Кјара Гоља 9 години живее на Нов Зеланд: „Сè уште се привикнувам, ми фалат блиските, бурек и јогурт“
Што студираш/работиш? Колку си задоволна од досегашната кариера, но и кои ти се целите што си ги имаш поставено за во иднина?
Моментално ја завршувам последната година од вториот факултет, кој е за политика, а истовремено завршувам пракса за да станам адвокат на Нов Зеланд.
Низ студиите имав многу различни работни позиции, од услужни дејности, преку бутици, до политички партии, а сега работам како администратор во агенција за недвижности.
Задоволна сум со можноста да можам да заработувам додека ги завршувам студиите, но возбудена сум да почнам да работам како адвокат во скоро време и да видам дали воопшто ќе ми се допаѓа како професија.
Целите за во иднина се да стекнам искуство како адвокат, а потоа можеби да започнам свој бизнис и ако сè уште ме влече политиката, можеби да станам дел од новозеландскиот парламент.
Какви се локалците?
Локалците се многу позитивни, фини и секогаш спремни да помогнат.
Кивијанците се дури и некогаш префини, на пример ако храната доцни 30 минути никој не се буни ниту па би се пожалиле за тоа.
Тие живеат многу опуштен живот, до толку што кога доаѓаат ѕвезди од Америка и се шетаат по улица, тие не ни ги приметуваат ниту пак се замараат.
Затоа и им годи на познатите личности да доаѓаат тука.
Толку се фини што понекогаш е фрустрирачки, ха, ха.
Дали некогаш си се почувствувала неубаво бидејќи си „дојденка“ или секогаш се однесувале убаво со тебе?
Никогаш не сум се чувстувала неубаво, луѓето тука сакаат да запознаваат луѓе од други места и да дознаат повеќе за државите од каде што тие доаѓаат.
Каква е локалната храна? Што ти се допаѓа најмногу, а што си пробала и веќе никогаш не сакаш?
Локалната храна воглавно е комбинација од англиската кујна и индиската и азиската храна.
Тоа е така бидејќи Нов Зеланд е земја на имигранти и нема којзнае колку нивни специјалитети.
Тука најмногу ми се допаѓаат месото и чоколадите што се локално производство.
Но, ми се допаѓа и тоа што се достапни различни кујни и вкусови.
Од кивијанските специјалитети им ги обожавам питите.
А тоа што не ми се допаѓа е Марјмајт - намаз направен од екстракт од квасец од пиво и десертот Павлова.
Како изгледа ноќниот живот во Оукленд? На какви места сакаш да излегуваш?
Ноќниот живот тука е многу „ослабен“ особено после ковидот.
Повеќе се излегува по ресторани и барови, отколку во дискотеки.
Излегувањата не се многу долги, обично луѓето си одат дома и пред полноќ.
Кивијанците имаат култура на пиење на големо пред излегување поради цената на пијачките во баровите. Па, така, некогаш само се собираат дома со пријатели.
Јас никогаш не сум била многу по забавите бидејќи мразам гужви, а и не сум по пиењето, така што преферирам да одам во ресторан, а потоа во некој бар, или да поканам пријатели кај нас дома на пијалак и друштвени игри.
Дали си прошетала голем дел од земјата? Што имаш посетено, а да ти оставило најсилен впечаток?
На јужниот дел од островот го имам посетено само Квинстayн, а северниот дел од островот го имам буквално прошетано цел.
Квинстаун е единствениот град што го имам посетено на јужниот крај од островот, но ми е еден од поомилените места тука.
А на северниот дел фаворити ми се Оукленд, Маунт Маунгануи и Мангафаи.
Дали ти дошле гости од Македонија? Ако да, каде ги шеташ?
Да, од Македонија нè има посетено баба ми Роза од Скопје (4 пати), баба ми Данка и дедо ми Томе од Дојран, и мојот најдобар другар Кристијан.
Во моментов се тука баба ми Роза со тетка ми Ребека и братучедите Макариј и Доротеј.
Другите пријатели и роднини сè уште ги убедуваме да нè посетат.
Секаде ги шетам, но најмногу на местата каде што има преубава природа и на места што мене ми се омилени, особено кога се работи за храната.
Ти недостига ли Македонија (и што најмногу)? Колку често се враќаш дома?
Ми недостигаат храната, пријателите и роднините. Од храна тоа се буреци, ѓевреци, јогурт и слично, а ми недостига и забавниот живот.
Се немам вратено од 2019 година, никако да најдам време бидејќи патот е многу долг и не се оди за кратко.
Здравје, се надевам следната година ќе ја посетиме Македонија со мојот свршеник Стефан и со неговата фамилија.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело