Маријана живее во Прага: „Чешките парови страсно се бакнуваат среде улица, има многу Македонци - од мајстори до инженери“
Каде одат Чесите на одмор? Во кои земји?
Чесите долго време биле затворени во границите на поранешната комунистичка Чехословачка. Имаат развиено култ кон колиби и викендички.
Секое семејство поседува таква куќарка и редовно за викендите одат во куќарките.
Редовно одат на скијање и без тоа не се може. Зимскиот период им е поомилен, отколку летниот.
Викендите освен што се оди во колибите, се оди редовно на планинарење, пешачење и собирање печурки, во сезоната на печурките, се возат велосипеди, едноставно се спортува.
Летниот период одат претежно во Хрватска, фамилијарно, но сега и егзотичните дестинации се на цена. Како и да е, каде и да одат, толку се едноставни и умерени во сè, и едноставно знаете дека се Чеси.
Македонија може да им биде достапна дестинација, но за жал нема директен лет од Прага, туку од Братислава. Сепак, голем е бројот Чеси кои ја посетиле Македонија.
Минатата година на мојата најдобра чешка пријателка ѝ ја покажав Македонија и едноставно беше пресреќна што дојде. Ќе има и втор дел, во секој случај.
Како и секаде во светот, така и овде не се штеди на одмори, но повторно зависи од длабочината на џебот.
Какви се градинките/училиштата?
Во цела Чешка се посветува големо внимание на образованието. Има многу нови приватни градинки и училишта.
Запишувањето во државните средни училишта не е едноставно и за да ви го примат детето, треба да има одличен успех од основното и одлични резултати на приемните испити.
Приемните испити и воопшто запишувањето во средно е цела една машинерија која создава фрустрација, како кај децата, така и кај родителите.
Едноставно, што не ми се допаѓа е што децата уште на 14 години се дискриминираат и се делат.
Во приватните училишта зборуваат парите и колку може да платите за сопственото дете. Во последно време и корпорациите си отвораат свои приватни училишта за своите потреби.
Нешто што ми се допаѓа е, што овде децата се воспитуваат од дома од најмали нозе да бидат самостојни и да почитуваат и да имаат обѕир како кон себе, така и кон тие околу.
Можете често да видите родители кои разговараат со своите деца како со возрасни, без воопшто да го фатат за рака или сл.
Можете да видите мали деца, да си го влечат куферот, ранецот, велосипедот и родителот воопшто не му помага.
Исто така група дечиња од градинка како ја слушаат учителката и нема некое да се издвојува или да му се обрнува посебно внимание.
Долови ни некои најинтересни навики на локалците…
Пред Божиќ, за Св. Никола, обично на 5 декември имаат невообичаен обичај, Свети Никола го викаат Свати Микулаш. Доаѓаат тројца со маски во ангел, ѓавол и Свети Никола.
Обично одат кај семејства со мали деца и тогаш прво настапува Ѓаволот, кој според кажувањата прво го прашува детето дали било добро и послушно во тек на годината и ако било добро се дарува со овошје или слатки а ако, не му дава врел компир и го плаши.
Се верува дека децата кога ќе имаат страв од ѓаволот нема да бидат лоши и ќе ги слушаат родителите и нема да прават белји.
Исто така би го спомнала и митот за златното прасе. Тоа е чисто чешко божиќно суеверие кое потекнува од средниот век. Според ова суеверие се верува, дека тоа е ветена визија за оној кој нема да јаде месо цел ден до вечерта на Божиќ и потоа ќе види златно прасе.
Затоа често ќе видите дека како божиќен подарок си подаруваат статуетка на златно прасе. Дури и имаат лоз-лотарија наречена „Златно прасе“ која излегува во промет само за Божиќ.
За први мај секогаш се излезени на прошетка и имаат традиција заљубените парови да се бакнуваат под црешово дрво, а сето тоа како дел од Денот на љубовта, а мај воопшто го празнуваат како месец на љубовта. Месецот го започнуваат со палење на т.н. вештерки и други традиционални поворки во селата.
Чешката народна литература изобилува со неверојатни бајки, а сите претежно се одвиваат во шуми.
Имаат милион вицови за пивото и тоа колку е достапно. Пиво се пие во неограничени количини, без разлика на возраст.
Се смета дека го имаат најдоброто и најквалитетното пиво во цел свет. Се произведува од специјални сорти јачмен и хмељ и со сосема поинаква технологија на производство од другите европски земји.
Најпознатите брендови пива се од Чешке Будјовице, Пилзнер и Бадвајзер, добиени според името на градот од каде што потекнуваат. Во Пилзен имаат музеј на пивото и се покажуваат тајните и уникатниот процес, начинот и технологијата на производство на пивото.
Моментално Чешката асоцијација на пиварници има предлог за регистрација на чешката пивска култура на листата на УНЕСКО, со цел да се заштити како културно наследство на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО. И тоа им успеа кон крајот на јануари годинава.
Што би донела од таму во Македонија и од Македонија би однела таму?
Како и да е, сепак сме слични народи со слични традиции, но Чесите имаат и некои мали примеси од германските племиња и би рекла дека досега тоа одлично успеваат да го искомбинираат и одржат.
Имаат неверојатна национална свест, бидејќи со годините и вековите биле угнетувани и поробувани, но сега си го чуваат својот идентитет по секоја цена.
За овие 30 години откога се распадна тој комунистички систем и после т.н. Виолетова револуција, Чесите се борат неуморно за своето право за достоен живот во вистинска смисла на зборот. Го прифатија новото модерно време и одлично го искомбинираа со вредностите на минатото.
Од Чешка во Македонија би ја донела нивната самосвест и грижата за околината. Треба и може да се научи многу во тој поглед од Чесите.
Од друга страна на Чесите би им ја покажала нашата македонска уметност на живеењето, лежерноста и македонскиот ведар дух.
И тие имаат што да научат од нас, но треба да им дадеме можност и да им бидеме поблиску, а тоа може да го направиме, за почеток, ако се воведе директна авионска линија Прага-Скопје и обратно.
Повеќе фотографии од Чешка:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
Би можело да ве интересира:





