Сашо Спасовски посетил 46 земји: „На Бали е поевтино од Македонија, во Габон бегав од слон“
- Детали
- сабота, 06 јуни 2020
„Возење со џип низ пустината во Чад, крстарење со веспа низ цел Бали остров, искачување на највисоката точка на светот во Дубаи на Бурџ Калифа со суперсоничен лифт, спиење на импровизирано место во Етиопија помеѓу летови, престојување и работење на нафтена платформа 9 недели на сред океан во истата соба“, се дел од авантурите на 36-годишниот Сашо Спасовски.
Сашо Спасовски, 36 години, по професија машински инженер, е огромен вљубеник во патувањата и досега посетил 46 земји во светот
Со него проговоривме за искуствата оттаму.
Како успеваш да работиш, а паралелно да патуваш толку многу?
Во последниве 8.5 години работам претежно со чести патувања, од прилика 6 години работев како NDT инспектор и QA/QC супервизор на многу бројни проекти низ свет (Најчесто Африка и Азија) во нафтена индустрија со патување секој втор месец. Последниве 2.5 години сум дел од автомобилска индустрија за кинеска компанија како координатор на регион на Европа најчесто за поддршка на проблеми со квалитет на локациите на нашите клиенти, коишто се меѓу најголемите производители во оваа индустрија. Работам од дома или независно од локација и патувам секоја втора недела по состаноци, најчесто низ Европа.
Сакам да патувам бидејќи пред сè како карактер сум авантуристички настроен, сакам да истражувам нови места и локации, сакам да разменувам искуства и да учам нови работи, мислам дека секој би требало да патува максимално колку што му се можностите и да го насочи животот кон позитивни моменти.
Покрај посетата на нови локации, во последниве 3 – 4 години почнав многу посветено да трчам на трки, најчесто полумаратони и тоа е дополнителна причина за патување. Во 2018-та истрчав 8 полумаратони низ Европа (Будимпешта, Милано, Рига, Бордо итн.) што ми е навистина одлично искуство во животот, затоа планирам да го продолжам и понатаму.
Колку земји имаш посетено досега?
До сега имам посетено точно 46 земји во светов: 27 земји во Европа, 9 во Африка, 10 во Азија, повеќе од 142 градови низ светот. Единствено нешто што ми недостасува е американскиот континент кои ми е следен предизвик како (САД, Бразил, Аргентина, Перу, Мексико итн.)
Која е најдалечната земја што си ја посетил и впечатокот оттаму?
Доколку се мисли на километри оддалеченост тогаш тоа би биле Кина, Индонезија (Бали), Сингапур итн. Впечатокот на прв поглед е дека пристигнуваш во сосема поразличен свет, специфичен мирис, без европскиот шмек на историја со симпатичните улици и историски градби и луѓе кои уживаат во пиење кафе или пиво на сонце и кои уживаат во добра гардероба.
Првиот впечаток за Кина е дека сè делува организирано и покрај тоа што насекаде има огромен број на луѓе, инфраструктурата е одлично развиена, народот е секогаш позитивен и гостопримлив и нивниот препознатлив начин на живот да се принципиелни во сè. Се насочуваат само кон своите цели и со почит кон секого околу нив, малку спротивно од Европа.
Кина е одлична да се посети, да се почувствува секојдневниот живот на луѓето подалеку од тие комерцијални туристички атракции и да се разгледа нивната историја, со добар водич сè би било одлично искуство.
Инаку, би го издвоил Сингапур како мала, но многу футуристичка земја, со голем број рестрикции и почитувања на сите правила до максимум. Но и покрај тоа земјата е многу напредната, со многу футуристички градби и моменти, напреден народ и скоро сите зборуваат англиски јазик и важи за најсигурната земја во светот.
Одлично искуство кое би го препорачал е Марина Беј, прошетка низ паркот со природа изградена како во филмот Аватар во околината полн со многу видови на птици и посета на Марина Беј Хотел, препознатливиот со базенот на врв од хотелот каде што погледот е феноменален. Покрај Сингапур, за луѓе коишто сакаат да поминат евтино и одмор со одлична авантура освен да бидат на плажа, дефинитивно Бали е препорачано место, за само 5 евра на ден земаат веспа и возат низ целиот остров каде што има многу места да се посетат.
Кој е најубавиот град, според тебе, што си го посетил досега?
Тешко е да одредам омилен град секоја локација има своја убавина ако знаете да уживате во моментите. Би одвоил впечатливи места коишто дефинитивно во животот мора да се посетат, Санторини – Грција, Кападокија – Турција, Амалфи брег и Сицилија – Италија, Бриж – Белгија, Тромсо – Норвешка (Поглед на Аурора Бореалис), Дубаи (место кое никогаш не е доволно да се посети), Боракај Остров – Филипини итн.
Јас лично уживам кога изнајмувам рент а кар и кога авантурата ми е низ помали градови каде што на вистински начин и опуштено ќе го почуствуваш животот на луѓето, подалеку од огромните градови полни со сообраќај и бучава. Тој што пробал ја познава таа убавина во авантурата надвор од градскиот хаос.
