4-слојна чоколадна киндер торта за која не ви треба печење
Во топлите летни денови ретко кој е расположен за печење, но тоа не значи дека не сакате да се засладите со вкусен десерт.
Оние кои се љубители на готвењето нема да одолеат на оваа чоколадна торта во 4 слоеви за која не ви е потребно печење.
Лесно се подготвува, а ќе уживате во чоколадниот вкус, збогатен со бисквити.
Потребни состјки:
За основна смеса:
- 240ml вода
- 100g шеќер
- 1 ванилин шеќер
- 400g млеко во прав
- 250g путер на собна температура
Прв слој – подлога
- 100g мелени бисквити
- 100g мелени ореви
- 6 лажици млеко
Втор слој
- 100g чоколадо за готвење
Трет слој
- 100g бело чоколадо
Четврти слој
- 2dl слатка павлака или сматен шлаг
Начин на подготовка:
Сварете ја водата, заедно со шеќерот и ванилиниот шеќер. Тргнете од оган и постепено додавајте го млекото во прав, притоа постојано матејќи со миксер.
Додадете го и путерот и измиксирајте сè за да се добие соединета и мека смеса.
Од оваа смеса, издвојте 200g и додадете ги во неа бисквитите, оревите и млекото. Измешајте ги добро состојките и распоредете во калап со пречник 20cm. Оставете во замрзнувач неколку минути додека го подготвувате вториот слој.
Чоколадото за готвење стопете го и соединете го со половина од преостаната смеса со млеко во прав. Мешајте додека не се добие кремаста смеса и прелијте врз слојот со бисквити. Вратете во замрзнувач уште неколку минути.
Белото чоколадо стопете го и соединете го со преостанатата смеса со млекото во прав. Соединете ја смесата и распоредете ја врз слојот со темно чоколадо.
Оставете ја тортата неколку часа во фрижидер да се стврдне, а потоа одозгора ставете шлаг и послужете.
М. М. | Црнобело