Интервју со Јована Квржиќ од Белград: „Бројот на гости на свадбите во Пакистан е ограничен на 1.000 поради короната, Исламабад е рај“
- Детали
- недела, 17 јануари 2021
Јована Квржиќ е Србинка која неодамна се врати од своето патување во Пакистан. На нејзиниот Инстаграм профил @jovana_kvrzic, преку фотографии и долги текстови ги пренесува своите доживувања, а има и посебна страница за целосно да ги долови нејзините патувања - www.jovaninzivotukoferu.com.
За CRNOBELO.COM Јована ги пренесува најинтересните моменти од Пакистан...
Јована, ти си од оние луѓе кои сакаат да ги разбиваат предрасудите што ги имаме спрема другите. За време на глобална пандемија, собра храброст и отпатува во Пакистан. И тоа сама, придружена од својата љубопитност и помислата дека ја пишуваш својата лична приказна. Раскажи ни што се случи откако слезе од авионот?
Кога слегов од авионот прво ме дочека температура од 25 степени, додека во Белград беше одвај 10. Класична азиска гужва, врева и загаден воздух. Насмеани луѓе поради кои веднаш заборавив на не толку пријатната ситуацијата во светот.
Една од првите знаменитости кои ги посети во Исламабад беше Џамијата Шах Фаисал Масџид, најголемиот муслимански храм во Пакистан, и еден од најголемите во светот. Како го наговори обезбедувањето да те пушти? Каква беше атмосферата таму?
Во џамијата влегов без проблем затоа што на туристите им беше дозволен влез. Атмосферата беше вистинско изненадување, луѓето беа весели, некои дури и играа, снимаа видеа за тик-ток, се сликаа. Имаше многу деца кои трчаа и повеќе делуваше како да дојдов во некој парк, отколку во двор на некоја џамија. Дури ни до самиот влез во џамијата никој од мене не побара да ја покријам косата.
Во земја како Пакистан, постојат голем број на контрасти. Сите тие спротивности се дел од нивна култура, историја и ја отсликуваат вистинската слика за самото место. Јована, одвој некои примери кои ти останаа длабоко впиени во сеќавањето?
Најголем контраст доживеав во регионот Сват, која во нашите краишта е позната по книгата која ја напиша девојчето Малала која пораснала во овие краеви и била нападната од страна на талибанци. Таму едно претпладне појадувував на под, а попладне бев во хотел со пет ѕвездички и се возев со лимузина.
Генерално цел Пакистан е таков. Во еден момент гледате луѓе како спијат во кал, а во друг момент ги гледате оние кои се капат во злато.
Човек што патува сам мора да е лесно приспособлива личност и за брзо време да се навикне на сè. Тоа го зборувам и од лично искуство. Отсекогаш ме интересирало да дискутирам на оваа тема, што е она што соло патувањето го прави посебно?
Соло патувањата се посебни по тоа што јас никогаш не сум сама, имам повеќе друштво и запознавам повеќе луѓе, отколку ако тргнам со некој друг. Попатно и подобро се запознавам себеси, самостојно донесувам одлуки и не морам да размислувам на ничии други потреби, освен на сопствените.
Тоа е една од причините зашто сакам да патувам сама. Можам да го правам сè она во што уживам, без да се грижам дали на мојот сопатник ќе му се допадне тоа или не.
Храната не смее да се изостави. Во друштво на мештани сигурно успеа да дегустираш бројни специјалитети за кои претходно не си ни знаела дека постојат? Каква е нивната кујна? Што е она што тебе лично најмногу ти се допадна?
Мене пакистанската кујна не ми се допадна нешто посебно, претежно се базира на месо, така што ми фалеше овошје и зеленчук. Она што ми беше највкусно е дефинитивно лебот.
Во Пакистан со секој оброк и секаде се јаде леб кој се подготвува на безброј начини, а секогаш е мек, сочен и се топи во уста.
На твоето патување сигурно се запозна со многу мештани, какви беа твоите први претпоставки за луѓето од Пакистан, а какви всушност се тие откако запозна голем дел од нив?
Мислев дека се многу затворени и дека ќе имам проблем со комуникација, но на крај излезе да запознаам многу луѓе и да остварам нови познанства како на никое друго патување до сега.
Сите сакаа да се фотографираат со мене и сите ме дочекаа како да сум дел од нивното семејство.