8 совети и трикови за готвење со Air Fryer од професионални готвачи
Можете да го користите за подгревање храна, а наместо алуминиумска фолија, можете да користите парче леб за впивање на мастите кога готвите мрсна храна како сланина – неколку готвачи споделуваат трикови и совети за Air Fryer.
Апаратот за готвење на топол воздух, или Air Fryer, е еден од најгенијалните кујнски апарати што се појавиле во изминативе неколку години.
Покрај тоа што овозможува приготвување поздрави оброци, без многу масло, и самото готвење е многу полесно, а истото важи и за чистењето.
За Insider, неколку професионални готвачи ги споделуваат нивните совети и трикови за готвење со Air Fryer:
Одберете го моделот според вашите потреби
На пазарот можете да најдете модели со секакви големини, па важно е да размислите кој модел најмногу ќе ви одговара вам.
Ако живеете сами, воопшто нема потреба да купувате голем, поскап Air Fryer – и најмалиот модел ќе ви врши добра работа. Истото важи и ако живеете само со една личност.
Од друга страна, ако во семејството има тројца или повеќе членови, вреди да дадете повеќе пари за поголем модел бидејќи, очигледно, собира повеќе храна, но и чистењето ќе ви биде многу полесно.
За крцкава храна, додајте масло среде готвењето
Една од најголемите придобивки од овие апарати е тоа што можете да готвите без масло.
Но, ако сакате уште покрцкава храна, нема да погрешите ако додадете малку масло кога храната е зготвена до пола.
Ова е сосема мала количина која нема да ви предизвика проблем дури и ако избегнувате масло, а сепак може да направи голема разлика.
Но, не додавајте масло додека храната е во апаратот
Ако сакате да додадете масло, мора прво да ја извадите храната, да го ставите маслото, па потоа да ја вратите и да продолжите со готвење.
Ако додавате масло во самиот апарат, со текот на времето тоа ќе се наталожи и ќе си отворите многу работа за чистење. Moже и да премачкувате со четка.
Протресувајте ја храната додека се готви
Нема потреба да ја мешате храната во Air Fryer, но препорачливо е одвреме-навреме да ја протресувате корпата.
На овој начин храната ќе се зготви порамномерно.
Ова е особено корисен трик кога готвите мали парчиња храна, како помфрит или исечен зеленчук.