Стефан Маневски живее во Стразбур: „Велосипед е основно превозно средство, рестораните работат само во одредени периоди од денот“
Стразбур е мост кој ги поврзува Франција и Германија, со склоп на средновековно минато и прогресивна иднина. Какво е темпото на живот во Стразбур? Постои ли нешто што ги поврзува жителите на Стразбур? Некоја навика без која не може да се замисли денот?
Градот Стразбур во период од 100 години седумпати се менувал помеѓу Франција и Германија. За време на Светските војни градот преживеал многу катастрофи, но успеал секогаш да го задржи својот уникатен микс на различности.
Тие разлики денес се дел од идентитетот на градот, претставени се во музеите, но и во секојдневниот живот. Алзашаните (жителите на регионот Алзас) се познати по својата посветеност и работливост и добро планирање (некои би кажале германски стереотипи), а од друга страна сакаат квалитетен боемски живот, уживање во секој момент и одржување на добар баланс меѓу работата и слободното време (некои би кажале француски стереотипи).
Живеењето во Стразбур веројатно не може да се замисли без велосипед како основно превозно средство. Градот е претворен во голема пешачка и велосипедска зона, а возилата се забранети скоро насекаде низ централниот дел на градот.
Темпото на живот во градот е поспоро од големите метрополи, но сепак доволно динамично за да никогаш не е здодевно.
Стразбур живее за „аперо“ после работа – пијачки со пријателите низ различните барови и кафетерии, играње на „петанк“ (спорт сличен на боќање во Далмација) или едноставен пикник низ многуте паркови. Французите честопати прават подолги паузи за ручек и вечера за да можат да уживаат во јадењето заедно со пријателите, што е многу слично како кај нас.
Тешко ли е да се вклопиш во француското општество? Кои се најголемите разлики помеѓу Франција и Македонија?
Кога се преселив за Франција никогаш не очекував дека еден ден тука ќе се чувствувам дека сум дома.
Секоја промена на почетокот е тешка, па првиот културен шок се навидум строгите правила на кои секој се очекува да се привикне, како на пример, тоа што времето за ручек е секогаш помеѓу пладне и два попладне, а вечерата е секогаш од седум до девет навечер (во овој период почнува).
Рестораните надвор од овие временски интервали се затворени, односно ако сте гладни во пет попладне, ќе треба да почекате до седум. После некое време ваквата логика на денот станува дел од вашата рутина, па така денес кога мојата партнерка сака да јадеме во пет, јас имам отпор.
Во Франција многу внимание се посветува на дружењето со различни етнички групи, и најчесто се гледа многу негативно ако некој се дружи само со својата етничка или религиска група. Заради тоа, не е воопшто тешко да создадете групи на пријатели од целиот свет за многу кратко време.
Последните десетина години се посветува многу внимание на колективни активности со цел што е можно повеќе луѓе да се запознаат и дружат, па така има многу опции за спортување, планинарење, уметнички работилници, игротеки за друштвени игри и граѓански здруженија каде може да се вклучите и да придонесете во заедницата.
Сите овие опции им се нудат на жителите на градот преку т.н. забави и презентации „rentrée или back to work”, кои се случуваат двапати годишно во форма на саем на плоштадите и јавните места. Таму можете да се информирате за сите опции и да се зачлените во некој клуб или организација.
Франција е најпосетената држава во светот, особено позната по својата гастрономија. Што е она што мора да се проба ако се најдеш во Стразбур? Кои региони на Франција се најинтересни за да се посетат?
Алзашката храна е идеална за во зима, посебно за време на божиќниот пазар. Најпознатиот специјалитет е Flammekueche или Тarte flambée, вид на пица со бел крем, кромид и сланина како основни состојки.
Специјалитетите кои треба да се пробаат се и познатата кисела зелка со свинско месо (или модерната опција со риба), како и различните шпецле или кнепфли, класично јадење од нудли со јајца познато низ цела централна Европа.
Регионот Алзас е светски познат по бело суво и минерално вино, меѓу кои ризлингот е со навистина препознаен квалитет, а гевурцтраминерот е сладок тип на бело десертно вино. Француските вински региони се вистинско уживање и сите нудат одлични можности за дегустација на врвни вина.
Во Алзас секако винскиот пат води преку села од бајките како што се Рибовиле, Риквир, Кајзерсберг и Егесхајм, а секако тука е Колмар со своите средновековни мали улички и неодоливиот шарм.
Во Стразбур има многу развиена култура на занаетчиски пива со микро пивари достапни скоро во секое маало. Од неодамна и јас започнав да учам да правам пиво.
За мене како љубител на добра храна (и вино) најинтересен регион ми е Бургундија, која се наоѓа на 3 часа од Стразбур. Овој регион е еден од најстрого заштитените подрачја за производство на вино и е надалеку познат по својата гастрономија.
За летниот одмор секако од Азурниот брег нема поубаво, со прекрасното сино море, плажите за секој вкус (и џеб) и одличната понуда на културно наследство, настани и гастрономија.
Ница е секако централното место од каде може да почнете со истражувањата, а за една поцелосна слика на региониот тука се и Мантон и Антиб во кои времето застанало пред стотина години во еден несекојдневен баланс на луксуз и уживање.
Не е тешко во овој регион целосно да се исклучите од светот и да се пронајдете себеси, впрочем и Пикасо го има направено истото во неговата резиденција (сега музеј) во Антиб.
Кога е најубав период да се посети Стразбур?
Туристички најдинамично е за Божиќ, посебно од крај на ноември, па до 24-ти пред Бадниковата вечера. Тогаш денот е најкраток, што за оние кои сакаат светлечки декорации за празниците им дава повеќе време да се насладат на изобилството сијалици, фигури и новогодишни елки.
За мене најубав е крајот на мај и јуни поради тоа што денот е најдолг и овој период е исполнет со многу празници и прослави.
Денот на музиката е секако најинтересен од сите неформални прослави. Се слави на 21 Јуни, на денот на почетокот на летото, т.е. долгодневница (летен сонцестој). На овој ден сите музичари настапуваат насекаде низ улиците на градовите низ Франција, а сите други уживаат, играат и се дружат насекаде низ градот до доцна во ноќта.
Практично тоа значи дека околу 200 илјади луѓе во Стразбур се надвор на забава низ централните улички за време на најдолгиот ден во годината.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело