Симон и Марина Андови: „Бевме во карантин во Куба, си ветивме љубов до крајот на животот во Колумбија“
- Детали
- вторник, 08 септември 2020
Еден месец живееле во куќичка среде шума во Доминиканската Република, а во време на екот на корона пандемијата биле заглавени во карантин повеќе од месец и половина на Куба, а благодарение на љубезноста на локалците успевале да дојдат до основните продукти за живот. Животните авантури на Симон и Марина со купување на карта во еден правец…
Тие се храбри македонски авантуристи кои без размислување купуваат карта во еден правец до другата страна на светот. Не се плашат да експериментираат со живот на далечни дестинации и на темелите на нивното заедништво секаде да им биде дома.
Симон Андов, 28 години, магистер по европско право, проект офисер за развој на заедницата и одржлив развој, љубител на хуманите вредности, природата и разноликоста во светот, и Марина Андова, 27 години, НЛП и тренер по реконекција, страствен трагач по внатрешната убавина и уживач во надворешниот убав свет се пар кој воодушевува со начинот на кој го живее животот.
Дел од своите искуства тие пренесуваат за CRNOBELO.com:
Како е да се донесе одлука да се живее во странство и во кои држави сте живееле до сега?
Одлуката е здрава кога живеењето во странство се гледа како можност за личен развој, а не како можност за бегство и притоа идеализирање на другите држави како совршени заедници. Студиравме во Франција и Германија, се градевме преку кратки престои во Италија, Брисел и Загреб, за сега да уживаме со лалињата во Холандија.
Како се случи картата во еден правец?
Едноставно. Кога животот ти дава лимони направи лимонда! Почувствуваме дека имаме потреба од животно искуство, авантура, динамика и предизвици. Гледавме карти во еден правец. Било каде, кај што животот ќе нè научи на големи лекции. Доминиканската Република беше изборот поради плажите, сонцето и водата. Откако ја искусивме, продолживме во преубавата Колумбија, а патувањето го завршивме во автентичната и комунистичка Куба.
Дали патувањето е скапа инвестиција?
Патувањето не е скапа инвестиција. Само приоритетите на луѓето се различни. Ограничувањето од следењето на трендови, и скусувањето од викендашките скапи седенки, се сосема доволни за едно авантуристичко патување до другата страна од светот.
Дали замислувавте да останете да живеете во Доминиканската Република?
Пред да тргнеме, да. Откако стигнавме, видовме дека Доминиканската Република е за уживање откако предизвиците ќе бидат помали. Можеби еден ден кога ќе се пензионираме би се вратиле да живееме.
Што е магичното во Колумбија?
Магичноста е во неописливите природни богатства и во урбаноста на луѓето. Квалитетната музика на улица, вкусната храна со тропски овошја, храброста за надминување на еден екстремно тежок внатрешен период. Магична е Колумбија, во секоја смисла на зборот. Најтопло ја препорачуваме.
Дали короната ви влијаеше на патувањата?
Да, во Куба требаше да останеме две седмици, а останавме уште месец и половина во карантин. И покрај специфичните услови, носиме преубави спомени од таму. За среќа, со хуманитарен лет од француската влада успеавме да се вратиме, инаку короната ќе направеше сè уште да престојуваме во Куба.
Покрај негативните страни, короната ни даде можност да погледнеме како си го возиме животот, кои сме, и да го запознаеме од поблиску нашиот тим-фамилијата, кој малтене го заборавивме поради комерцијализмот на 21 век.
Како е да се биде во карантин во Куба?
Предизвикувачко! Како странци немавме право да купуваме дел од основните производи за прехранување, кои Кубанците ги добиваа преку нивниот купонски систем – јајца, ориз итн. Проблем беа и лимитираните конекции за интернет. Но Кубанците имаат решение за сите ситуации, буквално!
Најлудото место на кое сте спиеле досега …
Еден месец во мала куќичка во ботаничка градина (шума) во Лас Терренас во Доминиканската Република.
Каде го доживеавте најнемилиот настан?
Додека се шетавме во шумата, здогледавме јаже кое виси од едно високо дрво. Желбата да се биде Тарзан на фотографија, ни направи да тоа исто јаже од височина над 50 метри се откачи од дрвото и падне на неколку сантиметри до нас, застанати до работ на провалијата.
Најсреќен момент и место во текот на патувањето?
На 20.02.2020 во 20ч.20 на тврдината во Картагена де Индиан во Колумбија, моментот откако се заколнавме дека животот ќе го патуваме заедно!
Која ви беше најголемата авантура?
Гледањето на китовите во Самана и нуркањето во Тринидад.
Каде живеат најљубезните луѓе?
Дефинитивно во Куба. Без помошта на Кубанците немаше да можеме да преживееме како странци во Куба.