Стефан и Милан за патувањето на Исланд: „Пржевме колбаси на -10°C под Аурора Бореалис“
- Детали
- недела, 07 јануари 2024
„Се возевме со кампер низ Исланд. Ова е релативно скапа дестинација, но со добро планиран буџет и доза скромност, не осетивме дека сме пропуштиле нешто. Локалците си го започнуваат денот со опуштање во термална вода – термалните бањи се преполни со народ уште во 7 наутро“, раскажуваат Стефан и Милан од Штип за патувањето во Исланд.
Стефан Катранџиски и Милан Димитровски – Папата од Штип се долгогодишни пријатели кои неодамна се вратија од заедничко патување на Исланд.
Стефан, кој на социјалните мрежи е познат како Stefzn е фотограф и филм-мејкер, кој посебно е посветен на планинарење, планинско трчање и возење велосипед. Додека, пак, Милан е форензичар, еден од првите поткастери во Македонија, кој секогаш е отворен за фитнес, учење на нови музички инструменти и „офф-роуд“ авантури.
Во продолжение следува разговор со Стефан и Милан кои со читателите на CRNOBELO сакаат да ги споделат нивните авантури од ова необична островска земја.
Стефан и Милан, неодамна се вративте од едно необично патешествие кое беше пропратено со воодушевувачки пејзажи, вулкани што тлеат, термални бањи, водопади… Како ве пречека Исланд по вашето пристигнување?
Стефан: Кај необично, па и неочекувано… Затоа што имавме комплетно друга замисла за одмор оваа година, и ова се нафрли ептен во „5 до 12“, истиот ден кога сфативме дека нема да можеме да отидеме на посакуваната дестинација.
Милан беше во Кина и немаше поим што се случува, јас му заѕвонив и му кажав дека одиме на одмор на сосема спротивна локација од планираната - Исланд наместо Тајланд, ладно наместо топло, топли минерални води наместо Тајландски Залив, 6 саати дневна светлина наместо 12...
Исланд нè пречека со ниска температура и прилично силен ладен ветер, северен што би рекле ние овде. Само што таму сите ветрови се северни хаха.
Инаку пристигнавме со мала доза анксиозност околу најавената ерупција на вулкан која беше очекувана после низа земјотреси тие денови. Но, и со исто толкава доза на адреналин и возбуда затоа што баш од такви ситуации црпиме инспирација за авантуристички одмор.
Каде бевте сместени за време на патувањето? Како се движевте од една до друга точка на островот?
Бевме сместени во Fiat Doblo, буквално, тоа ни беше кампер возилото со коешто се движевме и спиевме во Исланд. Беше опремено камперски и беше доволно за двајца.
Се разбира, се паркиравме на специјални места за кампување каде што го поврзувавме комбето со струја и така се греевме преку ноќ, а и на ладните утра. Секое кампинг место беше предобро опремено, чисто и добро снабдено.
За многумина Рејкјавик претставува портал, а и почетна точка на спознавање на природните убавини што ретко каде можат да се видат. Што сè ви откри Рејкјавик? Ви се допадна ли?
Рејкјавик ни остави еден уникатен впечаток на така мал, но предобро скоцкан и организиран град каде што сите си живеат некое споро темпо, никој никаде не се брза, и се забележува искрено задоволство од живот на лицата на сите кои живеат и работат таму.
Исполнет беше со неколку интересни архитектонски монументи, но и значајни културолошки настани. Модерен европски град кој потсетува на класичен нордиски стил на живот.
Премногу ни се допадна и дефинитивно е на листата на места кои ги размислуваме за селење во пензија.