Адриана Вељановска по 2 месеци во Кина: „Би рекла дека Кинезите се наш далечен сосед, според менталитетот“
- Детали
- понеделник, 08 октомври 2018
„Кинезите си носат перница и си дремнуваат на работа, а начинот на забава, почнувајќи од кафе шемата по работа, верувале или не, им е сличен како на нас во Македонија. Стаклени облакодери има на сите страни, а старите згради и за самите Кинези се атракција“, раскажува Адриана Вељановска.
Адриана Вељановска е 27-годишна Македонка, машински инжинер и индустриски дизајнер, која повеќе од 2 месеци живеела и работела во Кина.
Вели дека отсекогаш сакала да патува и да го прошета целиот свет, и иако била во преку 30 земји и на неколку континенти Кина отсекогаш ѝ претставувала предизвик.
Кога добила бизнис понуда за соработка преку нејзината струка без размислување заминала уште првиот викенд потоа.
Во разговор за CRNOBELO.com таа ги пренесува своите искуства оттаму:
За визата...
За Кина треба виза за која ти требаат повеќе документи и имаат стоги правила за влез бидејќи имаат стог политички режим, но со целосни документи се добива виза за 3 дена.
За местото...
Во Кина бев повеќе од 2 месеци. Бев во помал град до Шенжен, но таа разлика ја има само на мапа, бидејќи тие се огромни градови – метрополи, реално нема разлика, како на пример кај нас Аеродром и Ѓорче Перов да се два посебни града. Со метро си за 20 минути во центарот на Шенжен, каде и најчесто се шетав.
Најдобрата страна на Кина...
Се можностите кои Кина ги нуди за индустриски развој. Земјата брзо се развива, индустријата цвета, и секој што сака да се занимава со бизнис или производство во Кина може да најде од пиле млеко.
Шенжен за Азија е како што е Силиконската долина за Америка. Има многу странци, огромни стаклени згради и бизнис центри, многу зеленила и паркови, чист и тропски предел со свежи овошја и зеленчук и многу морска храна.
Најлошата страна на Кина....
Дефинитивно е отежнатата комуникација. Ако навлезеш во внатрешноста на Кина многу Кинези не разбираат англиски, и знаците се испишани на кинески, па без водич речиси е невозможно да се снајдеш, нема да можеш да прочиташ ни каде си, ни каде сакаш да одиш, ниту да ги разбереш кога ти зборуваат.
Сепак, во Шенжен како град со најмногу странци и споен со Хонг Конг, разбираат англиски колку толку и со ГПС и мапа лесно се може да се снајдеш.
Кина во една реченица...
Би рекла дека е наш далечен сосед, многу различни, но во најважното исти, со исти семејни вредности, начин на забава и слободно време и домашна готвена храна.
За луѓето…
Иако зборуваме различен јазик, изгледаме различно, имаме различни верувања и религии, сепак Кинезите ги сметам за поблиски до нашиот балкански менталитет, отколку некои западни земји.
Кинезите се мирни луѓе, кои после работа одат на кафе или кино, ги почитуваат странците и ги третираат како дел од фамилијата и секогаш се услужливи и тука да ти помогнат.
Негативната страна е што понекогаш поминуваат на црвено или фрлаат отпад на улица (исто како и кај нас).
За сообраќајот…
Сообраќајот е совршен за возење велосипед, нормално бидејќи милиони луѓе возат велосипед во Кина. Имаат посебни патеки и специјални тротоари за лесно движење.
Имаат метро возови кои исто така се многу брзи. Имаат и убер такси со кое најчесто патував до работа.
За ноќниот живот…
После работа се оди на кафе, исто како кај нас. Имаат и добар ноќен живот, одење на кино, караоке барови каде што се пие и се пее, дискотеки и ресторани.
Ништо не е различно од кај нас освен што музиката е на кинески.
За нивниот изглед и колку ги следат модните трендови...
Најчесто ги следат Јужнокорејските трендови и ги обожаваат модата, шминките, како и музиката и бендовите кои доаѓаат од Јужна Кореја.
Помладите се шминкаат и носат помодерна облека, додека постарите носат шарени и чипкани парчиња, да не речам кич облека. Сепак, шминката секогаш им е минимална, нежна и пастелна, никогаш не носат тешка шминка.
За начинот на работа…
Се работи 9 часови на ден од кои 1 час е време за ручек, а 8 часови работа. Кинезите дремнуваат малку за да бидат поефективни во работата и не е чудно да си носат перничиња на работа и да се одмораат на биро.
За исхраната и пијалаците…
Кинеската храна е различна во секоја провинција. Таа што е локална во Шенжен, на југот, воопшто нема да биде слична со таа во Пекинг, на север. Треба да се има предвид дека површински Кина е голема колку цела Европа, па и храната не е иста секаде.
Во Шенжен стриктно, храната е превкусна, воопшто не е слична на онаа во нашите кинески ресторани во Македонија, која намерно е македонизирана за да биде поблиску со вкусот до нашата исхрана. Таму храната е често готвена, варена или барена, некогаш пропржена, со многу зеленчук и месо.
Не јадат млечни производи. Кашкавал и млеко може да се најде само во продавниците за странска храна и како увозни се прескапи. Исто така, не јадат ни многу благи работи, туку овошје или десерти со чудни вкусови.
Уличната храна е одлична, свежо подготвена на лице место. Наутро продаваат ориз и производи од оризово брашно, кои Кинезите си го купуваат како ужина или ручек, а попладне се продава многу морска храна на стапчиња или остриги кои ги јадеш додека си на прошетка низ градот.
За цените…
Цените се различни во зависност од тоа каде пазариш. Цената во супермаркетите е скоро иста како и кај нас. Во маалските продавнички за облека, како и кинеското Таобао, цените се на пола и повеќе од нашите. Но, доколку одиш во трговските центри таму има брендирана облека како што е Шанел, Версаче, Армани и се далеку поскапи, исто како и во Европа.
За архитектурата...
Имаат многу нови и големи стаклени облакодери, нови комплекси за живеење со приватен влез, многу паркови и зеленила, големи и широки улици.
Има некои стари и мали згради, но најчесто тие ги рушат и градат нови и модерни објекти. Историски храмови и стара архитектура може да се види, но е ретка и служи како атракција дури и за самите Кинези.
Во некои забавни паркови има и вештачки фасади со европски изглед пред кои се сликаат, бидејќи за нив пак обратното важи, за нив Европа е далечна и егзотична.
За тоа каде одмораат Кинезите...
Најчесто патуваат низ Кина, бидејќи како што кажав по територија е со големина на Европа, а доколку одат надвор, тоа е Хонгконг, Макао, Тајван, Тајланд, Сингапур итн.
За тешкотиите со кои се соочуваш како странец....
Освен јазикот и писмото, и желбата за сирење и кашкавал, буквално нема никакви тешкотии, што и да побараш сите сакаат да ти помогнат, особено на странец, имаат огромна почит кон секој кој доаѓа од Европа, а па ако има светла коса како мене, секаде те загледуваат и те поздравуваат, а понекогаш и сакаат да се сликаат со тебе.
На денот на католичкиот Божиќ, бев излезена, па едно мало детенце од неколку години ме запре и ми посака „Merry Christmas“ на англиски. Иако не ме знаеше, знаеше дека сум странец и дојде до мене само за да ми честита празник кој не е негов и на јазик кој не го зборува, ми го стопи срцето и никогаш нема да го заборавам тој момент.
Фотки од нејзиниот престој во Кина:
Фото: Адриана Вељановска
С. С. | Црнобело