Пет најголеми заблуди за вегетаријанската исхрана
Луѓето денес сакаат да си го пикаат носот секаде и да им судат на оние кои не избираат како нив, па дури и на оние кои се хранат поинаку.
Исхраната е право на избор на секој човек и тоа не треба да биде причина некому да судиме или да го обвинуваме дека не прави добро за себе. Во време кога многу повеќе луѓе се решаваат на вегетаријанска или веганска исхрана, уште толку повеќе приговараат на нивниот избор.
Голем број традиционалните трпези на многу народи се незамисливи без месо и кога некој ќе реши да го исфрли од својата исхрана, најчесто наидува на следниве констатации:
Вегетаријанците не добиваат доволно белковини
Наместо месо, во својата исхрана тие имаат поголеми количини житарици, зеленчук и мешунки. Постојат доволно намирници за да се подготви избалансиран вегетаријански оброк, а со оглед на тоа што е исклучено само месото, доволно протеини се добиваат и од млекото и јајцата.
Во вегетаријанската храна нема калциум
Многу често, неупатените луѓе мислат дека вегетаријанец и веган е исто. Но, не е така. Вегетаријанците во својата исхрана имаат и млечни производи, а калциум може да се најде и во јатките, мешунките, сушеното овошје и листестиот зелен зеленчук.
Вегетаријанците немаат избалансирана исхрана
Житариците, мешунките, листестиот зеленчук и овошјето се доволни за да се искомбинира еден избалансиран оброк. Од друга страна, постојат многу медицински наводи дека црвеното месо го зголемува ризикот од срцеви заболувања, дијабетес, остеопороза и други болести.
Човечкото тело е предодредено да јаде месо
Иако во текот на еволуцијата сме станале сештојади, нашите далечни предци, човеколиките мајмуни, биле вегетаријанци. Нашата уста и вилица се премали за да откинуваме големи парчиња месо, па затоа го готвиме, го ситниме и го јадеме во помали залаци.
Вегетаријанството не е за деца
Иако е препорачливо децата да ги имаат сите хранливи намирници во своето дневно мени, всушност нема конкретни докази кои би покажале дека вегетаријанството би им наштетило на каков било начин.
Е. Д. | Црнобело