Зошто сечканиот зеленчук е поздрав за јадење?
Дали сте знаеле дека начинот на кој што го подготвуваме зеленчукот може да ја зголеми неговата нутритивна вредност?
Најновите нутриционистички тврдења се дека, за разлика од блендираниот, зеленчукот сечкан на парчиња всушност може значајно да ги зголеми здравствените придобивки од неговото консумирање.
Сечењето на некои видови на зеленчук – особено целер и зелена салата може да ја зголеми нивната содржина на полифенол. Теоретски, повисоките нивоа на полифеноли се подобри за нашето здравје. Тие сочинуваат голем број антиоксиданси за кои се смета дека помагаат при заштита од воспаленија.
При сечењето на парчиња се задржуваат поголем дел од растителните влакна, но и се ослободуваат здрави ензими благодарение на кои што се подобрува варењето во желудникот. Така, на пример при сечкање на морковот на парчиња, нивоата на полифенол се зголемуваат за речиси 200%.
Важно е само да не се остава зеленчукот долго да стои надвор исечкан, бидејќи ќе започне процес на оксидација наречен ензимско темнеење. Ваквата хемиска реакција можете најлесно да ја забележите при потемнување на сечканите компири, но и кај некои видови овошја како јаболката, бананите и авокадото. Во принцип ова се случува благодарение на ензимот полифенол оксидаза кој што ги уништува полифенолите.
Ладењето може да помогне при забавување на процесот на потемнување, од причина што ниските температури ги забавуваат хемиските реакции, но исто така може да го забави и менувањето на текстурата на овие намирници.
Исто така важно е да се напомене дека сечкањето на зеленчукот може да го промени неговиот вкус и тоа е така поради тоа што полифенолите имаат малку горчлив вкус кој не го сака секој.
Сечкањето исто така може да влијае и на текстурата на зеленчукот, бидејќи раздвојувањето на клетките ги ослободува другите ензими, што може пак да доведе до распаѓање на стуктурата на производот.
Па така, доколку треба да направите избор помеѓу салата или смути/пире од зеленчук, одлучете се за салата. На овој начин ќе ги внесете потребните количини на витамин Ц, калиум, полифеноли и антиоксиданси, кои го подобруваат имунитетот.
Секако, најважно од сѐ е да исечете онолку зеленчук колку што можете да изедете, бидејќи и покрај нутритивната вредност, доколку долго време го чувате вака подготвен, тој може да изгуби и до 55% од хранливите состојки за само еден до два дена.
С. У. | Црнобело