Ирма Башеска Ристовска го раскажува искуството од Јапонија: Дисциплина, живот во претесни станови и необични случувања
- Детали
- понеделник, 25 февруари 2019
Сите тежнееме да создаваме спомени вредни за паметење. Тоа е она што нè движи и води низ животот. Двонеделно патување во Јапонија на Ирма Башеска Ристовска и нејзиниот сопруг е патување со несекојдневен сплет на околности и необични случки од самиот почеток.
Да речеме, уште вториот ден, додека го истражувале Коенџи ненамерно влегле на погребална церемонија. Во Хараџуку влетале на две свадби во рок од 10 минути. Или друг ден, сосема непланирано се приклучиле на интернационална геј парада.
„Јапонија се најде во фокусот на моите интереси и претставуваше инспирација за многу нешта во мојот живот, уште од средношколските денови. Јапонската музика (од традиционална, до ј-рок), јапонската кинематографија, јапонската традиционална ликовна уметност, архитектура, историја, традиција, култура, оној контраст помеѓу нашиот менталитет, европскиот активен начин на живот, и нивната спонтаност и смиреност, е она што на посебен начин допира нешто длабоко во мене.
Кога ќе се земе предвид дека со години, и двајцата сме мечтаеле да ја посетиме оваа земја, изборот беше многу лесен и сосема логичен. Целото искуство беше емотивно на многу нивоа“, споделува Ирма, која очекувала дека Токио ќе биде прескап.
Очекувала дека ќе се соочи со расизам, дека луѓето ќе се тргаат од нив во воз, како што читала по форуми. Очекувала дека сигурно ќе се изгубат барем еднаш.
Но, во ниеден случај не очекувала дека Токио ќе биде толку достапен и евтин за туристи. Не очекувала евтини билети за музеи. Ниту, дека толку голем град, со толку активен јавен превоз и густ сообраќај, толкава населеност и туристи, ќе биде толку мирен и чист.
„Она што прво паѓа в очи кога одиш во земја како Јапонија, е неверојатната дисциплина. Народот таму беспрекорно се грижи за хигиената, следат строги правила во однос на фрлање на отпад и рециклирање, постојат дури и специјални кеси за чадори, за на дождлив ден, да не се внесува вода во затворени простории“, споделува Ирма, фасцинирана од начинот на кој луѓето си ги вршат секојдневните обврски, така мирно, без знаци на фрустрација и нервоза.
„Неверојатно е колку луѓето таму се грижат за својата средина, култура и традиција и колку се горди на тоа. Па тоа те тера да размислуваш многу на дома, и да се запрашаш, кога и каде тргнаа нештата наопаку кај нас?
Неверојатно е колку се културни и одмерени, и како нивниот однос влијае врз односот на другите, свесно или потсвесно. Нивната смиреност и учтивост неизбежно се рефлектира. Никогаш нема да повишат тон, ниту да се расправаат, колку и да не се согласуваат со тебе.
Тоа ти дава простор да размислиш за она што ќе го речеш и направиш“, додава Ирма, која го нагласува фактот дека постои многу голема разлика помеѓу искуството кое го има турист во Јапонија, од Јапонец во Јапонија, и странец кој живее и работи во Јапонија.
Нивните пријатели кои живеат таму им помогнале да ги согледаат нештата што турист никогаш не би го забележал сам. Почнувајќи од секојдневните пречки и проблеми со кои се соочуваат страниците кои живеат таму, правата кои ги имаат на работа, па сѐ до проблеми кои настануваат при најмување на стан.
Велат дека речиси е невозможно унапредување на работното место и повишување на платите. Дури мали се шансите и странец да може да има семејство таму.
„А проблемите со кои локалното население се соочува се сосема друга категорија, и може дури и слободно да се рече, дека во одредени сегменти од животот, на странците им е полесно, бидејќи се ослободени од притисоците и очекувањата со кои Јапонците се соочуваат секојдневно како дел од нивниот традиционален живот“, дофрла Ирма и вели дека малку работи ја изненадиле во Јапонија.
Можеби затоа што веќе долго време била добро информирана за животот таму и правилата на однесување. Одењето таму ѝ дало чувство како да оди дома!
„Необично ми беше и сознанието дека целата земја користи ладна вода за перење алишта во машина. Исто така, иако знаев дека становите им се претесни, сосема се изненадив дека најголем дел од нив немаат шпорети, кујните им се премали, но туш кабините кои се одделени од тоалетите се преголеми.
Воедно, се изненадив кога сфатив дека можам сосема одлично да функционирам со +1 човек во простор од 10 м квадратни. Иако бев многу свесна за нивната учтивост, бев неверојатно фасцинирана од подготвеноста на одредени луѓе да одат со тебе километар спротивно од нивниот правец, за да те испратат до локацијата каде што си тргнал, за да не се изгубиш“, се присетува Ирма Башеска Ристовска.
„Благодарна сум што имав нозе кои ме држеа активна по 11 часови на ден, што избравме пешачење наместо одење од локација до локација со јавен превоз, што успеавме да посетиме повеќе од 30 храмови, и голем број традиционални јапонски градини, што доста голем дел од времето го посветивме на истражување на мали населби кои се далеку од туристичките атракции, места кои нè изненадија со вистински традиционални бисери.
Благодарна сум што конечно можам да кажам дека уживав во Кабуки театарска претстава, нешто што отсекогаш ми беше сон! Благодарна сум на можноста да уживам во кафе на покрив на висока зграда додека се воодушевувам на густото Токио, благодарна сум што имав можност да пијам традиционален мача чај во традиционална градина во која единствени посетители бевме јас и сопругот, градина која после дождот интензивно мирисаше на цветови кои не сум ни знаела дека постојат“, ги споделува моментите за кои Ирма е благодарна на животот.
Освен тоа, таа е благодарна и за нештата кои сфатила дека ги има дома, привилегии кои никогаш нема да ги има таму. Тоа патување освен што ја направило свесна за сите маани кои ги има нашата држава и народ, направило да стане свесна за нештата кои ги има тука и за кои вреди да се бори.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело