Александар и Стефан: „Во средно ни снемуваше пари, па со автостоп си одевме во родните градови - сега така патуваме низ регионот“
„Од досегашното искуство и научените лекции најдобро место каде што може да се начека превоз се бензинските пумпи, излезите на градот и клучните делници што водат до посакуваната дестинација“, додаваат Александар и Стефан.
Исто така, Александар и Стефан обожаваат да ја истражуваат и Македонија и тоа го прават веќе со години. Велат дека својата земја најдобро се почитува и промовира кога и самите ќе ја прошетате и доживеете на вистински начин.
„Омилените места во Македонија ни се планините и планинарските домови, селата со карактеристична архитектура, старите делови на градовите, водопадите и реките, пештери, места за кампување…
Македонија и тоа како има што да понуди, па затоа се трудиме што е можно повеќе да посетиме природни убавини и истите да ги прикажеме на социјалните мрежи.
Некои од најубавите места можат да се најдат на нашите Инстаграм профили: @photosby_stojchevski и @petrusevski.а“, споделуваат Александар и Стефан.
Периодов посебно се актуелни нивните патувања со ретро колата Застава 101 и со неа сакаат да поминат што е можно повеќе локации низ Македонија.
На планините секогаш наоѓаат мир и релаксација, а одличната дружба додава посебна убавина. Планините ги полнат со енергија за деновите што треба да ги поминат во Скопје.
Кога и да почувстуваат дека имаат потреба од такво внатрешно полнење ги подготвуваат ранците и заминуваат во авантура. Нивните подраги места се планинскиот масив Јакупица како и планинарските домови: Караџица, селото Папрадиште и Богомила.
Ја обожаваат и Шар Планина која го носи епитетот „Швајцарија на Балканот“.
„Кога станува збор за убави места за кампување би ги издвоиле: Пешти на реката Бабуна, езерото Козјак, Лешница на Шар Планина и секако, некое изолирано место покрај Охридското Езеро.
Секогаш кога одиме на кампување шаторот го поставуваме на место кое изобилува со недопрена природа и бујна вегетација. Овие наши патувања добро ги планираме и секогаш сакаме да поминеме со скромен буџет за да имаме простор за повеќе авантури“, откриваат Александар и Стефан.
Во следниот период планираат да продолжат со автостоп, посебно што се изненадени од нивната снаодливост и моментите што се раѓаат од ваков вид на патешествие.
Сакаат со автостоп да ги посетат Балканските земји, како и да заминат на кампување на плажите во Албанија и Грција.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело