Антонио Димоски живее на Бали: „Луѓето се многу фини и добри, но сообраќајот е хаос“
Дали си вклучен во локалната заедница или во круговите на дигиталните номади и странци?
Да, уште од првиот ден кога пристигнав во Чангу, успеав да се вмрежам со голем број дигитални номади кои живеат и работат тука. Има толку многу настани организирани за дигиталните номади, и не може да останеш сам во ниту еден момент, освен ако тоа не е по твоја желба.
Би ја препорачал платформата www.nomeo.io за сите кои сакаат да дојдат на Бали како дигитални номади. Организираат настани за номади кои остануваат подолго од 6 месеци и кои сакаат да запознаат нови друштва и да се вмрежат со луѓе од исти интереси.
Еден од поинтересните настани беше Ноќта на вештерките, организиран од страна на Номио.
Како изгледа еден твој обичен ден?
Хм, се будам најчесто во 5 часот и одам на трчање со клуб за трчање кој го организираат тука. Го пијам првото кафе и појадувам заедно со луѓето од клубот. Се бањам па потоа одам во канцеларија да ги завршам работните обврски.
Најчесто после работа одиме со колегите на една од плажите на зајдисонце и пијалак – перфектен крај на денот. Исто така, после работа најчесто одам и во теретана.
Не сум човек кој се забавува многу, ама преферирам барем еднаш до двапати месечно да излезам во клуб.
Како го поминуваш слободното време?
Сурфам. Најчесто одам во Семињак или Улувату на сурфање.
Бали е домаќин на различни традиционални церемонии и фестивали. Имаше ли можност да посетиш некои од нив?
Да. Имав можност да присуствувам на локална церемонија во храмот Пура Тирта во Убуд. Еден од најпрометните водни храмови во Индонезија, Тирта Емпул, е храм кој се смета за свет од балиската хинду заедница.
Храмот има неколку свети извори за кои се вели дека ги создал богот Индра и се верува дека се со благословена вода што може да ги прочисти оние што се капат таму.
Движењето од една на друга точка на Бали знае да биде посебно доживување. Како се движиш наоколу?
Со скутер. Првиот месец кога пристигнав на Бали, бев скептичен околу тоа да возам скутер, но после 1 месец се навикнав на целиот сообраќај и метеж.
Не е страшно, само е предизвикувачки.