Најинтересна ситуација што ти се случила за време на некое патување …
Тешко е да издвојам, но еве на пример неколку: Додека се спремавме за патување следниот ден од Габон накај дома, се случи да се враќам пешачејќи навечер низ еден камп кај што беше резерват на слонови и притоа да се појави слон пред мене, после 2 минути имаше сцена од мене како трчам околу една куќа наоколу додека слонот упорно ме брка …
Останати ситуации имало на пример авантура со џип низ длабоките џунгли низ Габон со секакви животни на пат како горили, слонови, огромни змии итн. Авантура со џипови низ пустината во Чад, авантури со веспи низ цел Бали остров, искачување на највисоката точка на светот во Дубаи на Бурџ Калифа со суперсоничен лифт, спиење на импровизирано место во Етиопија помеѓу летови, престојување и работење на нафтена платформа 9 недели на сред океан опкружен со истата соба, истиот ресторан, истата канцеларија итн. каде што психолошки е потребно да се издржи тоа секојдневие и после 6 недели секоја минута ја доживуваш како саат.
Највкусна храна има во …
Покрај нашата храна којашто после секое патување едвај чекам да се вратам дома и да ја пробам, јас лично уживам во италијанската, но покрај неа би кажал дека секоја земја има традиција и спечифични јадења коишто можат само таму да се пробаат, но потребен ви е вистински водич или претходно истражување пред да ја посетите земјата.
Таква земја со одлична гурманска храна и луѓе кои се навистина хедонисти е Либан, историска земја со специфично интересен народ коишто сака да ужива во животот, посебно во вкусната храна. Покрај убава храна изберете и локација со поглед, тоа го разубавува секој момент покрај храната.
Најубави жени има во …
Ние на балканот ги имаме тие жени. Покрај Балканот специфични и убави жени на едно место имам видено во Либан.
Најмногу те изненади …
Минатата година во мај 2019-та за прв пат ги посетив балтичките земји, поточно Рига главниот град на Латвија, бидејќи бев пријавен да учестувам на полумаратон и притоа да го посетам градот. Лично бев изненаден од таквиот пристап и љубезноста на луѓето, едноставни и спокојни, но сепак со одличен впечаток, добиваш искрено чувство дека се пријателски настроени кон тебе, сакаат да ги помогнат во каква било ситуација и Рига е одлично место да се посети. Сопственикот на куќата (35 годишен фамилијарен дечко) каде што бев сместен, беше најљубезната личност што сум ја сретнал во последниве години, дури ми го позајми и велосипедот за да отидам на маратонот.
И маратонот беше еден од поубавите организирани настани минатата година со одлична забава и многу народ коишто не си заминаа дома и до 14:00 останаа да се забавуваат. Би ги препорачал Балтичките земји дефинитивно.
Најубавата плажа на светот е …
Претпоставувам некоја каде што сè уште не сум бил (Канкун Мексико, Маурициус, Сејшели, Малдиви, Хаваи итн.). До сега најубав впечаток ми имаат оставено едни фантастични мали острови во Малезија коишто се викаат Рава и Тиоман Остров и целите острови се исполнети со бел песок и бели куќички коишто се вистинско уживање.
Не се светско популарни бидејќи се потешко достапни, но се фантастични, налик на Малдиви.
Каде живеат најљубезните луѓе?
Како што споменав, Балтичките земји ми имаат оставени многу позитивен впечаток, секогаш позитивниот дух и уживање во нештата на Италијанците, исто така и азиските земји како Кина, Малезија, Виетнам. Генералниот мој впечаток е дека кога би прошетале во секојдневниот живот на луѓето независно од секој дел од светов, во секој од нас живеат позитивните и негативните луѓе, ваше е да изберете што ве прави среќен.
Веројатно во психологијата на обичниот народ е да се однесуваат љубезно посебно кон посетите на странците, бидејќи на човекот потсвесно му причинува чест тоа што ги посетуваат нивните градови, земји, планини итн. Политиката продава различни погледи, а обичниот човекот низ целиот свет сочинува исти или слични манири.
Најниски цени има во …
Ја немам направено оваа статистика, многу детали влегуваат предвид тука, но еве ќе одвојам дека додека бев во Бали се ми изгледаше премногу евтино, многу поевтино од Македонија. За разлика од другите земји коишто само благи нијасни ги одвојуваат едни од други, посебно Европа.
Највисоки цени има во …
Веројатно Франција, Белгија, Дубаи, Сингапур…
Колку Македонија е поврзана со авионски летови со светот? Најдолг лет досега?
Има едно единствено правило, се доволно финансии секаде е можно да се пристигне. Ние треба да сме многу благодарни на Wizzair за тоа што конечно луѓето почнаа да патуваат сè повеќе, да искусат нови нешта и да уживаат во тоа.
Да се надеваме дека уште многу авионски компании ќе донесат нови летови за низ Европа и светот во иднина. Благодарение на Wizzair, и на останатите можеме лесно да се движиме низ светот.
Најдолг лет до сега ми е Скопје – Истанбул – Катар – Сингапур – Брунеи, со сите паузи меѓу летови се тоа вкупно беше околу 34 часа, со преноќување во меѓувреме.