Наим Матоши за животот во Кина и Малезија: „Во Кина наутро пензионери танцуваат по улиците, а Малезија е поим за духовен мир“
- Детали
- вторник, 23 март 2021
„Јас поработно фокусиран народ од Кинезите немам сретнато и сметам дека не ни постои. Такво вложување во работата, таква дисциплина е за секоја почит. Плус, како дојденец бев третиран буквално како крал“, раскажува Наим Матоши (35), кој има живеено една година во Кина и 8 месеци во Малезија.
Наим Матоши, има 35 години и работи како референт на набавки, но неговиот нескротлив дух постојано го инспирира да оди на патувања низ разни земји во светот.
Досега посетил дваесетина земји, а најголем впечаток му оставило живеењето во Кина и Малезија. Искуствата од патувањата ги споделува на својот Инстаграм профил.
Наим ги пренесува своите впечатоци од Кина и Малезија за CRNOBELO.com…
Што те одведе во Кина/Малезија и колку време имаш живеено таму?
Уште од мали години, носам во себе преголема желба за истражување, различни места локации, традиции, и ред други работи се дел од предизвикот за да се започне нешто од нула. Пријателите кои веќе со години живеат, студираат и работат во Пекинг, Кина го изградија мостот на моето патување дотаму, па јавно им се заблагодарувам за поддршката и целосната помош при мојот престој таму.
Во Пекинг, Кина, живеев приближно година дена, а пак во Малезија, Куала Лумпур, 8 месеци, планот беше одмор, но сепак стана место за живеење извесен период.
Првиот впечаток по присигнувањето таму…
Никогаш нема да го заборавам моментот по излегување од аеродромот во Пекинг. Првата реченица ми беше, што правам јас во овој огромен хаос.
Меѓутоа, тој хаос има таков ред, што за мене беше навистина чудно, просто човек да позавиди.
А пак во Малезија, добив чувство на огромен душевен мир, тој пријатен народ никогаш нема да биде избришан од мојата меморија. Замислете, пристигнувате до локација за првпат во животот без да имате тронка информација.
Буквално бев прошетан по најатрактивните места од страна на локалци, коишто без никаков надоместок ме прошетаа со сопствени возила. Чудно нели? На улица ниеднаш не видов намуртен лик, туку фаци полни со среќа и секогаш расположени за каква било помош.
Долови ни ја атмосферата од Пекинг во една реченица…
Живот со најнова технологија, најчудна, а воедно најинтересна традиција, искуство во вредност на енциклопедија.