Милош Младеновски: „Растев во сиромаштија во Куманово, татко ми работеше во Авганистан, морав да купам карта во еден правец за Норвешка“
Како се снајде со работа и со вадење на документи?
За работа е доста комплицирано и тешко во почетокот, додека не го совладаш норвешкиот јазик или доколку немаш струка.
Да не заборавам да напоменам дека ништо македонско не е признаено тука.
Сите ми се потсмеваа бидејќи завршив приватен факултет во Свети Николе (Интернационален Руски Универзитет Г. Р. Державин), но него ми го признаа во Норвешка, а сите кои дојдоа со дипломи од Универзитетот Свети Кирил и Методиј можеа да ги слободно фрлат во канта.
Возачки дозволи, легитимации, ништо не е признаено тука, сè мора наново да вадиш, да аплицираш и да полагаш во Норвешка, затоа и не е оваа држава за оној кој не сака предизвици и сака пари и успех по брз пат.
Дали е навистина мрачно и студено како што прво ни паѓа на ум? Каква е климата?
Летото е скоро по 20 часа ден, во одредени денови во јули и август денот трае и по 24 часа.
Максималната температура е до 30 степени, но 30 степени е како кај нас 40.
Зимата е мрачно, точно, но доколку немаш некое хоби во животот, и да живееш на Бали пак ќе ти биде здодевно.
Зимата често одам на скијање, планинарење, фотографирање, и со работа и пријатели времето поминува доста интересно. Просто каде и да си треба да знаеш како да си го исполниш животот со работи кои те интересираат.
Дали навистина толку совршено функционираат како што имаме претстава?
И повеќе од совршено, јас моментално работам во една од најголемите фирми во Скандинавија, каде имаат преку 24.000 вработени и работам на софтвер кој го користат во владата.
Имав шанси да присуствувам на многу места и да видам каков е нивниот начин на работа, верувајте дека тоа не се опишува со зборови и не звучи реално сè додека не го искусите.
Начинот на работа, функционалноста, менталитетот е толку перфектен што кога им објаснувам на пријателите мислат дека ги лажам, бидејќи звучи како да е живот во бајка, а верувајте е, само со македонски менталитет не е.
Што те дочека при слетувањето таму? Какво е соседството во кое живееш?
Ме дочекаа многу подеми и падови во Норвешка, ми требаа 2-3 години да се прилагодам на начинот на живот, бидејќи живеев во Осло, па се преселив во Берген на година дена, па се вратив пак во Осло.
Имав шанси на мојата прва работа да посетам преку 2.000 места во Норвешка во рок од 3 години, вклучувајќи и места во кои влезот не е дозволен за обични луѓе, како на пример норвешката воена база, авиоиндустријата, парламентот, кралската палата, националната банка, место каде се складира златото во Норвешка итн.
Ми беше доста напорно, не ми беше сеедно, но што повеќе време минувам тука, сè полесно и полесно ми станува.
Те посетуваат ли пријателите, какви впечатоци имаат оттаму?
Јас во Македонија имам само тројца пријатели, останатите луѓе ги гледам само како познаници бидејќи многу луѓе и не знаат што навистина значи пријателство.
Неколку луѓе успеавме со еден мој пријател да ги доведеме овде и да успеат исто како и ние.
Родителите ги гледам 1-2 пати годишно, би сакал тоа да е почесто, но некогаш такви се околности и околу мојата и околу нивната работа, па не успеваме многу често да се видиме, но, за среќа, постојат социјални мрежи и видео повици, па се навикнавме на таков живот.
Какви се Норвежаните на поле кариера? Колку се дисциплинирани?
Норвежаните на поле кариера се многу професионално настроени и дисциплинирани, но кај нив важи едно правило, а тоа е дека семејството и ти самиот сте на прво место.
Тука никогаш нема да видиш директорот да ти вреска над глава, да ти врши притисок и слично.
Преку лето имав можност да бидам дел од тоа. Седевме и работевме преку 30 луѓе во канцеларија и излегува сонце, започнува лето, директорот ни вели: „Стопирајте со работа сите, одиме да се прошетаме надвор на сонце, убаво е времето, треба да се подружиме малку“.
Фирмата ни плаќа зимување, летување, барем еднаш месечно излегуваме во дискотеки и барови каде сите се опиваат, смеат и се дружат. Енергијата е толку позитивна и толку се мили, што се трудат да ти помогнат, кога и да можат.
Оние кои го немаат доживеано ова, може ќе кажат: „Овој што зборува? Врска нема!“, се луѓе кои го немаат исполнето својот сон во Норвешка и се дојдени само да работат и да тргаат пари на страна за да имаат да трошат во Македонија.