Славчо Николоски: „Румот и латино крвта се гориво кое ги движи Кубанците, а режимот кој ја води Куба го изгладнува народот“
- Детали
- понеделник, 10 април 2023
„Куба е едно магично патување низ времето кај што човек мора да остане со отворено срце за да ја разбере истата. Контрастите се неверојатни, од најодвратната улица излегуваш на најубавиот плоштад. Старите автомобили и мирисот на бензин се посебна институција на Куба“ - раскажува Славчо Николоски кој работи како туристички водич.
Славчо Николоски е роден во Прилеп и отсекогаш сакал да биде доктор, мислејќи дека на таков начин ќе ги лекува луѓето.
Но, во животот навреме сфатил дека патувањето е еден извонреден вид на терапија и лекување.
Слободното време, уште како дете сакал да го поминува во патување, така што во неговите тинејџерски години често се наоѓал себеси во ситуации како на автопат со кренат прст стопира до некоја дестинација.
Големо исполнување му претставуваат и моментите поминати во природа, како и читање книги. На својот Инстаграм профил редовно споделува фотографии од дел од своите патувања.
Во продолжение следува разговор со Славчо кој ни открива за животот во Куба, кои екскурзии и активности им се омилени на туристите, за Кубанците, на што најмногу се троши пари во Куба…
Славчо, пред да ја отвориме Куба како тема, ќе ти поставам прашање. Како започна твојата приказна како туристички водич?
Мојата приказна започна со тоа што, првично сум во угостителските и туристичките води доста време, а долго време работев на крузер.
Барајќи работа која нема да ме обврзе само со една дестинација и ќе можам да патувам флуидно налетав на оглас на туристичката агенција во која работам, и чувството кое ме исполни во тој момент и ми кажа дека тоа е таа работа која јас ја барам, немам начин да го опишам.
Работам скоро година дена и оваа работа е буквално работа од соништата за мене, само што пред да ја почнам не бев ни свесен за тоа.
За овие година дена во кои земји имаш водено групи?
Морам да ја ставам на прво место Куба, затоа што ми го има заробено срцето, дури и мислам дека сум имал некоја скора реинкарнација таму ако тоа веќе постои.
Ја водев Кападокија исто, која не ве остава рамнодушни со својот шарм и прекрасните изгрејсонца.
Малдиви ми се посебно парче рај на планетава земја - локалните острови се еден од најдобрите начини за да не кажете дека на Малдиви е досадно, има толку многу што да се прави, посебно за љубителите на водени спортови.
Исто Дубаи, за кој не бев во некој голем „хајп“, сè додека не го истражив и доживеав. Таа архитектура и испланираност не е реална. Следно на целна листа ми се Занзибар, Тајланд, Бали и да не откривам повеќе.
Куба на многумина им ги има заробено срцата… Но, еве кажи ми лично искуство зошто луѓето што сакаат да патуваат треба да ја посетат Куба барем еднаш во животот?
Куба е едно магично патување низ времето, кај што човек мора да остане со отворено срце за да ја разбере истата. Контрастите се неверојатни, од најодвратната улица излегуваш на најубавиот плоштад. Старите автомобили и мирисот на бензин се посебна институција на Куба.
Се стекнав со некои морални вредности за кои мислев дека треба да помине време, а само требало да се најдам на точните координати за истото да се оствари, ме научи на понизност, благодарност и да го вреднувам сè она кое го имаме ние во Македонија затоа што имаме многу.
Социјалистичките режими се докажало дека не се добри за народот во државите во кои ги има. Но, добро е да имаме еден ваков потсетник за тоа како може животот да е мајка за едни, а маќеа за други.
Една вредна животна лекција е Куба.
Каков е животот на Куба? Постојат ли разлики од еден до друг град, од едно до друго село?
Можам да кажам дека е разнолик, разликите се огромни. Генерално, населението се занимава со која било бранша која е поврзана со туризам, но не секој е надарен да се занимава со луѓе. Животот во градовите како Хавана е многу тежок за локалците, а оние кои живеат во село живеат многу подобро и разликите се очигледни.
Генерално, народот не е некој страшно работлив, па гледаат на сите најлесни начини да заработат пари.
Работните позиции се во 85% од случаите државни, а платите се движат од 20-50 евра, а еден оброк со пијалак во некој ресторан би ве чинел 15-20 евра.
Туристите поминуваат тука како аристократи, а во најчест случај локалците немаат ни за достоен живот. Сума-сумарум контрастите се надреални.
Кои екскурзии и активности им се омилени на туристите?
Дефинитивно „хајлајт“ е возењето со кабриолети олдтајмери, а не може да се исклучат прошетките во стариот град, хотелот „Национал“ и неговото кабаре, посетата на фарма за тутун каде што се учи кои се сите процеси на тутунот до завршен производ пура, прекрасните плажи кои ги нуди Варадеро, магијата која ја има во гратчето Тринидад.
Коктелите кои ги има на секој ќош кои чинат од 2-7 евра зависи од кај си ги купил, ноќниот живот кој не познава старосна граница.
За Куба кружат секакви приказни и верзии. Како политичката и економската ситуација влијае врз луѓето во Куба?
Оваа тема ме допира доста и имам многу што да кажам на истата, ама ќе сведам на минимум и политички коректно.
Режимот кој моментално ја води Куба го изгладнува народот комплетно за да не можат да мислат на ништо повеќе од тоа, кога мора човек да размислува да не легне со празен стомак, на ништо друго не би бил способен да мисли, ни да гледа политика ни да дига бунтови.
И со тоа се прават огромните контрасти кај што имаш буквално „аристократија“ и комплетна сиромаштија.
Затоа што ниеден режим не би функционирал без поддршка од „аристократијата“.