Никола од Скопје за животот во Мексико: „Тука фотографирам свадби, локалците се друштвени, но тешко се наоѓа мајстор“
Колку локалците се запознаени со Македонија?
За жал малкумина знаат за Македонија. Некои од повозрасните нè препознаваат кога ќе им спомнам дека некогаш сме биле дел од Југославија, а други што на училиште внимавале на часовите по историја нè препознаваат по Александар Македонски.
Некоја интересна ситуација од свадбите…
Само за оваа тема ќе ми треба едно цело интервју. Имаше една ситуација кога сестрата на невестата, која исто така беше поранешна сопруга на младоженецот, го бакна после церемонијата.
Друга ситуација каде додека невестата го имаше големиот влез на церемонијата, младоженецот ѝ го исмејуваше фустанот, невестата се налути, па мораше да се повтори цела церемонија.
А најомилени ми се неколку ситуации кога сликав свадби со македонско и екс-ЈУ потекло каде среде забава се слуша за мене позната музика па дури пајдушко и други македонски ора.
Кога би имал можност дали би си заминал или би останал таму каде што си?
Ми се допаѓа овде, веќе стекнав пријатели, фамилијата на сопругата ме прифати многу добро и дефинитивно е едно од местата каде би останал.
Но, ако понатака ни се укаже шанса за подобар живот, поготово места во близина на планини и земји како Јапонија, Канада или Македонија, не се плашам од ризик и секако би заминал.
На кратко, опиши ми ја твојата дневна рутина…
Секој ден е различен зависи дали сум во канцеларија или надвор на терен, но оди нешто вака: Се будам, правам лесни вежби и играм со нашата мачка Мишка, потоа лесен доручек обично овошје и кафе, со кафето продолжувам работа на компјутер каде што поминувам повеќето од времето, попладне пауза за ручек и средување по дома, па продолжувам со работа, најрано со работа завршувам околу 6 попладне, а многупати по потреба работам и по полноќ. Ако завршам во 18 часот, спремаме вечера, јадеме, гледаме некоја серија и се релаксираме со некој пијалок.
Секако не сите денови се исти, зависи како ни дозволува обемот на работа, па така не многу често, но понекогаш пиеме кафе со Македонците кои живеат овде, некогаш правиме скара, идеме на плажа, на базен итн.
Какви се цените таму - пиво, пица, коктели, вечера во ресторан и кафе?
Пиво околу 200 денари, пица 500, коктели околу 350 денари, зависи од ресторанот, но комплет вечера за двајца може да биде од 2000 денари па нагоре, а еспресо 65 денари.
Цените се отприлика, најблиску што можев да пресметам.
Секако дека вреди да се посети Мексико, но што ти препорачуваш да се види, посети и вкуси ?
Цело Мексико е преубаво и во секој регион има нешто да се посети. Канкун, Тулум, Оахака, Гуадалахара, Кабо Сан Лукас, Чиапас, Гуанахуато...
Мои омилени места се Сан Кристобал, Лагос де Монтебељо, Мерида, замокот на Едвард Џејмс и многу други.
Од храна обавезно да се проба: моле, тамалес, кочинита пибил, торта де ла барда, тлајуда, позоле, чилакилес и секако познатите такос и гвакамоле.
Од твоето досегашно искуство како фотограф на брод, колку дестинации имаш посетено и која е најдобра за уживање на плажа, шопинг, ноќен живот и културни споменици и музеи?
Најискрено повеќето дестинации ми се посетени откако се откажав од бродскиот живот, периодот кога работев на брод не го сметам многу како патување и посета на дестинации поради ограниченост за излагање од самиот брод.
Досега имам посетено преку 50 држави, а најомилени ми се: Јапонија и Сингапур, општо за живот, закони, пријателски народ.
Виетнам за историја, традиција, прекрасни места за посета. Гватемала за вулкански пејзажи, луди автобуси, разнобојни колонијални градчиња.
И секако Мексико за најразновидност каде можеш да најдеш сè и има најубави плажи.
Што научи или промени во својот живот откако се пресели во Мексико?
Научив да го живеам животот поопуштено, да се фокусирам на убави работи, дефинитивно почнав да избегнувам Фејсбук, вести, и негативности.
Колку твојата сопруга е запознаена со Македонија нашите традиции и култура?
Задоволство ми е да кажам дека сопругата има научено многу од нашата традиција, култура, празници и со текот на времето учи по нешто ново. Колку што ни дозволуваат условите и пред сè времето, ги почитувме и правиме скоро сите македонски православни празници.
Какви се цените на фотографии и пакети споредбено со Македонија? Дали фото бизнисот е профитабилен и ценет во Мексико?
Во регионот и во Мексико цените на фото пакети варираат од многу евтини па до претерано скапи. Не можам конкретно да споредам со Македонија затоа што е многу поразличен стил на работа, но можам да кажам дека ценовно дефинитивно некои овдешни фотографи се совпаѓаат со цените во Македонија.
Многу е тешко да се каже дали фотографија е профитабилен бизнис овде, јас мислам ако си добар и имаш к'смет можеш да живееш еден нормален живот.
Конкуренцијата овде е огромна, само овде во регионот живеат и работат околу 10 илјади фотографи/видеографи и на многумина им е многу тешко да се пробијат. Дефинитивно фото бизнисот не е доволно ценет во Мексико.
Повеќе фотографии од Никола:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело / фото: приватна архива на Никола