Рецепти за 8 нови и вкусни пијалаци кои ќе ве освежат оваа пролет
Штом живата во термометарот започне да се искачува и да го надминува 20-от степен, веќе сите сме во потрага по рецепти за пијалаци кои се вкусни, освежителни и привлечни за око кога ќе ги послужиме.
Но, наместо да посегнете по вештачки засладените сокови кои повеќе ќе му наштетат на вашето тело отколку што ќе освежат, зошто да не си подготвите сами пијалаци кои ќе ги приспособите на сопствената желба и расположение?
Ова се 8 идеи кои вреди да ги искористите кога деновите ќе станат подолги и потопли:
1. Сок од краставица и лимон
Состојки:
- 1 лимета
- 2 краставици
- 1 голем портокал
- мед по вкус
- нане според вкус
- 1 литар минерална вода
Начин на подготовка:
Ставете ја едната краставица во блендер а другата исечете ја на кругови. Исцедете го сокот од портокалот и лиметата. Ставете ги краставиците, исцедениот сок и медот во поголем бокал и убаво измешајте. Додадете ја минералната вода и декорирајте со свежо нане.
2. Сок од круша и жалфија
Состојки:
- 10 лисја свежа жалфија
- 1 лимета
- 250 ml сок од круша
- 250 мл минерална вода
- 1 круша
- мраз
Начин на подготовка:
Исечете ја лиметата на тенки кругови, а крушата на коцки и ставете ги во бокал. Додадете ја жалфијата претходно изгмечена со виљушка. Иситнете го мразот и додадете го во бокалот, налевајќи минерална вода и сок од круша.
3. Сок од грејпфрут и цимет
Состојки:
- 500 мл сок од грејпфрут
- 500 мл минерална вода
- 1 чаша вода
- 100 гр. шеќер
- 2 стапчиња цимет
- 1 семе од анасон
- свежо нане
- мраз
Начин на подготовка:
Ставете ги шеќерот, водата и циметот во тенџере и направете сируп. Вријте 5-10 минути односно додека шеќерот не се стопи. Оставете да се излади. Измешајте ги сокот, сирупот и минералната вода во бокал. Додадете мраз и украсете со нане и семе од анасон.
4. Енергетски сок од лимон
Состојки:
- 5 лимони
- шеќер по вкус
- 1 литар минерална вода
- нане
- мраз
Начин на подготовка:
Исцедете го сокот од четирите лимони. Исечете го последниот лимон на кругови. Измешајте го сокот и шеќерот во тегла и мешајте додека шеќерот не се стопи целосно. Додадете ја минералната вода и парчињата лимон. Послужете ја лимонадата со мраз и нане.
5. Сок од јаболко
Состојки:
- 1 литар сок од јаболко
- нане
- 100 мл сок од лимон
- 1 лимон
- мраз
Начин на подготовка:
Исечете го лимонот на кругови. Измешајте ги сокот од јаболко и сокот во лимон во бокал. Додадете ги парчињата лимон, нането и мразот. Послужете го пијалакот со парчиња јаболко.
6. Сок од зеленчук
Состојки:
- 1 литар минерална вода
- шеќер по вкус
- 3 краставици
- 1 голема пиперка
- 1 лимета
- 3 лимони
- нане
- мраз
Начин на подготовка:
Исечете ја пиперката и двете краставици и испрскајте ги со шеќер еден час пред подготовката на сокот. Исечете ја третата краставица на кругови. Истото направете го и со еден лимон. Изрендајте ја кората на лиметата и исцедете го сокот. Потоа исцедете ги и другите два лимони.
Ставете го нането во бокал и попрскајте го со шеќер. Додадете ја кората од лимета и парчињата лимон, краставица и пиперка додека сè уште имаат влажност. Додадете ги сокот од лимета и лимон и минералната вода. Додадете иситнет мраз. декорирајте ја чашата за послужување со парчиња лимон и краставица.
7. Сок од ананас
Состојки:
- 1 литар вода
- 1 лимон
- 200 гр. шеќер
- 1 конзерва ананас заедно со сокот
- нане
Начин на подготовка:
Ставете ја водата во тенџере да зоврие. Изрендајте ја кората од лимонот и исцедете го сокот. Додадете го шеќерот во водата и оставете да врие додека не се стопи. Потоа додадете ја кората од лимон и тргнете го тенџерето од оган. Ставете го сирупот во бокал. Додадете го сокот од лимон и ананас.
Исечете го ананасот и додадете го во пијалакот. Оставете да се излади на собна температура па ставете го во фрижидер. Декорирајте со парче свеж ананас.
8. Сок од јагоди и свежи билки
Состојки:
- 1/2 лимон
- 1/2 лимета
- нане и естрагон
- јагоди
- шеќер по вкус
- 1 литар минерална вода
- 100 ml вода
- мраз
Начин на подготовка:
Исцедете ги лиметата и лимонот во тегла, заедно со кората. Исечете ги јагодите на половини. Додадете ги јагодите, билките и шеќер по вкус. Додадете жешка вода и оставете овошјето и билките да отстојат за да добијат вкус и арома. Извадете ги корите и оставете пијалакот да се излади. Додадете минерална вода и мраз и декорирајте со кругови лимета.
М. С. | Црнобело