Распадната торта, недопечена пита: Трикови како да ги „спасите“ уништените јадења
Добро позната ситуација – пробувате нов рецепт, вложувате многу труд и на крај резултатот е уништено јадење и разочараност.
Дури и на најискусните готвачи им се случува да утнат нешто во готвењето, а да не зборуваме за оние кои првпат експериментираат во кујна.
Но, не секое уништено јадење треба да се фрли. Не се откажувајте веднаш, бидејќи некогаш може да импровизирате и да го искористите на друг начин.
Распадната торта, загорен зеленчук, недопечена пита – за сè има решение.
Во продолжение неколку трикови со кои ќе ги спасите уништените јадења:
Ако тортата или колачот се распаднат
Исечкајте ја на мали парчиња и сервирајте ја со шлаг и овошје во стаклен сад или чаша.
Ако зеленчукот загори
Малку загорениот зеленчук при пржење не треба да го фрлите, бидејќи може да го сервирате како додаток. Во медитеранската кујна, ова е одлично дополнително јадење во комбинација со маслиново масло.
Ако тортата или питата не се испечени добро
Питата која има добиено кафеавкаста боја одозгора, но не е добро испечена внатре, наместо да ја фрлате, премачкајте ја со млеко и покријте ја со хартија.
Ставете метален сад со вода на дното на рерната и ставете ја питата одозгора да се допече.
Ако сте купиле жилаво месо
Ако мислите дека месото и по печењето ќе биде уште жилаво, тврдо и тешко се џвака, може да го омекнете на три начини наместо да го фрлате:
- Пресечете на парчиња било какво овошје (круша, јаболка, ананас). При печењето, ставете го месото заедно со парчињата овошје. Тие ќе пуштат сок и месото ќе биде помеко.
- Оставете го месото да кисне во сок од лимон 30 минути за да биде помеко. Истото може да го направите и со оцет, но така ќе треба да стои цела ноќ.
- Може да го оставите месото да постои 10 минути и во Coca Cola, а потоа тргнете го, малку исушете го и испржете го со бибер.
Ако кремот или филот е многу редок
Ако кремот е малку варен, ако има премногу течност и е многу редок, тогаш додадете брашно, ставете го малку во фрижидер или ставете го уште малку на оган за да се згусне.
Како да спасите изгорена торта или пита
За да не ја фрлате питата која има малку загорена кора или да не се засрамите, наросете ја со шеќер во прав.