Дани Ѓуровска за патувањето во Куба со бебе: „Лекови тешко се наоѓаат, пелени продаваат на тезга, а во Хавана е безбедно“
Какви се локалците во Куба? Како реагираа на туристи со мало бебе? Дали се љубезни, гостопримливи?
Насмеани, расположени секогаш да помогнат, но и да заработат на кој било начин.
Давуд беше атракција, едноставно има таква енергија, многу сака да е во друштво.
А, се соочивте ли со некои непријатни ситуации во Куба?
Пак ќе ги споменам локалците, кои за жал се во многу лоша состојба кога станува збор за финансиите, би рекла дека не може ни да ги обвиниме што пробуваат да заработат на секој начин макар да ви наплатат нешто и дупло од неговата вредност.
Треба да сте внимателни, секогаш има простор да се „ценкате“ и да стигнете до реалната цена.
А можеби како една неочекувана, до некаде непријатна и на крајот на денот исцрпувачка ситуација, која од оваа дистанца е и смешна беше самото враќање за Скопје.
Летот ни беше од Хавана-Каракас, Каракас-Истанбул, Истанбул-Скопје. Психички бев подготвена да патуваме подолго поради конекцијата и да чекаме 12 часа на аеродромот во Истанбул после 15-часовниот лет, но не очекував дека ќе се случи да има технички проблем во авионот и да полетувањето од Каракас за Истанбул биде одложено и после чекање од 5 часа во едно место во авионот, нели секако со 7-месечно бебе беше нешто на што не се надевав.
Крајниот исход беше да го напуштиме авионот и да се соочиме со тоа да на аеродромот бидеме „третирани“ како мигранти бидејќи немавме виза за Венецуела, па самата процедура додека се изнајде начин како ќе нè транспортираат до хотелот траеше неколку часа.
По некоја случајност заедно со нас во авионот имаше група на туристи од Македонија и Србија па полесно е кога со некој „свој“ ја делиш „маката“, зарем не?
Нè сместија во хотел меѓутоа не успеавме да се одмориме многу бидејќи имаше само 5 часа до повторно враќање на аеродром.
Утрото само се надевав дека ќе биде сè во ред со авионот и дека ќе полетаме за Истанбул без разлика што знаев дека нè чека пат од 15 часа. За среќа така и беше.
Давуд спиеше во текот на речиси цело патешествие па тоа беше олеснителна околност. Кога слетувавме на аеродромот во Истанбул знаевме дека имаме нецели час и половина за да го фатиме летот за Скопје или да чекаме до следниот лет кој беше за 12 часа од тогаш, а тоа не го прифативме како опција па „истрчавме“ уште еден маратон бидејќи за наша среќа нè пуштија да влеземе во гејтот кој веќе беше затворен откако трчавме од еден до друг крај на аеродромот.
Од каде љубовта за латино танци со сопругот? Го доживеавте ли вистински кубанскиот дух? Би живееле ли некогаш на таква дестинација?
Дени во периодот кога се запознавме сè уште беше активен како инструктор за латино танци. Периодот на пандемијата го „принуди“ да се повлече, но љубовта и пасијата кон танцот можам да кажам дека за него е движечка сила.
Моја вина е што после толку години јас сепак знам само некои основни чекори, но се надевам дека во скоро време ќе успеам да се посветам повеќе да се усовршам.
Во периодот кога бевме, се одржуваше салса фестивал во Хавана на кој имавме прилика да присуствуваме.
Интересно е што локалците многу малку танцуваат латино односно ги знаат само основите на танцот, па се смеевме дека веројатно тоа е исто како кај нас кога некој не би ги знаел традиционалните ора, што е неретко случај.
Секако имаше и танчари кои беа професионалци и вистинска атракција.
Се обидуваа ли луѓето да ве одвратат од намерата да одите на далечна дестинација со бебе? Колку добро бевте претходно информирани за тоа колку е соодветна Куба за со мало бебе?
Гледав неколку влогови, читав статии и тоа ми даде „ветер во грб“.
Ние сме од тие родители кои со бебе од 2 месеци отидоа во Грција на неколкудневен одмор па си рековме зошто да не Куба со неполни 8 месеци.
Најдобрата реплика во „наша одбрана“ кога некој е со став дека можеби не е „паметно“ да се патува на толку далечна дестинација е што сега беше моментот.
Kога бевме целосно флексибилни во однос на обврските од работа, особено јас бидејќи бев на породилно отсуство па решивме да го искористиме тој период за да направиме спомени за цел живот со најблиските.
Дали ја препорачуваш Куба како дестинација за патување со мало дете?
Со сигурност би ја препорачала на некој кој е подготвен да се впушти во авантура. Не може да се очекува класичен одмор каде и да си на светот кога имаш мало бебе, зарем не?
Во Хавана се чувствував безбедно во секој дел од градот, климата беше генерално супер освен деновите во Варадеро кога беше постудено од тоа што очекувавме.
Во однос на здравствена установа, имаше веднаш до нашето сместување во центарот на Хавана, но за среќа не ни беше потребна.
Како што кажав и погоре, лекови многу тешко се наоѓаат, а храна за Давуд понесов од дома бидејќи така ме советуваа и не згрешив.
А кога станува збор за пелени, бидејќи стравував дека нема да имам каде да купам, понесов доволно за да останеме уште еден месец.
Интересно беше кога случајно на улица видовме дека продаваат пелени на тезга, па реално не морав да се грижам толку, но сепак сум за тоа дека подобро е да понесеш сè неопходно за мало бебе.
Дали би се охрабрила на слично вакво патување, без помош од останатите членови од поширокото семејство?
Веројатно да, ова патување беше „тест“ и мислам дека успешно е положен, сега сме подготвени за следна авантура на некоја тропска дестинација во блиска иднина.
Повеќе фотографии од патувањето на Дани во Куба:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
Фото: приватна архива