Александар и Стефан: „Во средно ни снемуваше пари, па со автостоп си одевме во родните градови - сега така патуваме низ регионот“
- Детали
- недела, 07 мај 2023
Александар и Стефан за време на средношколските денови, како цимери, ограничениот месечен буџет го трошеле за неколку дена. Па, се наоѓале во ситуација кога морале да позајмат пари од некого за да купат автобуски билети, па токму од тие ситуации им се родила желбата и потребата да стопираат до своите родни градови, Пробиштип и Крива Паланка. Тоа им претставувало најекономична варијанта за да се вратат дома. Денес, патувањата со автостоп им се предизвик.
Александар Петрушевски од Пробиштип, студент на Бизнис администрација и Стефан Стојчевски од Крива Паланка, студент на Туризам се дружат веќе 8 години, а нивното пријателство го одржуваат патувањата, авантурите и надминување на предизвиците.
Почетоците на нивното дружење започналe во Скопје, кога живееле во ист интернет и учеле во исто училиште. По две години познанство, станале и цимери и до ден денес тоа не се променило. Тие имаат и заемен договор дека ќе бидат „вечни цимери“, без разлика дали станува збор за кампување, патување или преспивање.
За времето на пубертетските денови ограничениот месечен буџет го трошеле за неколку дена. Понекогаш се наоѓале во ситуација кога морале да позајмат пари од некого за да купат автобуски билети, па токму од тие ситуации се родила желбата и потребата да стопираат до своите родни градови, Пробиштип и Крива Паланка. Тоа им претставувало најекономична варијанта за да се вратат дома.
„Со текот на годините ни се зголемуваше желбата за заедничко патување, а со тоа и идејата дека со автостоп може да се стигнеме до некоја дестинација која сакаме да ја посетиме. На тој начин самото патување би било поинтересно, исполнето со предизвици, нови луѓе, без оптоварување на нашиот буџет. Патувањата секогаш ги планиравме со што е можно помал буџет, а тоа дополнително ја зголемуваше возбудата и авантурата што доаѓаа од тие заеднички патувања“, раскажуваат Александар и Стефан.
На почетокот и двајцата немале големи очекувања, но желбата да се внесе адреналин ги водела цело време и сакале да излезат од шаблонот на удобно патување на кое луѓето се навикнати. Свесни се дека повеќето луѓе на ваков вид на патување гледаат како измачување, а тие стопирањето го доживуваат како уживање и покрај сите предизвици.
„Како прво автостоп искуство би го спомнале нашето одење во Тетово од Скопје, а главната причина беше да јадеме тетовско гравче. Ден пред да тргнеме низ муабет споменавме да пробаме гравче во Тетово, но немавме превоз и прво што ни падна на ум беше автостоп.
Тоа беше навистина магловит ден во Скопје, изутрината со градски автобус се упативме најблиску до автопатот спрема Тетово, откако се симнавме некаде пред Сарај, по кратко пешачење низ обиколницата се најдовме на автопатот.
Немаше ниту 2 минути кога ни застана автомобил кој директно нè однесе до центар на Тетово…“, се присетуваат на нивното прво заедничко автостоп патување.
Неодамна Александар и Стефан со автостоп го посетија и Косово, како држава што е најблиску до Македонија, а истовремено сакале да ја тестираат и нивната снаодливост.
„За Косово сме слушале секакви прикази. Отсекогаш сме сакале лично да дознаеме како живее локалното население, со какви проблеми се соочуваат. Сакавме случувањата од минатото и сегашноста да ги видиме на свој начин и воедно да ги најдеме позитивните страни на оваа земја.
Претходната ноќ бевме на забава во МКЦ, па така спонтано решивме викендот да го посветиме на патување. Спиевме 3 часа и без конкретен план, набрзина се спремивме и со приградски автобус се упативме до автопатот кој води кон Косово.
По еден час чекање нè качи првиот автомобил кој нè остави во близина на граничниот премин Блаце. Немавме конкретно место каде сакаме да одиме во Косово, но Приштина или Призрен ни изгледаа како најдобри опции.
Единствено што ни фалеше беше картон, на кој можевме да го напишеме местото каде што сакавме де се најдеме. По некое време се појави нашиот нов превозник, а со тоа ни ја одредил и дестинацијата – Призрен!
Подобро не ни можеше да започне нашето прво влегување во Косово. Веднаш го заборавивме едночасовното чекање и со свои очи ги засведочивме добрите автопатишта во Косово и чистотата на нив. Искрено очекувавме слика слична како во Македонија, а и доста полоша...
По два часа, стигнавме во Призрен и се упативме во центарот на градот. Па, решивме да го пропешачиме и откриеме. Призрен е главен културен град со богата историја и архитектура, а влијанието на Османлиите е доста впечатливо и поради тоа ни остави најголем впечаток.
Бевме фасцинирани од малите сокаци, големите џамии, примамливиот мирис на храна што доаѓаше од локалните ресторанчиња, опуштената атмосфера низ улиците и тоа дополнително нè мотивираше вечерта да ја поминеме во хостелот „Ура“.
Само што влеговме во хостелот, нè поздравија различни гласови и сфативме дека тие луѓе се нашите нови пријатели.
Вечерта се впуштивме во истражување на ноќниот живот и завршивме во еден клуб каде што се пушташе албанска музика, па решивме да се измешаме со локалците“, раскажуваат Александар и Стефан.
Новото утро за нив двајца значело и нов предизвик. На картон ја напишале својата следна дестинација – Приштина и се упатиле да го најдат најдоброто место за стопирање.
За кратко време се качиле во автомобил кој ги однесол до самиот влез на Приштина и ноќта ја поминале таму.
„Третиот ден предизвикот ни беше да се вратиме во Скопје. Но, овојпат со нас тргна и новиот пријател од Турција што го запознавме.
Имавме среќа што за кратко време најдовме превоз до границата, а од таму и до Скопје. Вечерта се потрудивме да бидеме добри домаќини на нашиот нов пријател“, се присетуваат двајцата и додаваат дека со возачите отвораат различни теми. Од позитивни и негативни страни на општеството, моменталната ситуација, начин на живеење, како и нивните животни приказни и случувања од минатото.