Милош Младеновски: „Растев во сиромаштија во Куманово, татко ми работеше во Авганистан, морав да купам карта во еден правец за Норвешка“
Исто така Норвежаните имаат 3 правила:
- „Смеј се што можеш повеќе, бесплатно е“.
- Јантеловен (познат закон од Данска кој Скандинавците го употребуваат многу) – „Каков и да си, колку богат или познат и да си, не си ништо повеќе од мене - пак сме исти“.
- „Не се стресирај за ништо или познатата норвешка изрека“.
Ако некогаш имате шанси да патувате во Норвешка, менталитетот и задоволството на граѓаните од својата држава, можете да го видите и преку графитите на улица.
Тука графитите се: „Смеј се повеќе“, „Биди среќен што се разбуди денес“, „Не заборавај дека си слободен човек“ и мислам дека тоа кажува многу.
Интересен факт е што каде и да одите во Норвешка секоја улица е асфалтирана и никогаш нема да најдете дупки (освен во центар каде минуваат трамваи, па ги кршат улиците што е нормално), но кога станува збор за автопатишта, секогаш е обележано и никогаш нема да видите пукнатини на асфалтот.
Норвежаните се едни од најдобрите луѓе за копање тунели, па затоа тука имате шанса да го видите најголемиот тунел во светот, кој е долг 25 километри.
И да, уште една интересна работа е што Норвежаните се први луѓе во светот кои имаат автопат за пчели, изграден во Осло.
Што ќе ги зачуди Македонците на првата посета на Норвешка?
Природата и фјордовите, бидејќи кога доаѓаш првпат нема да имаш можност да ги видиш внатрешните убавини и функционалноста на државата, па затоа остануваат само визуелните убавини по кои е позната Норвешка.
Каков е јавниот превоз, начинот на функционирање на институциите, хигиената?
Јавниот превоз е феноменален, толку е добро направен што можеш слободно да стигнеш од точка А до точка Б со јавниот превоз во кој било дел на Норвешка, не само во градот.
Внатре се знае, сè е чисто, луѓето знаат како се користат кантите и се знае дека треба да е тишина. Каде и да си, нема да слушнеш Норвежани да викаат, секаде е мирно, во јавниот превоз дури и да шепотиш се слуша.
Какви се Норвежаните како пријатели? Има ли многу дојденци? Има ли Македонци?
Има Македонци, но поголемиот дел се Срби, Хрвати, Босанци но пак има и доста Македонци.
А Норвежаните како пријатели се многу добри, доколку успееш да бидеш нивен пријател - зошто велам доколку успееш? Затоа што Норвежаните не сакаат да се дружат со луѓе кои го немаат истиот менталитет, не сакаат да им се шири негативната енергија и затоа е малку тешко да се биде нивен пријател, но верувајте ми ако еднаш се спријателите со нив, се однесуваат со вас како со брат или сестра.
Мили се и добри ќе ви помогнат на кое било поле и во 3 преку ноќ да ги повикате.
Сепак, сè е до искуство, а како и кај нас има и добри и лоши, има и Норвежани кои се израснати тука, но корените им се од Сирија, Сомалија итн., па многупати знаат да се однесуваат по нивен стил.
Одат ли на кафе средби, каков е ноќниот живот, планинарење, велосипедизам... Како се забавуваат Норвежани? Скапо ли е?
Да, како и секаде со Норвежаните можеш да отидеш на кафе средби, ноќниот живот е многу подобар од нашиот, Норвежаните знаат да се забавуваат, нема кај нив „Што ме гледаш, знаеш ли јас кој сум?“ и слично.
Бидејќи петок и сабота работам по ноќни клубови имам доста можности да видам како се однесуваат и можам да кажам дека има многу случки каде ќе дојдат директори од големи компании, министри и кога ќе им кажеш дека треба да го напуштат локалот - ќе го испијат пиењето кое го имаат набрзина, ќе ти се заблагодарат што си им овозможил сигурна вечер и што се грижиш за нивната безбедност и ќе си заминат, некои и ќе ти дадат број од телефон или профил од социјална мрежа доколку се вклопите во разговорот.
Имало многу случки каде сум исфрлал луѓе од локал и на крај доколку некој се буни, останатите ќе кажат: „Тоа е негова работа, тој е специјализиран за тоа и знае што прави, ако треба на некој да се лутиш, лути се на себе“.
Излегувањето е доста скапо тука, но скапо за нашиот стандард, не за норвешкиот.
Едно пиво е околу 10-12 евра. Еден шот во ноќните клубови е 10 евра, хамбургер е 20 евра, но да бидам искрен со примањата тука, тоа се навистина во ред цени.
Да не заборавам да напоменам и дека данокот во Норвешка е 30-35% и колку повеќе заработуваш, толку поголем данок плаќаш. Тоа е начин да се направи структура, каде нема да има богати и сиромашни, туку средна класа на луѓе, каде секој со каква и да е работа, ќе има шанса да си дозволи одмор, убава облека, јадење и кров над глава.
Исто така, данокот многу зависи и од тоа дали имаш деца, колку си далеку оддалечен од работното место, според тоа колку пари имаш во банката и слично. Но, треба и малку да се запознаеш со нивниот систем и да земеш сè она што Норвешка како држава ти нуди.
Системот и на оние кои се со многу мали примања им овозможува да се во можност да си обезбедат свој стан, иако становите не се евтини, односно во просек од 350.000 евра, па нагоре.
Но, и да си социјален случај, Норвешка ќе ти овозможи да имаш свој стан.