„Ја пробав диетата на Викторија Бекам - постојано бев гладна, нервозна и се здебелив“
„Првите денови бев прегладна, а уште шестиот ден почнав да губам мотивација. Потрошив многу пари, а кога видов дека сум се здебелила, веднаш се откажав“ – вели новинарката која пробала 7 дена да се храни како Викторија Бекам, која 25 години јаде само со риба на скара и зеленчук на пареа.
Дејвид Бекам беше актуелен во медиумите откако даде изјава дека неговата сопруга Викторија, 25 години постојано го јаде истиот оброк.
Поранешната членка на Spice Girls важи за модна икона, а ова беше првпат да имаме можност да откриеме во што е тајната за нејзиниот изглед.
Дејвид во гостувањето во поткастот River Café Тable 4 изјави:
„Станувам емотивен за храна и за вино. Кога јадам нешто вкусно сакам сите да го пробаат, но за жал, во брак сум со некого што постојано го јаде истиот оброк 25 години.
Откако ја запознав Викторија таа јаде само риба печена на скара и зеленчук подготвен на пареа. Многу ретко прави отстапки“ – рече Дејвид.
Викторија во минатото говореше дека здравиот начин на исхрана ѝ помага да се одржи во форма, но и за беспрекорен изглед на нејзиното лице што е склоно на акни.
Новинарката Дијана Боурн се обидела една недела да се придржува до диетата на Викторија, а своето искуство го пренесува во статија за Manchester Evening News.
Во продолжение проследете го нејзиниот текст во целост:
„Исто како Викторија и јас сум зафатена, вработена мајка во 40-тите години и почнав да се прашувам како би изгледало да јадеш само риба и зеленчук толку долго време.
Се прашував, ќе издржам ли една недела?
Како жена што постојано си игра „јо-јо“ со килограмите, навикната сум на тоа да се држам до здрав начин на исхрана, иако сè уште не сум го нашла тој еден начин што ќе ми помогне да бидам истрајна и да не посегнам по кутијата со колачиња.
Можеби рибата на скара и зеленчукот ќе ми помогнат?
Постоеше само еден начин за да дознаам, па се упатив да купам риба и зеленчук за една недела и да видам како ќе се чувствувам – дали лесно ќе се придржувам до оваа диета.
Додека мултимилионерите Бекамови може да изберат највкусни деликатеси од риба што може да се најдат во океанот, јас се упатив во локалниот маркет.
По малку наликував на стара бабичка на која ѝ се крева косата од цената на јагнешкото месо, а останав засрамена кога ги видов цените на рибата.
Како мајка на две мали момчиња, моите оброци со риба се сведуваат на јадење „рибји стапчиња“ и варен грашок, што не е соодветно на рибата на скара и зеленчукот подготвен на пареа до кој се придржува Викторија Бекам.“
„Пораснав во дом каде риба се јадеше само во петок и сега сфаќам зошто бевме ограничени на само еден таков оброк неделно. Многу е поскапа од пилешкото и од црвеното месо.
Секако, за овој експеримент требаше да купам риба што ќе ја печам за ручек и вечера секој ден, цела недела.
Со оглед на тоа што имаше акција за чаден лосос, одлучив дека тоа ќе биде мојот избор за оброк.
Одлучив во поглед на зеленчукот малку да ги зачинам работите, па купив повеќе разновидни зеленчуци за варење, но и салата за деновите кога знаев дека нема да имам време да останам во кујната.
Потрошив неверојатни 50 евра само за мојата риба и зеленчук, без да ги купам работите што ми се потребни за домаќинството и храната за останатите членови во семејството.“
„Најтешко ми беше кога во средата останав без риба, па морав да се вратам во маркетот и да докупам продукти за да продолжам со мојот експеримент во текот на целата недела. Овојпат купив смрзната риба, за која потрошив уште 18 евра.
Бидејќи Дејвид не кажа што јаде Викторија за појадок, претпоставив дека најверојатно не е риба и зеленчук. Се знае дека таа сака смути од овошје и зеленчук, па продолжив да го консумирам мојот вообичаен појадок од свежо овошје и јогурт со ниска масленост.
Викторија во минатото изјави дека понекогаш знае да се почести со тостирано лепче од цело зрно пченица со малку сол и дека сака да пие добро вино со сопругот, па одлучив да не се откажам од овие задоволства.“