Мартина од Битола ја посети Аргентина: „Носат бебиња на фудбалски натпревари, ја запознав ќерката на Марадона“
- Детали
- четврток, 13 февруари 2025
„На Македонците не им треба виза за Аргентина. Патот е напорен - од Скопје до Буенос Аирес се стига за скоро 2 дена. Државата е прекрасна, но скапа, а има и многу корупција - но мене ми е омилена“, вели за CRNOBELO.com Мартина Петровска, која има многу пријатели таму и по 11 години повторно ја посети земјата што ја обожава.
Мартина Петровска (29) од Битола неодамна беше на патување во Аргентина. Таа вторпат беше во оваа јужноамериканска земја, која првпат ја посетила на свои 18 години.
Полна со впечатоци за местата што ги видела, луѓето што ги запознала, меѓу кои и ќерката на легендарниот фудбалер Армандо Диего Марадона, Мартина за CRNOBELO.com вели дека пак би одела таму.
Таа Аргентина ја препорачува и како дестинација на сите кои сакаат малку поинакво патување, а притоа се и љубители на фудбалот.
За ова необично патување, таа ни раскажа во интервјуто:
Зошто ја избра Аргентина како дестинација?
Аргентина ми е омилена држава уште од кога бев мала. Јас бев голем фан на серијата „Ангели“ и тоа ми помогна да создадам пријатели таму.
Пред околу два месеца бев вторпат таму, а првиот пат бев на 18 години.
И овој пат ја избрав Аргентина зошто има прекрасна природа, храна, фудбал, градби и луѓе полни со позитивна енергија.
Дали организираше сè сама или беше преку агенција? Дали ни треба виза и каква е процедурата за добивање (и колку пари чини)?
Патувањето го организирав сама. За Македонците не е потребна виза за Аргентина и ние имаме можност слободно да седиме таму како туристи до три месеци.
Самиот лет дотаму е напорен. Се патува скоро два дена со прекачување од Истанбул.
Летот Скопје - Истанбул е краток околу 1 час, по што чекав во Истанбул шест часа. На крај, летав од Истанбул до Буенос Аирес, а тој лет трае 18 часа.
Билетот од Скопје до Буенос Аирес и назад ме чинеше околу 1.300 евра.
Каков ти беше првиот впечаток за земјата, за Буенос Аирес? Дали градот беше сè што очекуваше или беше поубаво (полошо) од тоа што си ги замислуваше?
Поради тоа што Аргентина ми е омилена земја, секогаш ја гледам со розови очи.
Во однос на природата, градбите, луѓето - сè беше како што очекував.
Но, но се изненадив за цените. Многу е скапо и не само во туристичките места, туку насекаде, вклучувајќи ги и маркетите и продавниците за облеката.
Државите во Јужна Америка ги немаат истите плати како Европа и САД, но цените беа повисоки дури и од Германија, Шпанија.
Луѓето таму имаат многу економски проблеми, а и во маркетите купуваат на рати.
Државата е прекрасна, не им недостасува ништо, но корупцијата е навистина многу раширена.
Што сè имаше можност да видиш во Аргентина - градови, познати локации?
Имав можност да ги видам Буенос Аирес и Сан Мартин де Лос Андес.
Буенос Аирес е голем град, па ќе ти треба еден месец да видиш сè што има во него.
Секоја населба има своја приказна, еден спој меѓу Европа и Латинска Америка.
Во Буенос Аирес има прекрасен театар, „Колон“, кој е еден од најдобрите во светот.
Ги посетив и гробиштата во населбата Реколета, кои имаат специфични градби, а каде што се погребани важни личности од аргентинската историја - меѓу нив и Евита Перон.
Бев и во населбата Ла Бока, во која мириса на фудбал на секој чекор, но и во Плаза де Мајо, Каса Росада, катедралата на градот Буенос Аирес, населбата Сан Телмо која е позната по тангото.
Тигре е населба малку подалеку од градот, но со прекрасна природа и реки.
Од друга страна, Сан Мартин де Лос Андес е планинско место за одмор, полно со природа и тука Аргентинците одат за да избегаат од жешките летни денови.
Што ти остави најсилен впечаток од местата што ги виде, а што те разочара?
Најсилен впечаток ми оставија фудбалските натпревари, зошто Аргентинците се луди за фудбал, посебно на стадионот на Бока. Таму носат и мали бебиња, штотуку родени.
Постојано се пее, игра, навива. На ниедно друго место не сум видела толку голема страст за фудбал како таму.
Она што ме разочара е метрото и нивните станици, бидејќи се многу валкани и несигурни.
Раскажи ми за посетата на местата поврзани со кралот на аргентинскиот фудбал, Марадона...
Марадона е на секој чекор, во секој ресторан, има графити на секој ѕид.
Го посетив неговиот музејот во населбата Ла Бока. Марадона играше за „Бока“ па за нив е светец.
Секој Аргентинец го знае и го сакаат дури и тие што не го виделе како игра.
Во секоја продавница имаат како икони од Марадона, бидејќи тој им донесе многу слава, а нивната држава и фудбалот станаа многу познати поради него.
Многумина би го избрале Марадона над Меси заради фудбалот, но многу феминистички организации не го сакаат Марадона заради неговиот приватен живот.
Имав можност да ја запознам неговата ќерка Далма, која ми направи интервју зошто ѝ беше интересно дека многу добро го зборувам шпанскиот јазик со аргентински акцент.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_111507_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_114571_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_108116_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_109330_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_107371_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_107489_400.jpg)