Интервју со Максим Точевски: Искуство од патувањето на Транссибирска рута, кое секој треба еднаш да си го дозволи
- Детали
- сабота, 21 септември 2019
Се поминува огромно територијално пространство, во купеата се игра шах, карти и други друштвени игри, патувањето чини од 1.500 до 3.000 евра и секој треба да се охрабри барем еднаш да замине на вакво необично патување - Максим Точевски го раскажува искуството од патувањето со Транссибирска железница.
2 недели поминати во воз, со луѓе кои сте ги запознале на патувањето, поминати во друштвени игри и неверојатни доживувања и магични глетки од земјите низ кои поминувате - зарем веќе не посакувате да се најдете на едно такво патешествие?
Максим го раскажува неговото искуство детално, открива кој му бил омилен дел од патувањето, кои работи се неопходни да се понесат со себе и колку чини едно вакво патување.
Патешествието на Максим:
Дали навистина е повеќе од само една обична железничка рута?
Апсолутно да! Едниот аспект е дека се поминува огромно територијално пространство – и моментот на патување на тоа растојание во воз е нешто стварно уникатно.
Додека сте во воз осетот за дистанца се губи, но во еден момент кога ќе ја видите почетната точка и вашата моментална дестинација, сфаќате на каков подвиг сте тргнале.
Другиот аспект е дека иако популарноста на оваа рута расте, сѐ уште е далеку од комерцијализирана и дефинитивно може да се доживее автентичноста на железниците, возовите, луѓето и околината низ кои се патува.
Нашето патување почна од Москва, каде што целата „патничка“ група се собра од повеќе земји и многу од нас за прв пат се запознаа токму тука.
Откако ја поминавме цела Русија, се упативме низ степите и огромните пространства на Монголија, за на крај да го завршивме патувањето во Пекинг-Кина.
Какво беше доживувањето од купеата на оваа железница?
Се сеќавам на првата преспиена вечер во купето, кога само се слуша звукот на шините и визуелната слика на трасирање на сибирските шуми навечер. Самите купеа се доста мали но компактни.
Често игравме шах или карти на масичките, или пак излегувавме во ходниците за разни дружби со нашата група или сопатниците од другите купеа кои што често знаеја да навратат и да се поздрават со „странците“.
Што е тоа што фасцинира, а што не е според очекувањата?
Старовременскиот раскош и големината на Русија е фасцинантна. Руралните градови на Русија кои изгледаат застанати во времето… Посебно Краснојарск каде што најблискиот соседен град е околу 1000 километри.
Остатоците од комунизмот, градбите, културата беше сѐ уште видлива, како и чувството на отсеченост на луѓето кои живеат таму и видната желба за преселба и шетање на други градови и земји – но немањето на можност и финансиски средства за реализирање на истите.
Бајкалското Езеро беше исто еден од највпечатливите региони од целото патување. Целата оваа територија е населена од мешани народи каде што будистичкото влијание е предоминантно.
Пространствата и природата на Монголија. Дефинитивно најуникатниот дел од целото патување според мене.
Една од ретките држави во светот каде што најголемиот дел од природата е недопрена од човековата цивилизација, а истовремено и единствениот народ кој сѐ уште го негува номадскиот начин на живот во максимална кохезија со природата и огромна гостопримливост за туѓинци.
Охрабрување за едно вакво патување…
Мислам дека никогаш нема да се чувствуваш спремен за ваква авантура и тоа е всушност убавиот момент. Едноставно мора да се одлучиш дека одиш на патувањето, да се испланираат есенцијалните работи како визи, дозволи, план на рутата, билети и некое сместување… а другото да се остави на спонтаноста и снаодливоста на самиот пат.
Самата трема и иницијалниот страв од ваков подвиг исчезнува одма после првите неколку денови на пат – и тогаш доаѓа реализацијата дека сме многу поснаодливи и способни за вакви авантури отколку што првобитно сме мислеле.
Патувањето не е исцрпувачко како што иницијално звучи. Иако ние имавме доста набиена агенда и сакавме да истражиме што повеќе од градовите во Русија, пространствата на Монголија и Пекинг – сепак многу ретко имавме денови на исцрпеност и воопшто никакви здравствени проблеми.
Кога застанувавме во градовите во Русија, секогаш престојувавме во хостели. Морам да кажам дека самите хостели беа во одлична состојба и прифатливи цени, што беше позитивно изненадување.
Во Монголија сакавме најголемиот дел од патувањето да го поминеме во пустините и степите со номадските семејства – и престојувавме со нив во нивните јурти (шатори), освен 2 вечери во главниот град Уланбатор.
Кога веќе стигнавме во Кина после скоро 4 недели во воз и хостели, се „почастивме“ со хотелско сместување и комодитети да го прославиме стигнувањето на крајната дестинација на ова патување.
Целата тура ја организиравме сами, освен Монголија каде што имавме водич поради јазичните бариери со номадските семејства и навигирањето на ненаселените региони. Голема благодарност до Ксенија и Анет коишто беа главните организатори.
Дали може секој да си го дозволи барем еднаш во животот?
Мислам дека да. Финансиските трошоци се присутни, но мислам дека не се многу повисоки од полу-луксузен одмор во некои од популарните летувалишта. Побитна е волјата и одлучноста да се испланира и отиде на ваква авантура.
Ние патувавме скоро цел месец и мислам дека цената за целото патување може да варира од 1500 до 3000 евра во зависност од траењето на патувањето и начинот на кој се патува и троши.
Како е да се биде 7 дена во воз цело време и дали возовите ги задоволуваат стандардите?
Мене целото доживување во воз ми беше многу уникатно и исполнувачки. Како некој што се нема возено премногу со воз, овој начин на патување најавтентично го доловуваше духот на целата авантура. Звукот на вагонот додека се движи на шините, дружбите во купеата, играњето на друштвени игри, преспиените ноќи се дефинитивно нешто што ќе ми остане врежано во меморија.
Самите железнички станици се многу впечатливи и во одлична состојба, а истото се рефлектира на возовите и купеата.
Како што навлегувавме подалеку во Сибир, сретнувавме позастарени возови, купеа, тоалети – но и покрај ова генерално сè беше во многу добра состојба што беше над моите очекувања. Но сепак не би препорачал да се поминува Сибир во зима.
Што е неопходно да се носи?
Би препорачал доколку некој се одлучи на ваква авантура – да го направи тоа во лето, дека логистичкиот дел е многу полесен.
Најбитните работи беа:
- Модуларна и комфорна облека. Многу кратки маички, фармерки, комфорни панталони со многу џебови (за чување документи, пари, итн.) и тренерки, есенска јакна за ладните ноќи кои обично ги имавме во пустините на Монголија.
- Удобни патики.
- Медицински намирници против настинки, дигестивни тегоби и антибиотик доколку се случат некои потешки заболувања. Добрата вест е дека иако земав сè од ова, немав потреба да искористам ниедна од нив.
- Ова е смешниот дел, но мора да се спомене… повеќе долна облека дека приликите за перење на алиштата беа лимитирани.
- Сет за хигиена што лесно може да се користи на пат.
- Специјален ранец или пренослив куфер на тркала, за да се спакува целата опрема. Иако повеќето од нас носеа ранци, имаше неколку што немаа никакви проблеми носејќи ја својата опрема во куфер, а на себе мали ранчиња за патувањата и истражувањата откако ќе се сместиме.
- Помошен ранец за дневните екскурзии.
Магијата на ова патување прикажана низ фотки Кина, Монголија и Русија:
Г. Д. | Црнобело