Создадете совршена енергија во кујната со помош на Фенг-шуи техниката
За некои, кујната е местото каде што со задоволство поминуваат најголемиот дел од времето. Но, таа може да стане и уште попријатно и поубава просторија во домот, доколку примените неколку едноставни Фенг-шуи совети и ја избалансирате енергијата.
Се верува дека Фенг-шуи, древната кинеска вештина на живеење и уредување на просторот, може да донесе рамнотежа и мир во животот. Доколку правилно ги уредите собите во домот, ќе внесете успех, здравје, изобилство и среќа во сопствениот живот.
А зошто не би започнале од кујната?
Исфрлете ги непотребните работи
Сè што не користите подолго време, слободно фрлете го или подарете го некому доколку е во исправна состојба. Старите скршени или излупени, како и пластичните садови и расипаните кујнски апарати треба да ви бидат на врвот на листата за фрлање.
Тие внесуваат лоша енергија и неред во вашиот живот. Воедно, фрлете ги и производите од фрижидерот чиј рој на употреба е веќе истечен.
Исчистете го шпоретот
Нека рерната и ринглите заблескаат во вашата кујна. Од шпоретот конкретно извира целата енергија на просперитет, па многу е важно тој да биде совршено блескав и чист, како и енергијата во кујната.
Ослободете го просторот на фрижидерот
Магнети, разгледници, писменца со посвета или стикери со некој потсетник што треба да се купи… доколку надворешниот дел на фрижидерот ви е во неред, не е никакво чудо што и вие се чувствувате растревожени.
Поради ова посегнувате по храна од фрижидерот, дури и кога не сте гладни. Извадете ги сите работи кои се залепени на вашиот фрижидер, освен можеби неколку мотивациски цитати или драги фотки.
Листата на работи кои треба да се купат или направат преселете ја на внатрешната страна на вратничката од кујнскиот елемент.
Скријте ја кантата за ѓубре
Никако не ставајте отворена канта за ѓубре во кујната и не ставајте ја во видното поле. Доколку имате услови скријте ја под садоперот.
Отворената канта која стои на виделина привлекува неред и во вашиот живот.
Наполнете чинија со свежо овошје
Ова симболизира успех и благосостојба, па поставете ја чинијата на шанкот или на масата, но внимавајте површината да е чиста.
Пронајдете место за билките
Теглички со свежи и сушени зачини, цвеќе или која било друга билка во кујната е сосема добредојден додаток кој внесува многу позитивна енергија, а ќе ја почувствувате веднаш штом ќе му пронајдете место на растението.
Не ги избегнувајте боите
Колку повеќе бои во кујната - толку подобро. Како и билките, така и боите се задолжени за внесување добра енергија во кујната и воопшто – во вашиот живот.
(О)Милена | Црнобело