Антонио Димоски живее на Бали: „Луѓето се многу фини и добри, но сообраќајот е хаос“
- Детали
- четврток, 28 декември 2023
„Иницијално требаше да останам само два месеца, но уште првиот ден кога се разбудив во Убуд сфатив дека 2 месеца се малку. Локалната храна е многу поразлична од нашата и многу се јаде ориз. Има и специфично кафе кое се подготвува од изметот на вид мачка“, вели Антонио Димоски од Охрид кој живее на Бали.
Антонио Димоски од Охрид е фриленсер во областа на човечки ресурси и дигитален маркетинг кој веќе неколку месеци живее на Бали. Како обожавател на плажи, сурфање, патување и јога, штом стапнал на Бали, знаел дека неговиот престој ќе биде подолг од прво планираните два месеца.
Во продолжение следува разговор со Антонио кој ни открива за животот на Бали и за сите доживувања што произлегуваат оттаму.
Антонио, како патот те однесе на Бали?
Сè испадна сосема спонтано. Се двоумев дали да одам на Тајланд и да ги истражам дел од островите како Кох Самуи и Ко Пха Нган, но поголеми ми беа можностите да останам подолго на Бали со визата којшто ја имам.
Како и секогаш, букирав карта, зедов виза и заминав без двоумење. Искрено бев скептичен на почеток, затоа што немав никакви очекувања и буквално одам на друг континент не знаејќи што ме очекува. На крај испадна сè како што треба.
Кои беа твоите први впечатоци по пристигнување на Бали и дали се усогласуваа со твоите очекувања?
Првите впечатоци кога стапнав на аеродромот во Денпасар беа прекрасни. Од пречекот на аеродромот, па сè до ресортот во Убуд.
Иницијално требаше да останам само два месеца, но уште првиот ден кога се разбудив во Убуд сфатив дека 2 месеца се малку.
Искрено, дојдов без никакви очекувања. Ова ми е првпат во Азија, првпат на Бали. Кога би имал очекувања, Бали со сигурност би ги надминал.
Индонезија има богата култура и традиција. На кои културни аспекти ти беше најпредизвикувачки да се приспособиш?
На тоа колку се фини и добри луѓето. Имаат богата култура, премногу се фини, расположени и секогаш од помош.
Во првите неколку недели кога пристигнав на Бали, во секој момент мислев дека се крие некоја маска зад истите луѓе, но не.
Имаш ли омилени локални скриени места што ги откри откако се пресели таму?
Се разбира дека да, би го одвоил водопадот Сумампан, кој е лоциран во близина на Убуд. Не е толку туристичко место, има некој посебен мир и спокојство.
Што те инспирира да се преселиш на Бали и таму да живееш и работиш?
Фактот што сум голем обожавател на патување, сакав да искусам нешто поинакво и ново, па се решив да заминам за Бали.
Работата е малку предизвикувачка бидејќи треба да сум понекогаш „тајм-френдли“ со Европа, но тоа не ме запира да уживам во убавините на Бали.