Марко Џамбазоски: „Сакам да истражувам и да покажам дека Македонија е многу повеќе од Скопје и Охрид“
- Детали
- понеделник, 28 август 2023
Марко Џамбазоски од Скопје со неговиот авантуристички дух постојано ја истражува Македонија. Со посетени повеќе стотици села и природни убавини може да се каже дека ги има откриено и доживеано едни од најубавите места во нашата земја.
Во продолжение следува разговор со Марко кој ни открива за неговите патување низ Македонија.
Марко имаш посебна страст за истражување на македонските села и сета убавина што се наоѓа во нашата земја. Кои места успеа да ги посетиш летово?
Патувањето низ оние помалку познати места во Македонија ми претставува вистински издувен вентил кој ме прочистува од монотонијата која општеството немилосрдно ја наметнува, но исто така ми ја буди креативноста и ме поврзува со природата.
Овие авантури ги практикувам во текот на целата година, а летово се трудев секое наредно патување да ми е во различен предел од земјава. Па така, во западниот дел на Македонија посетив повеќе мијачки села – Гари, Лазарополе, Селце, па еден куп села и природни убавини во источниот дел како Џуџевскиот водопад, Блатец, Владимирово, село Крушево, Нов Истевник, селата во Овчеполието, а секако како летна дестинација не ги пропуштам Топлите Вирови во демиркапискиот предел.
Има уште многу места кои беа дел од летните патувања, а љубопитните можат да го посетат мојот Инстаграм профил @markodzambazoski каде што ги објавувам речиси сите места што ги посетувам.
Што те мотивира да им дадеш предност на помалку познати и оддалечени места, наместо на популарни и добро познати локации во Македонија?
Генерално во животот никогаш не сум бил привлечен од она што се нарекува комерцијала. Па така, оние пречесто посетувани места од кои сме виделе бескрајно многу фотографии што дури нѐ прави да се чувствуваме како веќе да сме биле таму никогаш не ми биле голем предизвик.
Сакам да го вклучувам авантуристичкиот дух и да истражувам, но и да покажам дека Македонија е многу повеќе од Скопје и Охрид и дека поседуваме бескрајни убавини за кои не знаеме ни дека постојат.
Понекогаш тргнувам без никаков план, посетувам случајни места, но никогаш не сум си заминал разочаран.
Можеш ли да ни ги откриеш најнезаборавните искуства од твоите патувања низ Македонија? И кои беа клучните работи за сите тие моменти да ти бидат едни од најдрагите?
Веројатно најубавото чувство е кога ќе пристигнеш до посакуваната дестинација после голем труд.
Ќе раскажам една случка од потрагата по еден водопад во мариовскиот предел, до кој не постоеше никаков прооден пат и каде што веројатно многу долго време не стапнало човечко стапало. Таму природата создала густа шумска завеса од различни видови трње, правејќи го пристапот да изгледа невозможен. Но, тврдоглав каков што сум, решив да не се откажам и влегов во битка со овие боцкави растенија.
Тоа што на чист и прооден пат би било не повеќе од десетминутно пешачење, во мојот случај беше повеќе од еден час, а со секој чекор имав неколку нови убоди од овие боцкави гранки правејќи да се чувствувам како да се борам со некакви прегладнетите месојадци.
Но, непроценливо беше она чувство кога после тешкиот пат конечно застанав пред водопадот, иако со крвави раце и нозе, сепак најважно – со исполнети сетила и духовна исполнетост.
Очигледно е дека истражувањата на македонските села ти претставува посебно задоволство. Знаеш ли колку села имаш посетено во Македонија?
Се работи за стотици села и природни реткости низ цела Македонија. Не би го знаел точниот број, но се трудам сите да ми се педантно обележани на карта.
Кои 5 села секој Македонец би требало да ги посети?
Не постои такво правило, мислам дека секој човек треба да си го следи својот инстинкт. Тоа што за мене е убаво можеби некој друг ќе го доживее сосема различно. Но, би препорачал луѓето да се обидат да ја напуштат својата комфор зона и да го пронајдат тоа што нив ќе ги исполнува и ќе ги прави среќни.
Доколку некој смета дека се пронаоѓа во тоа што јас го правам, слободно нека ме контактира, би ми било драго доколку можам некако да го советувам.
Се разликуваат ли локалците од едно до друго село? Си имал ли некое непријатно искуство со нив?
Иако во секој предел локалците се разликуваат по нешто, сепак има една сличност која е многу важна и сите нив ги обединува, а тоа е нивната гостопримливост.
Мислам дека тоа го нема на други места, особено не на западот.
Невозможно е да отидеш во некое село, а да не бидеш поканет на чајче, домашна храна или ракија која е главен специјалитет во секоја куќа. Никогаш не сум имал непријатни искуства, напротив, од овие луѓе секогаш зрачи пријателско расположение, а може и многу да се научи.