Славчо Николоски: „Румот и латино крвта се гориво кое ги движи Кубанците, а режимот кој ја води Куба го изгладнува народот“
Какви се Кубанците?
Кубанците се многу топол народ, можат од никаде да ти пријдат на улица и да те потпрашуваат од каде си, како си, зошто ја посетуваш нивната земја, што се случува надвор од границите на Куба, и сето тоа од чистината на нивното срце.
Генерално румот и латино крвта се горивото кое ги движи. Исклучиво љубезни и гостопримливи како народ, разиграни и дружељубиви.
Е сега, не е сè розово и нормално има од уличните хастлери кои ќе ти продаваат фејк пури, ќе ти нудат такси, дроги, жени/мажи што да е, и сето тоа една личност.
Ама ни не е сè црно, па ги нема толку многу наоколу и се културни кога ги одбиеш за сè.
Како се снабдуваш со основните продукти додека престојуваш во Куба?
Најголем дел од производите што ги консумирам ги носам од Македонија, но кога треба да пазарам намирници тогаш одвојувам скоро цел ден за да ги набавам основиците затоа што во маркетите знае да се чека и до 2-3 саати во ред.
Постои бел и црн пазар за сè, па најчесто на црн пазар и леб се купува.
Да не разговараме дека маркетите со увозни производи се навидум полни, така што најчесто начекувам празни фрижидери и полици со по еден продукт од почеток до крај, зборувам за истата лименка домати на 5 полици.
Се чувствуваш ли безбеден?
Генерално да, безбедноста според мене доаѓа и од интелектот.
Не можеш да се шеташ низ празни темни улици во 3 часот наутро и да си супер безбеден, тоа не постои никаде во светот.
Куба е полициска држава и туристите се супер заштитени, но сепак некои основни моменти за безбедност треба да се практикуваат секаде, не само тука.
Кои интересни моменти први ти паѓаат на памет кога некој ќе те праша за Куба?
Кога ќе ме прашаш вака, се телепортирам директно на плажа на лежалки под палми и слушам како некој локалец со гитарче како во моментот прави некоја импровизација со песни со нашите имиња.
Ме носи исто по улиците на стара Хавана кај што танцуваат „Моко Џамби“, кај што се игра домино и на ќошот се продава овошје и зеленчук во количка, на фактот дека без бакшиш ни ве-це нема, ми текнува и на зеленилото кое го има преку цела година и дека улиците ниту ноќе не спијат.
Верувам дека има многу што да напишам тука, но истото треба да се доживее.
На што туристите трошат најмногу пари на Куба?
За да не го ставиме на број еден алкохолот, ќе ја ставиме храната.
Затоа што избор огромен за храна и нема, има државни и приватни ресторани.
Во 90% од случаите во државните ресторани нема голем дел од менито за храна.
Приватните ресторани, пак, работат со полн ек затоа што се снабдуваат со продукти од црниот пазар.
Фаст Фуд е концепт кој не постои на Куба со оглед на тоа дека и онака ништо не се одвива фаст.
Што за тебе претставува Куба?
Дома - далеку од дома. Како дел од душава да ми е. Место за кое има уште многу што да се каже и напише, ама комплетно безвредно ако не се искуси.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело