и што им готвиш од нашата?
Обожавам Кочинита Пибил, Моле, фрихолес чарос, торта де ла барда, буритос (од сопругата), маркеситас и др.
А јас им готвам скоро сè колку што овдешните продукти ми дозволуваат. Тавче и чорба гравче, мусака, полнети пиперки, ајвар, пинџур, макало, бурек и др.