Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а локалците се многу гостопримливи“
Кога сте во пустината сигурно ќе пробате храна подготвена во „Заарб“ или тоа е храна која се пече под земјата во специјално приготвен сад и најчесто вклучува јагнешко, телешко, пилешко, зеленчуци и, нормално, лепеза на арапски зачини.
Штом падне ноќта, тогаш не постои граница помеѓу тоа што е небо, а што земја. Едноставно сè е тука, вие чекорите помеѓу ѕвездите, ѕвездите помеѓу вас. А, пред да изгрее сонцето, се качуваме на камила и јаваме во длабочината на пустината, па кога ќе излезе сонцето чувствуваме како се случува комплетна трансформација на сето она кое „го нема“ околу нас.
Да се плива во солените води на Мртвото Море е едно од оние искуства што секој авантурист би сакал да го доживее. Што најмногу те воодушеви дека се наоѓаше на најниската точка на планетата земја?
430 метри под нивото на морето се наоѓа Мртвото Море, всушност многу големото езеро со најголема концентрација на сол, околу 34%.
Невозможно е да пропаднеш во водата дури и да вложиш напор, само те превртува и прпелка на површината. Големата концентрација на соли и минерали имаат позитивно дејство за кожата и целиот организам, па дури и го препорачуваат за одредени состојби.
15 минути во водата, па мачкање со кал од морето и седење така околу 15 минути, па потоа чистење. Неверојатно искуство, можеш да читаш книга додека си лежиш во водата, баш како на фотографиите од интернет.
Поради големото испарување, проекциите се дека за 30-40 години ќе испари целосно.
Уште што сè мора да се посети за да се има комплетно патешествие од Јордан?
Ал Магтас или местото на крштевање на Исус. За ова место не се зборува, може само да се доживее и не залудно е едно од најважните места на сите духовни аџилаци.
Планината Небо – местото од каде Мојсеј за последен пат ја видел Ветената Земја и од каде може да се види местото каде тој удрил со стапот во карпата за да потече вода. Велат дека се качил на планината и никогаш не се симнал, дека ангелите го закопале кај што никој не може да го најде, за да не му се молат и го величаат него, туку Бог.
Акаба, најјужниот град во Јордан кој излегува на Црвеното Море, прекрасно место за одмор и за крстарење по морето, за нуркање. Прекрасни корали и подводен свет, а кралот има направено и подводен музеј со авион, хеликоптер и различни други возила кои се поставени на дното од заливот.
Какви се цените? Со колкав буџет дневно можеш да поминеш таму?
Цените варираат од место до место, особено кога се работи за туристичките точки каде знаат да претераат. Некој дневен просек за еден човек би бил околу 30-50 евра доколку немате вклучено храна во аранжманот или хотелот.
Еден просечен оброк чини околу 10-15 јордански динари што е околу 12-19 евра. Еден јордански динар е околу 80 денари.
Каков е вкусот на јорданската кујна и кои состојки најчесто се користат?
Хумус, фалафел, пита лепче и многу салати со најразлични состојки и зачини ќе наоѓате на секој чекор. Познат локален оброк е Мансаф, традиционална јорданска храна која се прави од јагнешко, ориз, јогурт и зачини.
Арапската кујна нема да ве остави рамнодушни, а богами нема да ви остави ни простор за благо. Кога сме кај благото – Ќунефе или Канафу, кадаиф и топено сирење прелеани со шербет. Мх, мх, мх…
Како за крај, зошто Јордан за многумина да им биде следна дестинација што ќе ја посетат?
Јордан, барем во мое искуство, никогаш не ми бил на списокот на земји кои сум сакал да ги посетам, но колку сум згрешил еве може да видите од текстов погоре.
Не е земја кај што ќе отидете и ќе може да не правите ништо. Има толку многу да се види и искуси, вистинско место за авантуристи и за секој што има изгледано барем еден филм на Индијана Џонс.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело