Интервју со Јована Квржиќ од Белград: „Бројот на гости на свадбите во Пакистан е ограничен на 1.000 поради короната, Исламабад е рај“
Како е да се биде жена во Пакистан?
Голема е разликата помеѓу тоа дали сте турист или живеете таму. Жените во Пакистан навистина се почитуваат. Не се плашев сама да се движам, единствено се соочив со погледи поради тоа што не се навикнати да гледаат жена како се шета сама.
Во конзервативните делови се облекував пристојно, зашто многу мажи никогаш не виделе женска коса, освен на роднина, така што се трудев со својот изглед да не ги провоцирам. А и сакав преку облекувањето да покажам почитување спрема земјата во којашто се наоѓав.
Кога станува збор за Пакистанките, голем дел од жените целосно се покриени, дури и често носат бурки, но од друга страна има и многу модерни жени. Сè почесто жените се вклучуваат во образование, па запознав и многу образовани жени. На жал, во рурални и сиромашни делови, се случува девојчиња да не одат во основно школо и многу млади да се мажат.
Пред неколку години запознав еден патник од Пакистан и ми рече дека луѓето се среќни таму. Ти ја имаш можноста со недели да се стопиш со тој свет за кој имаме изградено погрешна слика. Успеа ли да го дефинираш секојдневието на просечен маж, жена и дете кои живеат таму? Што им претставува посебно задоволство? Што ги прави среќни?
Во Пакистан семејството е на прво место и ми делува како да се доволни сами на себе. Семејствата се многубројни, парови имаат по пет или повеќе деца, а сосема е нормално да се живее со родители до моментот на венчање.
Мажите остануваат да живеат со родителите и после женење, а сопругата ја носат во својата семејна куќа. Така што често бев во куќи во кои заедно живеат повеќе од 20 члена.
Мажот е во главно тој што заработува, додека жената е задолжена да се грижи за децата и куќата. Забележав и големо почитување на децата спрема родители, што во нашите краишта сè повеќе се губи.
Тука ќе морам да те прашам во врска со коронавирусот. Додека голем дел од државите воведуваат рестрикции, што се случува во Пакистан на тоа поле?
Во моментот кога бев во Пакистан, дневно се регистрираа околу две-три илјади случаи на 220 милиони жители. За корона слабо се зборува, единствено во големите градови во затворени простории се носат маски.
За влез не ми беше неопходен PCR тест и од прилика е тоа. Ресторани, кафулиња и трговски центри беа отворени.
Поради тоа што број на гости на пакистанска свадба е и по неколку илјади, во моментот тоа е ограничено на околу илјада гости и можат да се одржуваат само на отворено. Сè останато изгледа како да функционира нормално.
Доброто и лошото се неизоставен дел од животот. Така е и во патувањето. Јована, се најде ли во некоја опасна ситуација? Си пререче ли себеси „зошто го направив ова“ или „што барам тука јас“?
Благодарам на Бога ниту на едно патување не ми се случил голем проблем, оти секогаш се трудам да патувам одговорно и да внимавам на себе. Некои лоши ситуации беа труење од храна или проблеми со документи, но тоа е што е.
Твојот неколку неделен престој во Пакистан брои многу посетени места, кои од нив ти ги надминаа очекувањата, те направија благодарна што се наоѓаш таму? А, кои локации не ти се допаднаа или едноставно не ти ги исполнија очекувања што си ги имала претходно?
Од Пакистан не очекував ништо, поради тоа што не знаев ништо за таа земја, ниту пак знаев некој што претходно патувал таму. Сè што видoв ги надмина моите очекувања.
Најмногу ми се допадна Исламабад, мислам дека таму би можела и да живеам некое време. Дури потсетува на некои европски градови и доста е поуреден од останатите.
Можеби најубавата градба која ја видов е џамијата Бадшахи во Лахор, а некои од најубавите моменти ми беа зајдисонцата на плажи во Карачију.
Твоите текстови под секоја објава се како поглавја од некој авантуристички роман. Планираш ли да издадеш книга со твои патувања?
Иако многу пишувам на социјални мрежи, пишувањето не го сметам за своја силна страна, ниту пак премногу уживам во него, така што не верувам дека би издала вистинска книга.
Она што најмногу ме инспирира е фотографија, би сакала да издадам книга со фотографии од моите патувања или да организирам изложба кога епидемиолошката ситуација ќе дозволи.
Многу се разборевме, но тука ќе ставиме три точки до некоја следна прилика. И што понатаму? Нови патувања? Нови дестинации?
За празниците бев во Србија, а од крајот на јануари, ако сè биде во ред, тргнувам во нови походи, но сега малку позападно. Прва станица би била Мексико, а потоа се надевам и цела Централна Америка и дел од Јужна.