Диџеј Мац за патувањето на Сицилија: „Летавме со авион преку Тирана, видовме вулканска ерупција на Стромболи“
- Детали
- недела, 21 јули 2024
„Во Милацо се запознавме со локален угостител кој беше пријателски настроен и ни раскажа за сицилијанската мафија, нивниот начин на живот“, вели диџеј Мац, кој неодамна со сопругата го посети овој италијански остров.
Марјан Петровски, познат како диџеј Мац, неодамна со сопругата беше на одмор на Сицилија.
Тие првпат го посетиле италијанскиот остров познат по најозлогласената светска мафија, егзотичните плажи, вулканот Етна и специјалитетите со ф’стак.
За тоа како си поминале, кои места ги посетиле и што им оставило најголем впечаток на летувањето, Мац раскажа за CRNOBELO.com:
„Најлесен и најевтин начин да се стигне до Сицилија е преку Тирана.
Ние бевме со автомобил до Тирана, а оттаму до Катанија со авион. Овие летови се секојдневни, а некогаш има летови и двапати на ден.
Само што стигнавме во Катанија, продолживме со автобус до Таормина, каде што престојувавме две вечери.
Ноќевањето за една вечер нè чинеше 80 евра за двајцата, во строгиот центар на градот, буквално на самото шеталиште.
Таормина е едно прекрасно гратче кое изобилува со ресторани, кафулиња, барови и историски локалитети.
Тука ја јадевме највкусната пица наполитана. Во градот пиците се од 10 евра па нагоре.
Но, во Таормина го пробавме и познатиот десерт, каноли, кој не ни остави голем впечаток, затоа што филот од ф’стак беше направен по нивен рецепт.
Таормина, буквално, целата е со розови цветови и многу зеленило по самите ѕидови од зградите или објектите.
Интересни беа и балконите од самите зградички кои беа украсени разновидно.