Сања Спиридоновска живее во Јапонија: „Не смее да се зборува гласно во воз, во училиштата не се дозволени чевли“
Како ве прифатија како дојденци? Има ли многу луѓе од страна што живеат таму?
Јапонците нè прифатија прилично добро, фасцинирани се кога ќе им кажам дека доаѓам од Македонија, секогаш ми викаат дека јас сум првата личност што ја запознале од Македонија.
Сакаат да им кажам неколку зборови на македонски и секогаш го споменуваат Александар Македонски, тоа ме прави да се чувствувам многу гордо. Во градот каде што живееме нема многу странци, повеќето се Јапонци, но во Осака, Кобе и Токио има голем број на странци.
Најубавото место во Јапонија е…
Од места што досега сме ги посетиле би го издвоила Кјото, тоа е прекрасен град во кој сè уште традицијата се почитува и негува. На сите би го им препорачала да го посетат доколку некој ден ја потсетат Јапонија.
Досега имаме отидено околу 4-5 пати таму, и мислам дека само 30% сме виделе од убавината на овој град. Има многу убави места да се откријат и да се видат.
На мојот Јутјуб канал Expat Mama Bird имам видео од нашата посета на светилиштето Фушими Инари кој ми остави многу убав впечаток.
Најчудното нешто во Јапонија е…
Ќе набројам неколку работи што ми се чудни во Јапонија:
За Божиќ традиција е да јадеш КФЦ пилешко, според нив ова било пред многу години некој маркетиншки трик на КФЦ, кој се претворил во традиција.
Доколку воз задоцни на станица, вработените делат картички на кои пишува како потврда дека возот задоцнил, за после тоа патниците да ги предадат овие картички на претпоставените на работа или на училиште како причина за нивното задоцнување. Исто така доколку воз задоцни, тоа се пренесува на дневните вести.
Каwaii или на македонски симпатично/слатко, во Јапонија сè мора да е kawaii, дали било тоа леб во продавница, сендвич, или знак на улица што покажува дека се работи на патот тоа мора да изгледа симпатично. Тука се опседнати со сè да изгледа kawaii.
Што ти се допаѓа најмногу во оваа држава?
Најмногу ми се допаѓа:
*јапонската дисциплина
*тоа колку едноставно го живеат животот
*нивната природа
*колку е безбедна оваа држава
*грижата од јапонската влада спрема нивниот народ – овде без разлика дали си Јапонец или странец кој работи само неколку години сите добиваме финансиска помош за децата додека наполнат 18 години, во време на пандемијата секој жител во Јапонија доби по 1.000 долари како поддршка во овие тешки времиња.
*јапонскиот јазик – може звучи малку чудно, но многу го сакам нивниот јазик
*нивното традиционално јадење Окономијаки и нивните традиционални слатки Мочи! Многу ги сакам!
Дали беше тешко адаптирањето на животот таму?
Да, искрено беше многу тешко на почетокот. Барем првите 6 месеци. Јазикот е најголема пречка тука, ретко кој зборува и кој се осмелува да каже нешто на англиски, и да знаат малку не се осмелуваат така лесно да зборуваат. Затоа и ни беше многу тешко да се адаптираме.
Секаде е напишано на јапонски, знаци на улица, состојки на храна во супермаркет, сите лекови во аптеките буквално сè. Ова на почеток ни дојде како шок сè додека не научивме малку од малку јапонски.
Семафори, згради, трговски центри, паркови… Што е поинакво, што ти остави најсилен впечаток?
Трговските центри се скоро исти како секаде во светот, парковите се многу чисти и опремени, особено детските паркови и сè се негува, никој ништо не крши или краде. Што и да постави општината во парк, тоа останува и се негува со години.
Најсилен впечаток ми остави тоа колку се чисти парковите, а никаде нема канти за отпад. На почетокот цело време заборававме да носиме ќесе со нас.
И најсилен впечаток ми остави тоа што во сообраќајот никој не се расправа, сите ги следат правилата во сообраќајот, доколку возачот на автомобилот пред тебе задоцнил и не тргнал на зелено и се уклучило црвено, никој не свири и не се расправа. Малку ми беше чудно да се навикнам на тоа.
Студени ли се Јапонците? Какви се во врските, пријателствата и на поле кариера?
За разлика од други држави во кои досега сме живееле би рекла да. Не се многу опуштени кога се работи за пријателства, работа или врски.
Јапонците кои студирале или работеле надвор од Јапонија, се многу поопуштени и поотворени за пријателства со странци.
Јас имам две многу блиски пријателки кои се Јапонки, но и двете живееле во Европа и Америка, па се многу опуштени пријатни и секогаш спремни за дружење.