Кај Моника дома: „Огледалото во тоалетот ми е погодок, но црниот кујнски мијалник ми е промашување“ (фото)
„Погодок ми е креветот во спалната соба што го купивме со механизам и има простор за складирање, кој собира многу работи, а голема грешка ни е тоа што во дневната соба не ги скривме каблите зад телевизорот“, вели 28-годишната Моника за својот стан во Карпош.
Моника (28), сопруга на Славчо и мајка на Стела, е вечен вљубеник на внатрешното уредување. Со семејството живее во стан во Карпош, во кој се преселиле пред точно три години.
Идејата за уредувањето им била домот пред сè да е естетски функционален и лесен за одржување.
Моника за CRNOBELO.com споделува кои се најпрактичните и најфункционални работи кои ги направила при уредувањето на домот, а кои најнепрактичните:
„Кујната е со минималистички и едноставен дизајн. Во форма на буквата „Г“, и со елементи од под до плафон – полн погодок бидејќи има доволно простор за складирање и е лесна за чистење.
Сите столбови и вертикални инсталации вешто успеавме да ги камуфлираме со функционален дел од мебелот, конкретно во кујната – со затворени плитки скриени полици.
Најголема грешка ни е тоа што долните елементи не се фиоки туку обични шкафчиња. Сметам дека прегледноста во фиоки е многу пофункционална, но и вака се снаоѓаме секогаш да е уредно.
Нешто кое по естетика, дизајн и функционалност ни е одлично замислено се вратичките и фиоки без рачки. Кујната е изработена од светол мат медијапан и е навистина лесна за чистење и одржување.
Нешто што особено го погодивме е позадината од пескарено стакло бидејќи се чисти буквално за 5 минути, а скриената лед-лента е најпрактично решение за готвење и секогаш изгледа минималистички и фино во просторот.
Најголема грешка е што купивме црн мијалник и батерија, бидејќи иако изгледаат модерно, многу тешко се справуваме со одржување поради бигорливата вода и остануваат бели дамки.